Русија им одговори на САД : повлекувањето од договорот е опасно

На одлуката на Трамп реагираше Путин , како и  високи руски функционери кои а критикуваа денеска одлуката за повлекување на САД од договорот за ракетно разоружување од 1987 година. 

Рускиот претседател Владимир Путин ќе побара објаснување за најавеното повлекување на САД од договорот за контрола на вооружувањето . На последиците предупредува и Берлин , додека Лондон застана на страната на САД .

,,Ова би бил многу опасен чекор.” , изјави заменик министерот за одбрана , Сергеј Рјабков. Русија бара од меѓународната заедница да го осуди потегот на Вашингтон.

Трамп претходно најави дека САД еднострано ќе се повлечат од договорот за забрана за производство и користење на ракетно оружје од краток и среден дострел , бидејќи Русија со години го крши.

Овој договор е потпишан од претседателите Реган и Горбачов во 1987 година. 

Турција на 10 години затвор осуди судија , добитник на европска награда за човекови права

Судот во Турција го осуди на 10 години затвор судијата Мурат Арслан, добитник на европска награда за човекови права .

Судот го осудил судијата за поврзаност со мрежата на дисидентот Фетула Ѓулен , кој се смета за главен организатор на државниот удар во Турција во 2016.

Судијата Арслан , кој веќе 22 месеци е во притвор, е осуден за припадност во вооружена терористичка организација , како и за користење кодирана апликација за шифрирани пораки,  ByLock.

Арслан ја одби осудата и рече дека сите докази се фабрикувани. Оваа апликација наводно се користела за комуникација меѓу приврзаниците на Ѓулен. До сега во Турција се приведени 77 000 луѓе .

Судијата Арслан , додека бил во притвир , во 2017 е добитник на наградата на Европскиот Парламент ,,Вацлав Хавел” за човекови права.

Арслан е поранешен претседател на турскиот синдикат на судии и обвинители , организација која била укината веднаш по неуспешниот државен удар.

Следната недела Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент

Договорот од Преспа ќе биде ставен на гласање во грчкиот парламент кон крајот на следната недела, соопшти денеска претседателот на собранието, Никос Вуцис. 

Според него, спогодбата прво ќе мине во надлежните собраниски комисии, по што како што изјавил за новинарите, ќе кулминира со дебата на пленарна седница. Дотогаш, Владата на Ципрас планира да ги информира граѓаните за содржината на документот. Веќе почна печатењето на десетици илјади копии од Договорот, кој во недела ќе биде објавен во изданијата на неколку грчки весници.

-Главниот фокус на грчката влада е да ги убеди пратениците, но и јавноста во однос на терминот националност, дека националноста се однесува исклучиво на државјанството. Втората работа е да укаже дека овој договор ќе биде одржлив, вели Константинос Филис, професор по меѓународно право

Во меѓувреме, лидерот на опозицијата Мицотакис го отфрли барањето на Ципрас за ТВ дуел со единствена тема Преспански договор и побара соочување на избори.

-Имаме предлог за него: нека распише сега, веднаш избори и на предизборните дебати, граѓаните ќе донесат свои заклучоци. Тогаш, Парламентот што ќе произлезе од изборите со одлука на граѓаните, да одлучи за ратификација или отфрлање на Договорот од Преспа, се вели во соопштението на Нова демократија.

Ципрас во моментов има 149 сигурни гласа, но бројката сосема извесно ќе порасне, откако центристичката Река соопшти дека ќе застане зад документот. Со нејзините пет пратеника, мнозинството би можело да достигне и 156. Во недела во Атина во 14 часот е најавен голем протест против Договорот од Преспа.

Скопјани со децении живееле во близина на неексплодирана бомба

Скопјани со години живееле во близина на авионска бомба тешка дури 250 килограми. 

Експлозивната направа за која од дирекцијата за заштита и спасување велат дека е најголемата до сега откриена во скопскиот регион е од Втората светска војна. Таа била откопана за време на градежни работи во центарот на Скопје кај старата железничка станица а потоа била транспортирана до стариот пат кон скопско Батинци, каде се врши дотурот на земја и истурена со останатиот материјал.

Материјалот кој се исфрла на стариот пат кон селото Батинци редовно се пребарува за старо железо од граѓаните близина, кои велат дека не знаеле за што станува збор кога прв пат ја здогледале експлозивната направа.

Според нивното сведоштво, откако неколку пати  ја силно ја удирале за да ја отворат, еден од постарите жители на селото забележал дека станува збор за експлозивна направа и веднаш ја алармирал МВР. Операцијата за нејзино отстранување траеше повеќе од еден час, заради непристапноста на самиот терен и дотурот на земја кој се врши на тоа место. За нејзиното отстранување, се направи и посебен пат, а бомбата со полициска придружба потоа се упати кон воениот полигон Криволак, каде се очекува да биде детонирана. Бомбата се верува дека е од бомбардирање на Скопје во втората светска војна кое се случило на 6 април 1941 година. Во таа прилика биле бомбардирани сите поголеми градови на тогашното Кралство Југославија, а особено настрадал патната и железничкиот сообраќај.

притисни ентер