Хит комедијата „Првин ќе ме земеш, после ќе ме..." во Велешкиот театар

Како што појаснуваат од велешки театар, станува збор за реално комично шоу кое веќе трета сезона се изведува на сцената на Театар Комедија и досега има над 50 изведби во повеќе градови во Македонија.

На Големата сцена на Театарот „Јордан Х.К-Џинот", Велес, вечер со почеток во 20 часот ќе гостува независниот театар „Провокација" со хит комедијата „Првин ќе ме земеш, после ќе ме…" во режија на Ѓорѓи Ризевски, со актерите Роберт Ристов, Мирјана Поповска Ристов и Дарко Вељиќ.

Како што појаснуваат од велешки театар, станува збор за реално комично шоу кое веќе трета сезона се изведува на сцената на Театар Комедија и досега има над 50 изведби во повеќе градови во Македонија.

Џота и Кети се ликовите кои се пријавени да учествуваат во реално шоу и двајцата се со поодминати години за мажење/женење, и двајцата со различни животни стории кои оставиле болни траги врз нивните животи. Тука е и келнерот, кој е водител на шоуто и кој комуницира со публиката. На секоја изведба публиката, по пат на гласање ги избира сцените кои сака да ги погледне, и со тоа, самата таа избира накаде ќе се развива претставата. Секој избор завршува со конфликтна ситуација која нуди нови три избори, по што публиката повторно гласа. Ова е принципот по кој се гради претстава и заради кој секоја  изведба е непредвидлива и за публиката и за актерите и е поразлична од претходната.

Костимите за претставата се на Елена Лука, а сценографијата на Роберт Ристов, кој токму за улогата на Џота ја доби наградата од меѓународното жири на НЕТА за најдобра машка улога на фестивал „Ристо Шишков" во Струмица./МИА

Николовски се сретна со генералните секретари на коалиционите партнери од мнозинството предводено од СДСМ

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски попладнево одржа координативен, работен состанок со генералните секретари на коалиционите партнери од мнозинството предводено од СДСМ.

На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми, за процесот на промени во интерес на граѓаните, исполнувањето на реформите за напредокот на државата како и за соработката помеѓу политичките партии во самата коалиција.

Николовски го презентираше и новиот систем за работа на СДСМ кој предвидува и подобра координација меѓу партиите во имплементација и реализација на програмските определби и реформите во интерес на граѓаните.

Промените започнаа и тие ќе продолжат во континуитет. Заеднички создаваме систем за евалуација на постигнатите резултати и придонесот на секој што презел одговороност да им служи на граѓаните.

Соработката помеѓу партнерите е добра, заедничка цел е промените и корекциите што се случуваат да ги засилат екононмските продобивки за сите граѓани.

Интересите на граѓаните и напредокот на државата се на прво место.

Беше оценето дека редовни средби на ниво на генерални секретари на партиите од коалицијата позитивно влијаат во подобрување на координацијата меѓу партиите на оперативно ниво, се наведува во соопштението на СДСМ..

Се судрија два германски воени авиони, едниот пилот загина

Два воени авиони еурофајтер на германските вооружени сили се судрија во североисточната германска држава Мекленбург-Западна Померанија, при што еден пилот загина.

Пилот од трет авион, кој исто така учествувал во маневрите, видел како двајцата пилоти се катапултирале, по што го пријавил инцидентот. Падобранот на едниот пилот се закачил за стебло и откако го пронашле спасувачите укажана му е потребната медицинска помош.

Портпаролот на германската војска за „Билд“ изјави дека другиот пилот не го преживеал падот.

Пендаровски – Маас: Потврдена силната поддршка од Германија за европската интеграција на Република Северна Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Сојузна Република Германија, денеска се сретна со германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, биле разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Сојузна Република Германија, при што било констатирано дека двете земји имаат изградено односи на пријателство, исполнети со доверба и взаемно почитување.

Претседателот Пендаровски оценил дека Сојузна Република Германија е клучен политички партнер и најголем трговски партнер на Република Северна Македонија, држава која постојано дава поддршка за нашите аспирации за членство во Европската Унија и во НАТО. Претседателот Пендаровски изразил задоволство за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО во германскиот Бундестаг.

Пендаровски и министерот Маас размениле мислења за последните случувања поврзани со европската интеграција на Република Северна Македонија. Претседателот Пендаровски посочил дека Република Северна Македонија во изминатиот период вложи многу напори во исполнување на европските критериуми и истакнал дека ќе продолжи реализацијата на реформската агенда. Во таа насока, претседателот Пендаровски го реафирмирал очекувањето за одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија. /МИА

притисни ентер