Нимиц: Се измачив со користењето на „ПЈРМ", Преспа е врв на мојата кариера

Нимиц вели дека денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро, туку како многу потресен и многу важен ден, кој, како што наведува веројатно е врвот на неговата кариера.

Американскиот дипломат Метју Нимиц кој речиси 25 години посредуваше во спорото за името меѓу Скопје и Атина, во разговор за Дојче веле признава дека до самото потпишување на Договорот од Преспа на 17 јуни 2018 година, па ни потоа, не бил сигурен дека целата работа ќе се истера до крај.

Вели дека денот на потпишувањето не го памети само по 79 роденден кој го прослави на брегот на Преспанското езеро, туку како многу потресен и многу важен ден, кој, како што наведува веројатно е врвот на неговата кариера.

Нимиц кажува и дека постојано се мачел со користење на референцата „поранешна југословенска Република Македонија", име кое, како што посочува, всушност и не беше име.

– Привремената референца во Обединетите нации воопшто не беше име на земјата. Тоа беше времена референца во очекување на име. Тоа ви е како јас и сопругата да добиеме дете и во болница да му напишат „синот на г-дин и г-ѓа Нимиц. И ако детето 20 години шета без име, тој или таа ќе расте во многу непријатна ситуација. Вашата земја беше заглавена со таа референца што беше понижувачки за државата, ја доведуваше во прашање нејзината легитимност, отвораше проблеми, а беше тешко и за мене како претставник на ОН да ја користам и постојано да повторувам 'поранешна југословенска Република Македонија, вели Нимиц.

Од денешен аспект смета дека единствениот период во минатото кога можеби можел да се реши спорот се отворил веднаш по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година.

– Можеби во таа кризна атмосфера нешто можеше да се стори, но излезе дека не е така затоа што имаше премногу бес и владата во Скопје одлучи да тужи пред Меѓународниот суд. Ни САД тогаш не беа многу од помош, да поттурнат за да се најде ново име, се присетува Нимиц.

Го споменува и периодот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу, „кој имаше интерес да го реши проблемот", и неколкуте негови средби со тогашниот македонски премиер Никола Груевски. -Но, тоа не беа интензивни преговарачки сесии, што ме разочара. Тоа беа само куси состаноци, вели Нимиц.

И во периодот на владите на Љубчо Георгиевски и Костас Симитис за време на конфликтот во 2001 година кружеле идеи преку „неформални дискусии, а биле нафрлени и неколку имиња", но во тој период надежите на Нимиц биле насочени кон поранешниот претседател Борис Трајковски.

-Трајковски беше претседател. Имав чувство дека доколку Трајковски не загинеше трагично во авионската несреќа, дека тој имаше лидерски потенцијал да стори нешто, смета Нимиц.

Според него, процесот на антикцизација во Скопје што го почна владата на Никола Груевски по Самитот во Букурешт, имало многу лош ефект на процесот.

– Имав многу дискусии со Груевски и имав добри односи со него. Минавме многу часови заедно. Ќе одев во неговиот дом и ќе вечеравме заедно, и ќе разговаравме. Го сметав за многу интелигентен. Ги познаваше работите многу добро. Секогаш го сметав за многу интересна личност за разговор на оваа тема. Но неговите, и погледите на претседателот Иванов, беа премногу заглавени во историскиот пристап. Тоа за мене беше ќорсокак, наведува Нимиц.

Груевски, оценува Нимиц, никогаш не бил подготвен да го направи последниот чекор.

-Тој не беше подготвен на компромис доволен за да се постигне договор. Беше флексибилен, но неговата флексибилност беше лимитирана. А и политиката во земјата беше таква што тој со оваа тема добиваше на избори, оценува Нимиц.

Долгогодишниот посредник во разговорите за името вели дека Преспанскиот договор и натаму се соочува со силно противење и во Македонија и во Грција, како од двете најголеми опозициски партии, така и од радикалите.

Нимиц додава дека тоа му е јасно, а објаснувањето е дека „никогаш не можете да бидете сигурни за иднината.”

-Не верувам дека историјата кога било престанува. Нештата се движат. Споровите кои имаат длабоки корени се менуваат во природата, но никогаш целосно не исчезнуваат, одговара тој на дилемата дали е конечно затворен спорот./МИА.

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

притисни ентер