Утре ќе продолжи комисиската расправа за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски

Утре напладне продолжува седницата на собраниската Комисија за деловничко-мандатни и имунитетни прашања на чиј дневен ред е брањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски ја презакажа за утре седницата поради повеќемината говорници кои се пријавиле за збор, а во текот на дискусијата која продолжи попладнево по получасовната пауза повторно имаше препукување меѓу пратениците од власта и опозицијата за тоа дали е оправдано да се донесе одлука на поранешниот претседател на Собранието да му се одземе имунитетот.

Со апел до пратениците од власта излезе опозицијата да не му го одземаат имунитетот на Велјаноски, поради тоа што, како што беше речено, тој со своето однесување не покажал никакви знаци дека ќе се противи на целокупната постапка што се покренува против него.

Пратеникот Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ ги праша пратениците од власта врз основа на кој аргумент оценуваат дека на еден пратеник треба да му се одземе имунитетот и додаде оти е добиено само едно барање од суд.

– Ако Комисијата одлучува само врз основа на барање на суд да се одземе имунитетот на еден пратеник, зошто тогаш на нас пратениците воопшто и ни се доделува имунитет. Вие практично имате донесено пресуда за имунитетот на Трајко Велјаноски и со тоа го праќате директно во притвор, рече Иванов и им порача на пратениците од власта дека додека тие биле во опозиција биле едни од најгласните противници за злоупотребување на мерката притвор.

Според него, Вељаноски со своето однесување во ниту еден момент не покажал дека може да го повтори делото, оти постои опасност дека ќе избега или дека би влијаел на други сведоци, нешто врз основа на што се одредува мерката притвор.

Претседателот на Комисијата, Богоевски му одговори дека работа е на судот да цени дали е оправдана или не мерката притвор за одреден случај, нагласувајќи оти тоа не е нешто за што одлучува Комисијата. Тој додаде дека Велјаноски се товари за едно од најтешките дела во Кривичниот законик.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Слаѓања Митовска истакна дека ова што се прави со пратениците на нејзината партија е всушност политички прогон. Повика на моралност и етичност кај пратениците од власта и нагласи дека во изминатите две години тие осум пати се соочиле со одземање на имунитет, со што како пратеничка група се всушност десеткувани.

Поранешниот претседател на Собранието Вељаноски заедо со Миле Јанкиески и Спиро Ристовски завчера беше приведен на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. Велјаноски се повика на пратеничкиот имунитет, додека на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка 30-дневен притвор.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето на судот и во рок од два дена да го достави до претседателот на Парламентот. По добиенот извештај од Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници./МИА

Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога

 Полициски службеници вчера ги привеле Д.С.(34) и Д.С.(34), двајцата од Свети Николе. При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана, соопшти МВР.

Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.

Средба на Ангеловска-Бежоска со заменик генералниот директор на ММФ

​НБ обезбеди стабилност на денарот, инфлациските движења и банкарскиот сектор.

Народната банка води соодветни политики, кои придонесоа за стабилизација на инфлацијата, курсот на денарот и одржување на стабилноста на банкарскиот сектор. Ова беше истакнато од страна на заменик генералниот директор на Меѓународниот монетарен фонд, Бо Ли, за време на состанокот со македонската делегација на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, која ја предводат гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик министерот за финансии, Филип Николоски, а од која е дел и вицегувернерот Фадил Бајрами.

Притоа, високиот претставник на ММФ укажа на потребата од понатамошна внимателност во водењето на политиките, со оглед на неизвесниот глобален контекст, кадешто инфлацијата забавува - но поспоро, додека стапките на глобален раст се под историскиот просек.

Во рамки на Пролетните средби, делегацијата оствари средба и со Директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, којшто исто така констатираше дека резултатите од соодветното водење на монетарната политика од страна на Народната банка, се видливи преку опаѓачкиот тренд на инфлацијата, позитивните движења кај девизните резерви и стабилноста на банкарскиот систем.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека и покрај повеќе шокови, преку бројните монетарни, но и макропруденти мерки е задржана макроекономската стабилност. Сепак, ризиците постојат и потребен е внимателен пристап.

Исто така, делегацијата оствари средба и со извршниот директор на ММФ и алтернативниот извршен директор, Пол Хилберс и Лук Дресе, на која се зборуваше за најновите макроекономски трендови и потребата за натамошна внимателност при водењето на макроекономските политики.

Кабинет на гувернерот

Силјановска Давкова на одбележувањето на 75 год. од крајот на Граѓанската војна во Грцијa

Гордана Силјановска Давкова учествуваше на одбележувањето на 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија.

Во организација на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, на 20 април 2024 година, сабота, со почеток во 11.00 часот, пред Споменикот на децата бегалци во Жена-Парк карши Собранието, се одбележи 75 годишнината од крајот на Граѓанската војна во Грција и 76 годишнината од прогонството на Македонците од егејскиот дел на Македонија, на денот на упокоението на Свети Методиј Солунски на 19/6 април 885 година.Присутните ги поздравија претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН Александар Јаневски, Гордана Димитриеска Кочоска потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова, кандидат за претседател на Република Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата “Македонија твоја“.

Гордана Силјановска Давкова истакна: Почитувани...

Искрена почит кон трагедијата која им се случи на децата бегалци од Граѓанската војна во Грција, кои воопшто не беа виновни за војната и последиците од неа. Тука сум, не како политичарка и кандидатка за Претседател на Македонија, туку како професорка, интелектуалка, докажан борец за човековите права, на сите, но и како мајка и родител, кој може да ја разбере трагедијата на одвојувањето на најмилото чедо од себе. За нас децата претставуваат се – нашиот свет, нашата радост, нашата гордост. Трагедијата на децата бегалци е пострашна затоа што со неа засекогаш нивните семејства беа поделени.

Денес живееме во свет каде сме сведоци на големи миграции предизвикани од политичка, економска, социјална нестабилност. Но, сведоци сме и на страшните бегалски судбини, во кои има многу недолжни деца, предизвикани од суровите војни кои често се водат во интерес на другите. Децата се најчестите жртви на војните, кои, и покрај сите конвенции за нивна заштита, едноставно не носат резултат, освен еден – трагедијата.

Судбината на македонските деца бегалци од Граѓанската војна во Кралството Грција, за жал и денес е тема која е ставена под тепих, не само од политиката, туку и од науката, која многу се бави со бегалските прашања, но трагедијата на децата бегалци некако е запоставена. Затоа ние сме тука за да се потсетиме на нивната судбина и трагедија за која воопшто не беа виновни

Нивната трагична судбина беше зацртана, а за жал се покажа и зацементирана со спогодбата помеѓу Привремената демократска влада на Грција и источноевропските земји (март–април 1948), после која биле евакуирани над 30.000 македонски деца, во Југославија, тука сакам да подвлечам не само на територијата на НР Македонија, потоа во Романија, Чехословачка, Полска, Унгарија и Источна Германија. Но, за жал овој егзодус не застана тука. Еден дел од децата, подоцна освен што дојдоа во Македонија, заминаа и на другите континенти, каде го продолжија својот животен пат, а некои од нив станаа признати членови на општествата во нивниот нов дом или татковина, како на пример светски познатиот историчар Ендрју Росос, кој со својот научен опус го афирмира македонското минато.

Токму затоа не смееме и не треба да ја заборавиме судбината на овие невини деца, кои патем не беа само Македонци, меѓу нив имаше и Грци. Бришењето на меморијата едноставно е невозможно. Можете, иако во нашата современост тоа е страшно и недозволиво, се да забраните, да не се пишува за нив, јавно да не се говори, но меморијата останува, во душите, во срцата на оние на кои им е направена а со тоа и кај нивните наследници. Таа не може да биде избришана. Затоа, длабоко свесна за неправдата која им е направена, а таа прерасна во трагедија, повикувам да не ги заборавиме децата бегалци, нивната трагедија, нивните семејства, без разлика дали се во Македонија, во Европа, на американскиот континент или пак во Австралија. Кон нив имаме и должност и почит, не само затоа што се Македонци, туку затоа што беа мали и недолжни деца, жртви на војната и политиката. Почитувајќи ја нивната судбина и трагедија, ја почитуваме истата судбина и трагедија на недолжните деца ширум светот, жртви на војните, кои најчесто не се нивни.

На крајот, како идна претседателка на Македонија, подавам рака на пријателство и соработка и искажувам надеж дека еден ден заедно со грчките политичари ќе се најдеме на ова место да оддадеме почит на децата, кои беа невини жртви на Граѓанската војна и ја напуштија родната земја, а нивните роднини, многумина од нив родители, браќа и сестри останаа дома и денес живеат во Грција заедно со поколенијата (наследниците). Почитувањето и знаењето на минатото, без разлика какво е и позитивни и негативно, остава голем простор за пријателска иднина кон која се стремиме за доброто на сите на Балканот и во Европа.

притисни ентер