Камчев: Сите мои компании се отворени за соработка со СЈО

Извршниот директор на „Орка Холдинг" Јордан Камчев денеска преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со Специјалното Јавно обвинителство.

Извршниот директор на „Орка Холдинг" Јордан Камчев денеска преку пишано соопштение изјави дека сите негови компании се отворени за соработка со Специјалното Јавно обвинителство, како и со сите други државни институции во земјава, а пред се во интерес на одржување квалитетна бизнис клима и економски просперитет во земјата.

Тој ја информира јавноста дека како сопственик на повеќе компании во Македонија, кои вработуваат над 3.000 лица, максимално се отворени и транспарентни за секој инспекциски надзор.

– Компаниите во кои сум сопственик, со целосна одговорност изјавувам дека ги почитуваат позитивните законски прописи во Република Македонија и токму поради тоа верувам дека многу брзо ќе се отстрани секаков сомнеж околу нивното работење, стои во соопштението.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство соопшти дека по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети што се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои била воспоставена надлежност на ова Јавно обвинителство, денеска е отворена истрага под кодно име „Империја" против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело. /МИА

Следната недела Договорот од Преспа ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент

Договорот од Преспа ќе биде ставен на гласање во грчкиот парламент кон крајот на следната недела, соопшти денеска претседателот на собранието, Никос Вуцис. 

Според него, спогодбата прво ќе мине во надлежните собраниски комисии, по што како што изјавил за новинарите, ќе кулминира со дебата на пленарна седница. Дотогаш, Владата на Ципрас планира да ги информира граѓаните за содржината на документот. Веќе почна печатењето на десетици илјади копии од Договорот, кој во недела ќе биде објавен во изданијата на неколку грчки весници.

-Главниот фокус на грчката влада е да ги убеди пратениците, но и јавноста во однос на терминот националност, дека националноста се однесува исклучиво на државјанството. Втората работа е да укаже дека овој договор ќе биде одржлив, вели Константинос Филис, професор по меѓународно право

Во меѓувреме, лидерот на опозицијата Мицотакис го отфрли барањето на Ципрас за ТВ дуел со единствена тема Преспански договор и побара соочување на избори.

-Имаме предлог за него: нека распише сега, веднаш избори и на предизборните дебати, граѓаните ќе донесат свои заклучоци. Тогаш, Парламентот што ќе произлезе од изборите со одлука на граѓаните, да одлучи за ратификација или отфрлање на Договорот од Преспа, се вели во соопштението на Нова демократија.

Ципрас во моментов има 149 сигурни гласа, но бројката сосема извесно ќе порасне, откако центристичката Река соопшти дека ќе застане зад документот. Со нејзините пет пратеника, мнозинството би можело да достигне и 156. Во недела во Атина во 14 часот е најавен голем протест против Договорот од Преспа.

Скопјани со децении живееле во близина на неексплодирана бомба

Скопјани со години живееле во близина на авионска бомба тешка дури 250 килограми. 

Експлозивната направа за која од дирекцијата за заштита и спасување велат дека е најголемата до сега откриена во скопскиот регион е од Втората светска војна. Таа била откопана за време на градежни работи во центарот на Скопје кај старата железничка станица а потоа била транспортирана до стариот пат кон скопско Батинци, каде се врши дотурот на земја и истурена со останатиот материјал.

Материјалот кој се исфрла на стариот пат кон селото Батинци редовно се пребарува за старо железо од граѓаните близина, кои велат дека не знаеле за што станува збор кога прв пат ја здогледале експлозивната направа.

Според нивното сведоштво, откако неколку пати  ја силно ја удирале за да ја отворат, еден од постарите жители на селото забележал дека станува збор за експлозивна направа и веднаш ја алармирал МВР. Операцијата за нејзино отстранување траеше повеќе од еден час, заради непристапноста на самиот терен и дотурот на земја кој се врши на тоа место. За нејзиното отстранување, се направи и посебен пат, а бомбата со полициска придружба потоа се упати кон воениот полигон Криволак, каде се очекува да биде детонирана. Бомбата се верува дека е од бомбардирање на Скопје во втората светска војна кое се случило на 6 април 1941 година. Во таа прилика биле бомбардирани сите поголеми градови на тогашното Кралство Југославија, а особено настрадал патната и железничкиот сообраќај.

Затворени пазарите во Скопје - Министерството за економија ненадлежно за новиот Закон

Затворени портите на Зелен пазар и Битпазар. Закупците на тезги утринава, ставија клуч на вратите и наместо на своите работни места, се преселија пред Собранието. 

Самоиницијативно, го кренаа гласот против новиот закон за зелени пазари. За нив тој е дискриминирачки. Велат, лиценци нема да вадат.

Гласот, против го кренаа и тезгаџиите од кумановскиот пазар. И тие како своите колеги велат дека вадењето лиценци им претставува дополнителен трошок и удар врз џебот.

Но, имаше и такви кои си работеа нормално. Тезгаџиите од Буњаковец како и другите помали скопски пазари, не протестираа.

Од министерството за економија велат дека тие не се надлежни да го менуваат законот. Единствено може да интервенираат во подзаконските акти.  

Според новиот закон за зелени пазари, секој закупец на тезга треба да поседува лиценца која чини 60 евра годишно, а за секоја дополнителна тезга, тезгаџиите треба да платат дополнителни 40 евра. Пензионерите, социјалците, стечајците и хонорарците, нема да можат да работат.

притисни ентер