Предлогот за промените во владиниот кабинет денеска или утре во Собранието

Најмногу две имиња остануваат непознати на неофицијалниот список за реконструкција на Владата имајќи ги предвид испразнетите министерски фотелји и непотврдените информации за имињата на нови членови на владиниот кабинет.

Премиерот Зоран Заев се очекува најдоцна утре или пак уште денеска попладне да го достави предлогот за новиот владин состав до Собранието.  Министерот за внатрешни, Оливер Спасовски вели одлуката кој ќе остане, а кој ќе замине е во рацете на премиерот.

Заев во неделата најави промени во осум министерски позиции – шестте ресори кои ќе бидат зафатени од владината реконструкција веќе извесно.

Заев до парламентот ќе испрати предлози за нови министри во Култура и Земјоделство по оставката на Асаф Адеми и Љупчо Николовски, кој се повлекува за да се посвети на партиската функција.  Извесно е дека ќе има предлог за прв човек на новоформираното министерство за политички систем.

Иако неофицијално, веќе е сигурно дека лидерот на ЛДП, Горан Милевски влегува на Илинденска како министер за локална самоуправа, поради ова неговиот сопартиец Зоран Шапуриќ, кој е министер без ресор ќе ја напушти фотелјата во замена за директорска позиција. Неговата позиција ќе биде дадена на кадар од НДП, партијата на Весел Мемеди. Промена на кадри се најавуваа и во животна средина за каде се споменува Насер Нуредини, син на познат бизнисмени од Виена како нов кадар во овој ресор.

Со назначувањето на министерот за финансии, Драган Тевдовски и во Извршниот одбор на СДСМ, според партиските толкувања, сосема е извесно дека ќе ја задржи досегашната позиција. Останувањето на министерките Шекеринска, Дескоска, Царовска во Владата се смета исто така за извесно.  Во прашање не се доведува ниту позицијата на Димитров, Османи и Спасовски.

Како ресори во кои се можни промени остануваат министерството за економија, транспорт и врски и информатичко општество и јавна администрација, како и здравство и образование.

По предлогот на Заев пратениците се очекува да одлучуваат на седницата закажана во вторник.

Изгоре хангарот на Едриличарскиот клуб во Струга

Голем пожар ги пеплоса бараките во кои е сместен Едриличарскиот клуб во Струга, кој што се наоѓа во близина на „Машка плажа".

Брзата интервенција на Струшките пожарникари спречи поголема катастрофа, и не дозволи проширување кон други објекти. Нема повредени цивили, а еден пожарникар е хоспитализиран поради труење од чад.

Командирот на Територијалната против-пожарна единициа Ристе Талевски за МИА информира дека е опожарен цел хангар каде што беше сместен Едриличарскиот клуб и предизвикана е голема материјална штета.

– Интервениравме со две против-пожарни возила и 13 пожарникари. Предизвикана е огромна материјална штета, но за среќа нема повредени цивили. Поради вдишување чад еден пожарникар е хоспитализиран, изјави Талевски.

Поради силината на огнот, додаде, постоела опасност да бидат зафатени и локалните бараки.

– Пожарот е локализиран, работиме на целосна ликвидација. Спасени се надворешните едрилици, а постоеше опасност од зафаќање и на локалните бараки, посочи Талевски

Причините за пожарот не се познати. По целосното гаснење, екипи на крим техника ќе работат на утврдување за причините./МИА

Варвициотис: Нова демократија во наследство го доби лошиот Договор од Преспа

Не сме копотписници на Договорот од Преспа. 

Како што ни оставивте во наследство други прашања, така во наследство го добивме и лошиот договор за кој треба да работиме за резултатите да ги направиме многу подобри, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, надлежен за европски прашања Милитиадис Варвициотис, за време на расправата во Парламентот за гласање доверба на владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија им се обрати на поранешниот премиер Ципрас, на поранешниот министер за надворешни работи Катругалос и на другите кои коментирале, велејќи дека дошло до недоразбирање во однос на она што тој го кажа на конференцијата на „Економист". Го повтори веќе изнесениот став дека Нова демократија „се бореше и стори сѐ да не се потпише и да не се ратификува Договорот од Преспа", бидејќи смета дека станува збор за лош договор и не ги решава на корисен начин националните прашања.

-Да не се истрчувате и да велите дека сме копотписници на Договорот од Преспа. Го наследивме, ќе се обидеме, преку тесната рамка што е опишана да ја подобриме реалноста што ја создава и тоа ќе го направиме доследно, со труд, со меѓународните сојузништва и без да ја ризикуваме позицијата на земјата. Бидејќи секоја друга политика би значела дека го имаме загубено нашето главно оружје, што беше ветото за влез на Скопје во НАТО, а од друга страна ја имаме изгубено Времената спогодба, што го предвидуваше начинот на кој оваа држава се претставува во меѓународните организации, рече алтернативниот министер за надворешни работи на Грција.

Варвициотис објасни постојат две полиња на кои треба да работат за резултатите од „лошиот договор да бидат многу подобри за грчките национални интереси".

-Прво е полето на економијата, прашањето со бизнисите, производите, кои треба да ги зајакнеме, треба да го дадеме поттикот што треба и, секако, треба на европско ниво да ја гарантираме нивната автентичност. Второто е прашањето со иредентизмот. И овде сакаме да испратиме јасна порака дека ќе бидеме во континуиран процес на следење и на развојот на предвиденото во Договорот, но уште повеќе кога ќе се отвори европскиот пат на северниот сосед кон Европската унија, тогаш во секоја фаза ќе бидеме таму за да следиме, бидејќи сакаме Западен Балкан да оди напред во Европа, но без никакви отстапки, ниту за прашањата со иредентизмот, ниту за прашања кои се поврзани со владеењето на правото, рече Варвициотис за време на расправата во Парламентот за гласање доверба на грчката влада, пренесе МИА. 

Во Косово уапсен осомничен за воени злосторства

Косовската полиција уапси косовски државјанин од српска националност, осомничен за воени злосторства против албанско цивилно население извршени за време на војната во 1999 година.

Специјалното обвинителство на Косово синоќа соопшти дека машко лице, идентификувано со иницијали Г.С., е уапсено како осомничен за „соучесништво заедно со други соизвршители во кривично дело „воени злосторства против цивилно население“ согласно кривичниот закон на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ и Женевската конвенција, дела кои се санкционираат и со соодветни одредби на кривичниот закон на Косово.

притисни ентер