Влада: ЈО да ја заврши истрагата, пред правдата ќе бидат изнесени сите што учествувале или го помагале бегството на осудениот Груевски

Владата со внимание ја проследи реакцијата на дел од граѓанските организации кои повикуваа на политичка одговорност одделни институции и носители на високи јавни функции, во врска со бегството на осудениот Никола Груевски.

Владата на Република Македонија потенцира дека истрагата што ја води Јавното обвинителство мора да заврши пред да се објавуваат детали во јавноста, особено заради тоа што се работи за деликатни истражни дејствија за кои постојат индиции дека инволвираат граѓани на трети земји.

Владата и МВР се одлучни дека ќе ги почитуваат законите и дека нема да дозволат извршната власт да ја нарушува истрагата која ја води Јавното обвинителство, што беше редовна пракса во минатото.

Укажуваме дека е неопходно целосно затворање на сите прашања во истрагата за да се добијат одговори кои недвосмислено и без сомнеж ќе ја прикажат комплетната слика и сите инволвирани.

Согласно надлежностите и процедурите, со реконструкцијата на бегството и укажувањата на помагателите, базирани на основани сомневања, поткрепени со докази, прво треба да излезе Јавното обвинителство.

Министерството за внатрешни работи, по налог и супервизија на министерот Оливер Спасовски, со сите свои ресурси и професионални капацитети учествува во асистирање на истрагата за утврдување на начинот на кој осуденото лице Никола Груевски ја напуштило територијата на Република Македонија.

Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, ги завршува истрагите за можна инволвираност на полициски службеници, а Секторот за внатрешни работи - Скопје за начинот на бегство и можните помагатели.Откако ќе биде заокружена и комплетирана истрагата, со потврдени и докажани дејствија, јавноста во Република Македонија ќе биде соодветно информирана.

Владата на Република Македонија ги уверува јавноста и граѓанските организации дека максимално ја поддржува независната и професионална истражна постапка, дека ќе ги прифати сите докажани резултати на истрагата, и дека ќе поддржи преземање одговорност и правосудна постапка со која пред лицето на правдата ќе бидат изнесени сите личности кои учествувале или го помагале бегството на осудениот, поранешен премиер Груевски.

Владата останува на ставот дека Република Македонија има иднина само како правна држава, како држава во која владее правото, и во која криминалните политички структури ќе бидат казнети со докази и во фер судски постапки, се наведува во соопштението од Владата.

Иранскиот министер за надворешни работи повика на смирување на тензиите на Блискиот Исток

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се заложи за намалување на тензиите на Блискиот Исток кои дополнително ескалираа по меѓусебните напади меѓу Иран и Израел, јави ДПА.

- Војната и воената тензија никому не му користат во регионот, затоа мора да се најде решение. Сите страни треба да се фокусираат на изнаоѓање политичко решение, изјави за иранските медиуми Абдолахиан кој престојува во Њујорк.

Според него, „Израел мора да престане да врши воени злосторства во регионот, за да стане стане возможна хуманитарната помош и размената на заложници за затвореници во конфликтот во Газа“.

За време на престојот во Њујорк, каде што учествуваше на неколку седници на Обединетите нации, иранскиот министер за надворешни работи, нагласи дека Иран нема да одговори на нападите врз воени цели во централната иранска провинција Исфахан, за кои се верува дека ги извршил Израел.

- Немаше штета или жртви по нападот со мало беспилотно летало соборено во близина на Исфахан, рече Абдолахиан.

Тој ги опиша нападите како обид на произраелските медиуми да ја истакнат воената супериорност на Израел.

- Малите соборени дронови беа повеќе како играчки со кои си играат нашите деца, рече Абдолахиан, но предупреди дека Иран ќе одговори „жестоко и цврсто“ на вистински напад од Израел./МИА

Ердоган во Истанбул се сретна со лидерот на Хамас, Ханија

 Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во палатата „Долмабахче“ во Истанбул го прими Исмаил Ханија, лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, јавија турските медиуми.

Не се соопштуваат повеќе детали за средбата која се одржува зад затворени врати во претседателската резиденција.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан пред неколку дена се сретна со Ханија во Доха, каде разговараа за последните случувања во конфликтот во Газа, соопштија дипломатски извори.

Фидан и Ханија, заедно со неговата делегација, разговараа за теми поврзани со хуманитарната помош во Појасот Газа, напорите за прекин на огнот и прашањето за заложниците, велат изворите. /МИА

Олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз

Од Акропол, преку Атина кон централна Грција – олимпискиот оган го продолжува патувањето до Париз.

Од Санторини на Акропол, од Акропол низ атинските улици, преку Министерството за одбрана, Грчкиот олимписки комитет и Олимпискиот стадион - олимпискиот оган откако во вторникот беше запален во античка Олимпија го продолжува штафетното патување низ Грција, за во петок и официјално да им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“, јави дописничката на МИА од Атина.

Доцна синоќа, огнот од островот Санторини со траект пристигна на атинското пристаниште, а оттаму беше пренесен на Акропол, каде што остана во текот на ноќта.

Утрово, кусо по 7.30 часот на петтиот ден од штафетното пренесување, олимпискиот оган од Акропол, со повеќе попатни станици низ Атина се упати кон античкиот град Делфи, а оттаму и кон Волос и Ламиа.

Лошите временски услови и дождот што речиси континуирано врнеше на целата рута низ Атина, не претставуваше проблем за учесниците во штафетното предавање, а на Акропол беа поздравени и од туристите кои случајно се најдоа таму.

- Каква коинциденција! Ние дојдовме за да го видиме Акропол и воопшто не знаевме дека има вакво нешто. Убаво искуство во секој случај да се види и Олимпискиот пламен, рекоа во разговор со дописничката на МИА од Атина три девојки од САД кои чекаа да дојде осум часот за да се отвори Акропол, но имаа можност одблиску да го видат и огнот за ЛОИ.

Со сличен став беа и други туристи од различни земји од светот, кои не го криеја нивното позитивно изненадување и задоволство.

Олимпискиот оган, продолжи до Музејот на Акропол, оттаму низ атинските улици, помина пред античкиот олимписки стадион Панатенаик и со повеќе попатни станици стигна до Министерството за одбрана на Грција каде што се одржа и мала манифестација.

Денешното патување низ Атина, огнот го продолжи до Грчкиот олимписки комитет, Олимпискиот музеј, Олимпискиот стадион и се упати кон античкиот град Делфи, Ламиа и Волос каде што ќе ја помине ноќта.

Во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Солун за да ја помине цела северна Грција и западна Грција, за во петок повторно да се врати во Атина.

Олимпискиот оган за 11 дена, ќе помине 5.202 километри и 563 наутички милји, а во петок, на 26 април во Атина на свечена манифестација отворена за јавноста на стадионот Панатенаик ќе биде предаден на Организацискиот одбор на Олимписките игри во Париз.

Манифестациите во Грција, како палењето, така и штафетното пренесување низ земјата и предавањето на организаторите во Атина, по пауза од четири години ќе се одржат регуларно, со оглед на тоа дека во октомври 2021 година и март 2020 година поради пандемијата сите свечености беа без публика, а олимпискиот оган за Зимските олимписки игри „Пекинг 2022“ и Летните Олимписки игри „Токио 2020“ од Атина замина без штафетното да патува низ Грција, туку директно им беше пренесен на домаќините.

Летните Олимписки игри во Париз ќе се одржат од 26 јули до 11 август. /МИА

притисни ентер