Поранешен познат турски обвинител, баран од Анкара како припадник на Ѓуленистите, минатиот месец е приведен на граничниот премин Табановце при обид да ја напушти Македонија и да влезе во Србија, дознава Канал 5.
Границата се обидел да ја мине со фалсификуван дипломатски пасош под лажно име, но бил откриен. Како што пренесува весникот Хуријет, бегалецот е сместен во прифатен центар за странци во земјава, каде што и побарал азил.
Од МВР не откриваат детали за неговиот идентитет, ниту колку време престојувал во земјава. Случајот официјално е документиран во полицискиот билтен.
-На 8 март 2019 година во 18,10 часот на Граничниот премин Табановце при контрола на лицето Л.О.(43) од Р.Турција било утврдено дека доставените документи биле фалсификувани. При преглед над лицето пронајдена била турска возачка дозвола на име H.А.(42) од која бил утврден и вистинскиот идентитет на лицето, се вели во полицискиот билтен, објавен на 9 март.
Турските медиуми го посочуваат како еден од најбараните припадници на ФЕТО пребеган во странство. Се работи за поранешен обвинител, познат во Турција и како еден од клучните заштитени сведоци во масовниот судски процес Ергенекон, во кој пред седум години им се судеше на 300 обвинети за наводен обид за соборување од власт на Ердоган.
Во меѓувреме е обвинет дека бил припадник на ФЕТО, на што му претходи неуспешен обид да избегне апсење кога ја скршил и ногата. Трагата му се губи пред седум месеци.
Нема информација дали тој е еден од 15-те припадници на Ѓуленистите во земјава, за кои Министерството за правда соопшти дека води постапка за екстрадиција. Иако датира од многу поодамна, случајот го актуелизираше турскиот министер за одбрана, Акар при посетата на Скопје.
-Имаме имиња на некои од главните лица поврзани со оваа организација, кои се споделени меѓу институциите на двете земји. Оваа терористичка организација, им штети и на односите меѓу двете земји. На некој начин го саботира и нашето пријателство и братските односи кои што ги имаме, изјави Хулуси Акар, министер за одбрана на Турција
Острите тонови на Акар дел од јавноста ги протолкува како порака дека Анкара може да го условува потпишувањето на протоколот за НАТО за Македонија во замена за екстрадиција на овие луѓе. Министерката за одбрана Шеќеринска оцени дека Турција може да го оддолжи НАТО процесот, но оти не очекува да биде кочничар на членството на земјава во Алијансата.