Димитров: Договорот од Преспа е презначаен за да пропадне

Договорот од Преспа е презначаен за да пропадне, нагласи шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

Тој во интервју за турската агенција Анадолија, кое го пренесува МИА, вели дека влоговите што се направени, како и позитивните пораки од целиот свет му дават круцијално значење на Договорот од Преспа.

Димитров потсети дека Владата на грчкиот премиер Алексис Ципрас неодамна доби доверба во Парламентот и смета дека наскоро, Договорот ќе биде ратификуван и во Грција.

-Сметам дека наскоро, станува збор за денови, ќе ја видиме ратификацијата во грчкиот Парламент, рече Димитров и додаде дека потоа грчкото законодавно тело ќе се гласа за Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

-Македонија загуби цела генерација чекајќи поради спорот со името, рече шефот на македонската дипломатија, нарекувајќи го историски процесот за решавањето на спорот.

Потсети дека Македонија од 2005 година е кандидатка за ЕУ. – По Турција ние сме земјата со најголемо искуство во чекалната, додаде тој.

Димитров истакна дека по комплетирањето на процесот на ратификација во Грција, членството на НАТО во Македонија ќе биде побрзо, отколку тоа во Унијата.

-Формално, во зависност од брзината на процесот на ратификација на Протоколот во различните парламенти, тоа ќе се случи најверојатно на почетокот на следната година, рече македонскиот министер за надворешни работи и додаде дека фактички земјата порано ќе седне на масата со останатите земји-членки на НАТО, можеби уште следниот месец или во март.

Потсетувајќи дека Турција беше една од првите земји кои ја признаа независноста на Македонија, Димитров нагласи дека двете држави имаат специјални односи.

– Дел поради тоа што делевме заедничко живеење со векови за време на Отоманската имплерија и дел затоа што има многу Турција кои емигрирале од Македонија во Турција, рече тој и додаде дека во моментов исто така во Македонија живеат многу Турци.

-Тие се мошне добро интегрирани во нашето општество, истакна Димитров, кој за време на престојот во Анкара се сретна со шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу, со кого разговараше за начините за унапредување на економските односи, но и за прашањето за бегалаците, стабилноста на Балканот и борбата против тероризмот.

Во врска со можната размена на територии меѓу Косово и Србија, Димитров во интервјуто за Анадолија, кое го пренесува МИА, вели дека во обединета Европа границите се речиси невидливи.

-Размена на територии, етнички граници се концепти на минатото, истакна македонскиот министер и додаде дека Македонија е мошне горда на својата разноликост, во земјата живеат Турци, Албанци, Срби, Власи, Бошњаци и Роми.

-Го поздравуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина, но мораме да бидеме мудри, рече Димитров, додавајќи дека бевме сведоци на хуманитарните трагедии на Балканот во '90-те години од минатиот век кога беа идеализирани и глорифицирани етничките граници. /МИА

Сите претседатели на Република Македонија

 Од независноста на Република Македонија на претседателската фотелја седнаа четворица претседатели.

Првиот претседател Киро Глигоров и актуелниот Ѓорге Иванов претседателската функција ја вршеа во два мандати, а по еден мандат имаа Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Киро Глигоров, прв претседател на РМ (1991-1999)

Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров е роден на 3 мај 1917 година во Штип.

За претседател на Република Македонија Глигоров беше избран на 27 јануари 1991 година од македонското Собрание, кога доби поддршка од 114 од вкупно присутните 119 пратеници, а по втор пат беше избран на првите непосредни претседателските избори одржани во октомври 1994 година.

На изборите учествуваа двајца кандидати, тогашниот актуелен претседател Киро Глигоров кој освои 52,4 отсто (715.087 гласа) од гласовите на вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список, додека неговиот против-кандидат Љубиша Георгиевски 21,6 отсто (197.109 гласа).

За време на неговиот мандат како шеф на државата се случија некои од најважните настани од современата историја на Република Македонија. На референдум одржан на 8 септември 1991 година беше прогласена независноста на земјата, а Македонија беше и единствената од поранешните југословенски републики која се осамостои по мирен пат. На 17 ноември 1991 беше донесен новиот Устав, а на 8 април 1993 година Република Македонија стана 181 членка на Обединетите Нации.

На 3 октомври 1995 година врз претседателот Глигоров беше извршен атентат. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. Нападот беше извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија" во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија. Досега не се откриени ни нарачателите, ниту извршителите на атентатот.

По пензионирањето Киро Глигоров е активен како публицист. Тој е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател – „Македонија е сè што имаме" (2001), „Атентат – ден потоа" (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот" (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи" (2006).

Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров" што поддржува проекти од културата и уметноста.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 19 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Претседателот Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во својот дом во Скопје.

Борис Трајковски, втор претседател на РМ (1999-2004)

Борис Трајковски, вториот претседател на Република Македонија, е роден на 25 јуни 1956 година во Струмица.

Во 1980 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, по што специјализирал деловно право и право на работни односи. Во 1997 е именуван за шеф на Кабинетот на градоначалникот на општина Кисела Вода, а во 1998-та е избран за заменик-министер за надворешни работи на Македонија.

Трајковски беше инаугуриран како втор по ред претседател на Македонија на 15-ти декември 1999 година.

Првиот круг на претседателските избори се одржа на 31 октомври, а вториот на 14 ноември 1999 година. Поради констатирани нерегуларности изборниот процес од вториот круг беше повторен на 5 декември 1999 година.

Негови противкандидати на изборите во првиот круг беа Тито Петковски, Васил Тупурковски, Муарем Неџипи, Стојан Андов и Мухамед Халили.

Во вториот круг од изборите учествуваа кандидатите Тито Петковски и Борис Трајковски. По одржаниот втор круг и по прегласувањето во одредени избирачки места, Борис Трајковски освои 53,2 отсто од гласовите (582.808 гласа), а Тито Петковски 46,8 отсто (513.614 гласа). На гласањето во вториот круг излегоа вкупно 1.096 422 избирачи или 68,08 отсто од регистрираните гласачи.

Борис Трајковски ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 15 декември 1999 до 26 февруари 2004 година, кога загина трагично во авионска несреќа заедно со осуммина соработници во близина на Мостар, Босна и Херцеговина. Тој имаше 47 години.

Според Уставот на Република Македонија, привремено во периодот од 26 февруари до 12 мај 2004, на чело на државата застана Љупчо Јордановски, тогашен носител на функцијата претседател на Собранието на РМ.

За време на неговиот мандат во Македонија во 2001 година имаше вооружен конфликт што заврши со потпишување на Охридскиот рамковен договор во август истата година.

На претседателот Трајковски светот гледаше како на млад лидер со прозападна ориентација, како миротворец кој избегна граѓанска војна во Македонија.

Бранко Црвенковски, трет претседател на РМ (2004-2009)

Бранко Црвенковски е третиот претседател на Република Македонија. Роден е на 12 октомври 1962 во Сараево, Босна и Херцеговина.

Во 1990 година, на првите повеќе партиски избори во Македонија, која сé уште се наоѓаше во рамките на СФР Југославија, беше избран за пратеник во првиот состав на Собранието. Во април 1991 година Црвенковски беше избран за претседател на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. На 5 септември 1992, стана вториот премиер на Република Македонија по нејзиното осамостојување од Југославија. Со 29 години, тој беше најмладиот премиер во Европа во тој период. Вториот премиерски мандат го добил по изборите во декември 1994 година.

На третите вонредни претседателски избори во Република Македонија, одржани по загинувањето на претседателот Борис Трајковски, во вториот круг одржан на 28 април 2004 година Бранко Црвенковски беше избран за шеф на државата.

На третите вонредни претседателски избори во април 2004 година, Бранко Црвенковски како кандидат на СДСМ, победува и застанува на чело на државата до 2009 година.

Граѓаните во првиот изборен круг одржан на 14 април 2004 година, избираа помеѓу четворица предложени кандидати: Бранко Црвенковски од СДСМ, Гзим Острени од Демократската унија за интеграција, Зуди Џелили од Демократската партија на Албанците и Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ.

Во вториот изборен круг одржан на 28 април 2004 година мнозинството гласови ги освои Бранко Црвенковски. Тој ја доби довербата од 550.317 гласачи, односно 62,6 отсто од вкупниот број гласови, наспроти Сашко Кедев кој беше поддржан со 329.179 гласови, односно 37,4 отсто од вкупниот број важечки гласачки ливчиња.

На 12 мај 2004 ја Црвенковски ја презема функцијата претседател и се повлече од премиерската должност и од претседателската функција во партијата.

Бранко Црвенковски ја извршуваше функцијата претседател на Република Македонија од 12 мај 2004 до 12 мај 2009 година.

За време на претседателскиот мандат на Црвенковски, Република Македонија стана земја-кандидат за прием во Европската Унија.

Ѓорге Иванов, четврти претседател на РМ (2009- 2019)

Актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов е роден на 2 мај 1960 година во Валандово. Во 1995 е избран за асистент на Правниот факултет во Скопје, а во 1998 за доцент на предметите Политички теории и Политичка филозофија. Од 2001 година е раководител на Политичките студии при Правниот факултет во Скопје. Во 2002 е избран за вонреден, а во 2008 и за редовен професор. Од 2004 до 2008 е продекан на Правниот факултет. Од 2008 година е претседател е на Одборот за акредитација на високото образование на Република Македонија.

Иванов беше избран на претседателски избори одржани на 22 март и 5 април 2009 година.

На овие избори во првиот круг учествуваа седум кандидати за претседател на државата. Покрај Ѓорге Иванов во изборната трка за претседател учествуваа и Љубомир Фрчкоски како кандидат на СДСМ, Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од ДУИ, Нано Ружин од ЛДП и за првпат жена кандидат поддржана од ДПА, Мируше Хоџа.

Вториот изборен круг се одржа на 5 април 2009 година, Ѓорге Иванов освои 63,14 отсто, односно 453.616 од вкупниот број важечки гласачки ливчиња додека претседателскиот кандитат Љубомир Фрчкоски ја заврши изборната трка со освоени 36,86 отсто од вкупниот број гласови, односно 264.828 гласа.

На петтите по ред претседателски избори одржани во април 2014 година, претседателот Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ беше повторно избран и доби нов петгодишен мандат.

Ѓорге Иванов како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ освои 55,28 отсто, односно 534.910 од вкупниот број важечки гласачки ливчиња, додека претседателскиот кандитат на СДСМ, Стево Пендаровски 41,14 отсто од вкупниот број гласови, односно 398.076 гласа.

Во претседателската трка покрај Иванов и Пендаровски учествуваа и Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.

Истовремено со вториот круг на претседателските избори се одржаа и предвремени парламентарни избори. За првпат на овие претседателски избори македонските државјани кои живеат или работат во странство имаа право да гласаат во странство.

Последната година од вториот мандат на претседателот Ѓорге Иванов, меѓу другото, ќе ја обележи непотпишувањето на Законот за употреба на јазиците и на указот за ратификација на договорот со Грција, како и потпишувањето на Законот за амнестија за обвинетите во настаните во Собранието на РМ од 27 април 2017 година./МИА.

Упатство за гласање на изборите

Избирачот добива едно гласачко ливче за избор на претседател, а во трите општини и едно ливче само за избор на градоначалник, со оглед дека  советите се конституирани на редовните локални избори.

За шестите претседателски избори и предвремените локални избори во Охрид, Дебар и Ново Село што треба да се одржат утре, избирачот може само еднаш да се појави на гласачкото место за остварување на своето избирачко право. Избирачот добива едно гласачко ливче за избор на претседател, а во трите општини и едно ливче само за избор на градоначалник, со оглед дека  советите се конституирани на редовните локални избори.

Во општините Охрид и Дебар изборите за градоначалник се распишани поради ненадејната смрт на градоначалниците Јован Стојаноски и Ружди Љата, а Во Ново Село ќе се избира нов градоначалник, бидејќи поранешниот Боро Стојчев поднесе оставка откако беше осуден на затворска казна за обид за шверц на цигари.

За гласањето на локалните избори, избирачот се потпишува во изводот од Избирачки список наменет за локалните избори.

Гласачкото ливче се откинува од кочанот на блокот по нумерички редослед, му се става печат на предната страна и потоа му се дава на избирачот. Гласањето се врши тајно, зад параван.

Преклопеното гласачко ливче избирачот го става во соодветно обележаната кутија за гласање.

Гласање за друго лице е забрането, освен во случаите предвидени во членот 112 од Изборниот законик, односно избирачот кој има физички недостаток или е неписмен и поради тоа не може да гласа на начин утврден со овој Законик, со себе има право да доведе лице кое ќе му помогне при гласањето. Ако избирачот не доведе со себе лице кое ќе му помогне при гласањето, тогаш избирачкиот одбор ќе определи друго лице од редот на избирачите.

Лицето кое ќе му помага на друго лице при гласањето не смее да биде од редот на членовите на избирачкиот одбор, претставниците на подносителите на листите или од редот на набљудувачите. Лицето не смее да влијае врз одлуката на избирачот, а при гласањето може да помогне најмногу на двајца избирачи кои се со физички недостаток или се неписмени. Овој начин на гласање се забележува во записникот број 16.

Заради обезбедување на тајноста на гласањето, на денот на изборите на гласачките места, овластените претставници на подносителите на листите, овластените набљудувачи, членовите на изборните органи и избирачите не смеат да користат мобилни апарати, фотоапарати и други средства за снимање на изборниот материјал и на избирачите кога гласаат. 

За победа во прв круг потребни над 900 илјади гласови

Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Во недела на 21 април треба да се одржи првиот круг од претседателските избори. На изборите право на глас имаат 1.808.131 избирач, кои можат да изберат меѓу тројца кандидати Блерим Река, Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски. Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови.

Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати што освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 5 мај. За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи, што е предвидено со член 121, став 3 од Изборниот законик.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови,се повторува целата изборна постапка

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање, за време од пет години. За претседател на Републиката исто лице може да биде избрано најмногу два пати. Претседателот на Републиката мора да биде државјанин на Република Македонија.

За претседател на Републиката може да биде избрано лице кое на денот на изборите наполнило најмалку 40 години живот. За претседател на Републиката не може да биде избрано лице кое до денот на изборите не било жител на Република Македонија најмалку десет години во последните 15 години. Изборот за претседател на Републиката се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател. 

притисни ентер