Приштинските медиуми за бегството на Груевски

Косовските медиуми даваат прилично голем публицитет на ситуацијата во Македонија, по повод јавувањето на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија.

 Од каде што преку Фејсбук информира дека побарал политички азил, јави дописникот на МИА од Приштина.

Порталот „Газета Експрес" ги пренесува цело време информациите во врска со Груевски и од моментот кога се појави првата вест дека се јавил од Будимпешта, објави дека „Се огласи Груевски", „Груевски се јави преку фејсбук од Унгарија, побарал политички азил", „Груевски се јави од Унгарија, реагира Заев", „Унгарска партија пред една година најави дека Груевски ќе пребегне во таа држава", „ВМРО се уште не знае каде е Груевски"…

И другите косовски медиуми посветуваат големо внимание на ситуацијата околу потрагата по Груевски и неговото јавување од Унгарија. Така, покрај другите информации, порталите Инсајдери и Индексонлине прашуваат „Дали Србија помогна за бегството на Груевски", односно „Со каков пасош побегна Груевски". Овие и други медиуми пренесуваат дека поранешниот македонски премиер веројатно побегнал со бугарски пасош, но не се исклучува да имал и српски, бидејќи, како што наведуваат, тој некогаш бил советник на Владата во Белград.

Порталот Журнал, на страницата посветена на информациите од Македонија (zhurnal.mk), покрај информациите за бегството на Груевски и реакциите во земјата, објавува и коментар на правникот Ќенан Алиу, кој вели дека се работи за „оркестрирано бегство" и дека е можно да се работи за „кокетирање на власта со цел да се разрешат судии од високи инстанци".

Коха.нет, порталот на весникот „Коха Диторе" и на телевизијата КТВ, откако претходно во текот на денот информира дека „Груевски исчезна" и дека е објавена потерница по него, како и дека „Заев не верува оти Груевски побегнал", ја објави и информацијата дека „Груевски побара политички азил во Унгарија".

Овој портал објави и дека „министерот (за внатрешни работи, Оливер) Спасовски не мисли дека полицијата е одговорна за бегството на Груевски" и дека, споерд него, „одговорноста треба да го сноси судтството затоа што не му одреди притвор".

Овие и други информации во врска со ситуацијата околу Груевски ги објавија и останатите приштински медиуми, меѓу кои и телевизиите РТК, Т7 и Клан Косова./МИА.

Заев и Ципрас номинирани за Нобелова награда за мир за 2019 година

Македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас номинирани за Нобелова награда за мир за наредната 2019-та година.

Договорот од Преспа е пример како може да се решаваат конфликти преку дијалог, вели добитничката на Нобелова награда за мир во 2015 година, Тунижанката Видед Бушамауи на официјалната церемонија за номинација на премиерот Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас за Нобелова награда за мир во 2019 година.

Номинацијата ја поддржа и европратеникот Стелиос  Куоглу кој вели дека постигнувајќи го договорот за името двајцата премиерот ги ставија државните над партиските интереси.

„Затворање на отворените случаи, отворените расправи решавање на постоечки расправи со дијалог и неопходен компромис. Договорот од Преспа, којшто беше одлично подготвен од министрите Димитров и Коѕијас, го прави токму тоа. Не го решава само проблемот за името туку обезбедува конечно решение за македонското прашање во форма којашто ја зема по распадот на Отоманската империја а и балканизацијата на овој регион.“  - изјави Стелиос Куоглу, пратеник во европскиот парламент.

Бушамауи, како добитник на престижната награда која ја доделува Норвешкиот Нобел комитет, има право да номинира кандидати за наградата која се доделува во шест категории – мир, физика, хемија, економија, медицина и литература.

Процесот на номинации секоја година почнува во септември и трае до 1 февруари.

По ова, комитетот прави кратка листа од пристигнатите номинации и во следните неколку месеци ги разгледува и истражува. Во октомври откако добитникот ќе биде избран со мнозинство гласови од комисија се објавуваат имињата на лауреатите. Комисијата за избор се состои од петмина членови од норвешкиот парламент. Правилата на комитетот за доделувањето на наградата се дека никој не може сам себе да се номинира. Комитетот исто така има правило дека нема да ги објавува имињата на избраните  кандидати за наградата пред истекот на 50 години од нивната номинација.

Оваа година добитници на Нобеловата награда се Денис Муквеге, гинеколог од Конго кој им помага на жени жртви на силување и Надиа Мурад, активист за помош на бегалците и малцинства во Ирак. Двајцата се избрани за лауреати од вкупно 331 кандидат номинирани за оваа година.

Канал 5 ги информираше IFJ и повеќе амбасади за нелегитимното собрание на ЗНМ

Спорниот избор на Младен Чадиковски за претседател на ЗНМ се најде во електронските сандачиња на влијателните амбасади и Меѓународната федерација на новинари.

Канал 5 Телевизија испрати писмо во кое хронолошки се објаснети сите настани пред и на самото изборно Собрание, кои упатуваат на тоа дека Чадиковски е нелегитимно избран за прв човек на ЗНМ.

На почетокот во писмото е нотирана нестатутарната одлука на Управниот одбор со кој се ограничи можноста за ажурирање на членството, со што многумина новинари беа лишени од можноста да учествуваат на Собранието. За носењето на оваа одлука немало ниту кворум на седницата на Управниот одбор, па бил обезбедуван телефонски.

Во писмото понатаму се објаснува и улогата на досегашниот претседател Насер Селмани кој користејќи ги ресурсите на ЗНМ лобирал за Чадиковски уште пред тој да поднесе кандидатура.

Наведено е и сомнителното зголемување на бројот на редовни членови од 531 на 555, ден пред одржувањето на Собранието, а клучни се фактите од самото Собрание на кое Чадиковски беше прогласен за претседател иако не освои мнозинство од присутните на Собранието, како што бара Статутот.

За Чадиковски гласале 86 членови, а за да биде избран потребни му биле уште најмалку 2 гласа, односно 88, со оглед дека Собранието верификувало присуство на 175 членови.

Директорот на Канал 5 Телевизија Иван Мирчевски вели дека се одлучиле на ваков чекор за да ја запознаат и меѓународната јавност за случајот со ЗНМ кој, според него, може сериозно да се одрази и на останатите сегменти од медиумскиот простор, особено во време кога се прават реформи.

Здружението соопшти дека новиот Управен одбор синоќа го прогласил изборот на Чадиковски за легитимен, но дали тој е навистина таков конечниот збор ќе го имаат надлежните институции. Канал 5 дознава дека дел од засегнатите веќе подготвиле тужба.

Ѓорчев: Владата да одржи итна седница за иселувањето

ВМРО-ДПМНЕ побара итна владина седница со единствена точка за иселувањето.

Почитувани,

Република Македонија се празни како никогаш во историјата. Цели семејства се иселуваат, цели општини буквално исчезнуваат. Се селат огромен број на луѓе и тоа веќе ги засега стотици и стотици илјади граѓани на Република Македонија.

Иселувањето од Македонија е директна последица на  економскиот дебакл на економскиот тим на Владата на Зоран Заев, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски.

Ја повикуваме Владата веднаш, час поскоро да закаже итна седница на Владата посветена на иселувањето, посветена на исчезнувањето на Македонија, посветено на катастрофалната економска, демографска и секакво друга ситуација во еден куп општини во Република Македонија.

Ова е буквално алармантна состојба, а гледаме дека Владата буквално ништо не презема. Уште еднаш овој невиден досега во историјата на Македонија егзодус, иселување од Македонија е директна последица на тоталниот дебакл на економските политики на Зоран Заев, Кочо Анѓушев, Драган Тевдовски и министрите за странски инвестиции кои што имаат цели кабинети, возила и сите удобства а имињата не им ги знаеме. Една инвестиција не донесоа, едно ново место работно не отворија.

Затоа заминуваат младите, си заминува народот. Народот ни се топи како снег во април, исчезнува државата. Ако нема народ, а очигледно дека ни снемува народ не може да има економија, не може да има пензиски систем, не може да има ни школски систем , не може да има ни здравствен систем, нема да има ни потрошувачи, нема да има ништо, туку буквално мртвило. Тоа се тие црнила за кои што зборуваме.

Наместо живот донесоа егзодус и невидено, досега невидено иселување од Македонија.

Пред себе ги имам бројките, но тие се навистина поразителни, ги кажувавме на претходните прес конференции. Секој може да се согласи дека состојбата е алармантна.

За крај да го резимирам ова, би кажал уште една порака. Откако Зоран Заев и неговите министри се избрани за премиер,  министри, директори, и сето она што го окупираа како власт во Република Македонија, потрошени се повеќе од 5 милијарди евра буџет. Досега се потрошени повеќе од 5 милијарди евра, за следната година го имаат навестено и драфтирано, предложено најголемиот буџет во историјата на Република Македонија, 3,7 милијарди евра. Ниедна Влада, 70 години наназад не исцедила и нема да исцеди повеќе пари од граѓаните и стопанството. Истовремено една шајка не е закована, една бандера не е направена. Досега се потрошени повеќе од 5 милијарди евра. Што е направено?

Навестуваат 3,7 милијарди евра дека ќе потрошат, најголем  буџет во историјата на Македонија, ништо нема навестување дека ќе се направи. Парите се трошат, а тоа завршува во олигархијата која што очигледно во Македонија во моментов се создава.

Резултатот е иселување, небиднина, црнила. Македонија, цели региони буквално биолошки и физички ги поклопува мртвило со училиштата што се затвораат, со семејствата што си заминуваат, со куќите кои што се празнат.

Уште еднаш апелираме, Владата треба да преземе итни мерки. Владата на  Заев веднаш да закаже итна седница на Владата посветена на  ова, затоа што се работи за алармантна состојба, и втора работа веднаш час поскоро да бидат разрешени министрите кои што имаат тотално економско фијаско и економски дебакл. Тоа се министрите Анѓушев  како вицепремиер, министерот Тевдовски и министрите за странски инвестиции на кои што имињата не им ги знаеме , не донеле ниедна инвестиција, а имаат цели кабинети и одделенија под нив.

Благодарам што дојдовте на денешната прес конференција, ние нашите дискусии ќе ги продолжиме  и за буџетот на Македонија секој ден ќе бидеме активни во Собранието затоа што секој ден има по 5 теми на кои што навистина се прилично поразителни. Во Македонија за жал  веќе нема добри вести. 

притисни ентер