Во Прилеп се одржува меѓународното рели „Macedonian trophy 2018"

Со атрактивната ноќна трка синоќа почна третото по ред „Македонско трофи („Macedonian trophy"), кое денеска и утре ќе се одвива на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово и низ околината на Прилеп. 

Околу 240 рели возачи од Бугарија, Црна Гора, од Србија, Косово и од Македонија ги возат возбудливите етапи и трки.

Според Панче Чупаркоски претседател на клубот „Офф роуд", организатор на меѓународната трка со џипови, ова е единствен настан од ваков вид во Македонија и годинава има најмногу учесници споредено со изминатите две години. Новината е ноќното возење.

– Годинава е многу помасовно на ова единствено меѓународното рели „Macedonian trophy". Новината годинава е што се вози три дена. Синоќа, за прв пат почнавме со ноќна трка. Се возеа четири тешки терени во вкупна должина од 25 километри во рок од четири часа. Денеска се вози од Старо Лагово, прилепско во должина од 60 километри со 8-9 тешко поминливи специјали (етапи). И утре ќе се вози кај Старо Лагово, на полигонот за екстремни спортови и покрај патеката и публиката ќе може да го следи целиот натпревар. Овој спорт е реалитивно нов за Македонија, единствено се одржува во Прилеп. Нашиот клуб е единствен кој има толку развиени и подготвени возила и се натпреваруваме и надвор од земјава, во Бугарија, рече Чупаркоски.

Учесниците се возбудени и очекуваат одлични натпреварувања, зашто патеките се организирани и пределите прекрасни.

– Гледам, годинава има двојно повеќе џипови. Добро се направени патеките за трка, организаторот одлично ја завршил работата, вели Љубен Динев од Бугарија, лански победник на трката.

Рели-возачот Братислав Миниќ од Србија вели дека доаѓа втор пат.

– Организаторите дале се од себе и се е на високо ниво. Очекувам добра забава, трка, пределите ви се прекрасни. Јас 25 години се занимавам со овој адреналински спорт. Навистина е скап спорт, но што не е скапо во животот, потенцира тој.

Според судијата на трката Гоце Цуцулоски натпреварувачите се запознаени со правилата, треба етапите да ги извозат што побрзо, во спротивно се добиваат казнени поени. Најдобрите ќе победат, а интенцијата е ова меѓународно рели да влезе во календарот на европската федерација на вакви натпреварувања.

– Со натпреварувачите се одржа брифинг. Се запознаа со трасите. Очекуваме добар натпревар овие денови, публика и одличен натпреварувачки дух. Патеката во Старо Лагово е една од најдобрите на Балканот. Интенцијата, инаку е ова меѓународно рели да влезе во календарот на Европската федерација на вакви рели натпревари. Инаку, со намера сме да организираме балканско-рели меѓу три држави: Бугарија, Србија и Македонија, објаснува Гоце Цуцулоски, судија на натпреварот.

Денеска се вози во околината на прилеп, а по утрешните натпреварувања на полигонот за екстремни спортови кај Старо Лагово, ќе бидат прогласени победниците на третото по ред „Macedonian trophy". /МИА

Средба на Ангеловска-Бежоска со заменик генералниот директор на ММФ

​НБ обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор.

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и одржување на стабилноста на банкарскиот сектор. Ова беше истакнато од страна на заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, за време на состанокот со македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, која ја предводат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик министерот за финансии, Филип Николоски, а од која е дел и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од понатамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, кадешто инфлацијата забавува - но поспоро, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така констатираше дека резултатите од соодветното водење на монетарната политика од страна на Народната банка, се видливи преку опаѓачкиот тренд на инфлацијата, позитивните движења кај девизните резерви и стабилноста на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.

Исто така, делегацијата оствари средба и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хилберс и Лук Дресе, на која се зборуваше за најновите макроекономски трендови и потребата за натамошна внимателност при водењето на макроекономските политики.

Кабинет на гувернерот

Силјановска Давкова на одбележувањето на 75 год. од крајот на Граѓанската војна во Грцијa

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.

Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани...

Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.

Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.

Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни

Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.

Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.

На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија ги поддржавме со 100 милиони евра

Од целосно заборавени, домашните претпријатија  ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката

Се радувам што граѓаните и луѓето од бизнис заедницата се искрени и отворени. Разговараме без задршка, без страв, тоа е придобивка од слободата. Сакаме да создаваме партнерства во градењето на европската иднина. Ќе останеме заедно и заедно ќе ги решаваме предизвиците кои што нема да бидат ниту малку ниту лесни. Европската агенда е напорна, бара вклученост на сите, но тоа е најдобриот и најефикасниот начин секој ден работите да ги подобруваме, за да ги достигнеме европските стандарди, рече Лукаревска, носителката во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска Македонија пред новинарите во Кочани.

-И до сега многу работевме за да бидеме конкурентни. Многу вложивме во зајакнувањето на домашните компании. Од целосно заборавени, без никаква финансиска поддршка, ние ги поддржавме со 100 милиони евра. Ќе продолжиме и во следните четири години, зашто тоа е важно и за компаниите и за сигурноста на вработените. Во наредниот мандат домашните компании ќе ги подржиме со 180 милиони евра. Поддршката ќе биде дуплирана. Заедно, партнерски со нив, ќе продолжиме да ја јакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра.

Лукаревска истакна дека дел од овие средства ќе бидат вложени и во праведна енергетска транзиција и енергетска независност.

-Домашното производство на електрична енергија ќе го зголемиме за 70%. Со тоа државата ќе постигне енергетска независност, и самостојно ќе задоволува 100% од сопствените потреби за струја. И тоа главно од гас и од чисти и обновливи извори. Рековме НЕ за малите хидроцентрали и за сите фосилни технологии кои ни ги загадуваат воздухот и почвата.

Сето ова е продолжување на нашата досегашна работа, зашто тоа е важно за стабилноста и за нашата европска иднина.

Не се откажуваме, ќе го задржиме континуитетот, зашто немаме време за губење. Важни се овие избори за да ја славиме победата за европска Македонија, рече Лукаревска во Кочани.

Сања Лукаревска, носител во ИЕ3 на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Кочани

притисни ентер