Мира „Дизел“ побара повлекување на сопругот и братот, но не и на синот

Пратеничката Мира Стојчевска, која со недели е недостапна за јавноста да даде одговори на многу прашања, конечно се огласи за вработувањата на своите блиски.

Опозицијата не стивнува – и денеска обелодени нови случаи на непотизам. Браќата на пратеничките Татјана Прентовиќ и Анета Симеска Димоска се вработиле во МОБ, односно Здравствен дом – Македонски брод, критикува ВМРО-ДПМНЕ.

„Зарем во држава во која има толкав број на невработени, пред се млади луѓе, кои што секојдневно си заминуваат, е нормално токму роднините на функционерите на СДСМ да бидат или единствени пријавени или пак најдобрите и најквалитетните кандидати. Почитувани. Тоа за жал за СДСМ е нормално, па уште и лажно го морализираат.“

Eдна од најозборуваните за партиските вработувања Мира Стојчевска, пак, на социјалните мрежи соопшти дека нејзиниот сопруг се откажал од унапредувањето во Шумската полиција во Делчево а братот од позицијата во РЕК Битола. Синот останува во ЕЛЕМ.

„Одговорно тврдам дека, откако сум пратеник, а и претходно ниту сум влијаела, ниту пак имам намера да интервенирам за вработување на член на моето семејство или некој близок роднина. Тоа е спротивно на моите принципи и етички критериуми.“

Премиерот Заев најави дека ако се докаже судир на интереси, ќе бара одговорност од сите функционери.

Кривична пријава против Палeвски и уште три лица за пуштањето „бомби“ на разглас

Прилепската полиција поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „неовластено прислушување и тонско снимање“ против Љупчо Палевски и уште три други лица од Прилеп и Битола.

Кривичната пријава следува откако на 4-ти април за време на изборната кампања, тие во Прилеп организираа мал собир на кој на разглас пуштија неколку нелегално прислушувани разговори..Во снимките се појавија гласови на актуелни и поранешни функционери.

Палевски и останатите тогаш беа задржани во полициска станица, а по наредба на обвинител беа извршени и претреси во кои беа одземени нивните мобилни телефони, мемориски картички, усб стикови и друга електронска и компјутерска опрема..

Кривичната пријава е поднесена до обвинителството во Прилеп, а за ова дело, кривичниот законик предвидува парична казана или затвор до една година..

Заев со дијалог ќе бара решение за реконструкцијата на Алипашината џамија во Охрид

Премиерот Зоран Заев во однос на реакциите околу градежните работи на Алипашината џамија во Охрид денеска изјави дека верува оти низ дијалог ќе се изнајде решение.

– Ова е типичен пример на верска потреба која се јавува кај одредена група граѓани. Само заедно можеме да го решиме тоа. Ќе продолжиме да разговараме. Институциите мора да се почитуваат, изјави Заев по денешната дебата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.

Нагласи дека нема никакви ветувања. Ветувањата, истакна, беа да седнеме и низ разговор да го решиме овој проблем.

– Охрид е пример на соживот, пример на „Едно општество за сите" за што денеска говориме преку Нацрт националната стратегија, подвлече премиерот Зоран Заев.

Инаку, клучен проблем со Алипашината џамија во Охрид е минарето што треба да биде високо 32 метри чија изградба не е дел од конзерваторско-реставратотските работи на објектот.

Пендаровски се сретна со хрватската амбасадорка Баришиќ

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и  Хрватска, при што e констатирано дека се пријателски, без отворени прашања.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за поддршката од Република Хрватска за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија и поддршката за членство на  Македонија во НАТО, потврдена со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во Хрватскиот сабор. Тој изразил уверување дека поддршката ќе продолжи и во следниот период.

Пендаровски, како што наведуваат од кабинетот на претседателот, изразил очекување за вреднување на напорите на  Македонија од страна на Европскиот совет и скорешно одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, како клучен предуслов за обезбедување на напредок и трајна стабилност во поширокиот регион.

Амбасадорката Баришиќ, во име на претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, му честиташе на претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во работата и изразувајќи уверување за натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави. 

притисни ентер