Мехмедовиќ: Се разговара за подобрување на условите во амбулантите во Ѓорче Петров, Автокоманда, Бутел и Влае

Здравствениот дом Скопје има склучено договори со сите концесионери што се во амбулантата во Ѓорче Петров.

Што предвидуваат средствата од таа концесија да се користат за тековно одржување на амбулантата, за санирање поситни дефекти, за молерисување и санирање полесни градежни работи што ќе можат да се појават како проблем во нејзиното тековно работење. Меѓутоа се додека не се изнајде целосно решение што ќе биде трајно за изградба на амбуланта, нормално дека овој проблем ќе биде актуелен, изјави денеска директорот на Здравствениот дом Скопје, Злате Мехмедовиќ во врска со најавата за реновирање на амбулантата.

Тој посочи дека редовно комуницираат во однос на проблемите што ги имаат со застарените објекти што се под ингеренција на Здравствен дом Скопје, инаку се на Владата и на Министерството за здравство.

Во врска со тоа како може да ги унапредиме условите во нив, Мехмедовиќ потенцира, се работи за објект што е времен, изграден после земјотресот, односно за барака што има рок на траење од 15 години, меѓутоа во функција е повеќе од 65 години.

– Се разговараше за тоа како може општината и Министерството за здравство заедно да го решат проблемот. Имавме состаноци со проектната единица за решавање на проблемите не само во делот на амбулантите од Ѓорче Петров, туку и другите амбуланти, затоа што такви времени објекти имаме и во Автокоманда. Исто така е разговарано со општината Гази Баба и со градоначалникот за да може да се најде и таму решение. Таков проблем имаме и во општината Бутел, имаме уште една таква амбуланта во Влае, како и во општина Ѓорче Петров. Така што со сите чинители и со локалната самоуправа и со Министерството за здравство разговараме за тоа како да ги подобриме условите, додаде д-р Мехмедовиќ.

Тренчевска: Опфатот на децата во градинките 48 проценти, до 2028 година ќе изнесува 70 проценти

 Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика во техничката Влада, Јованка Тренчевска денеска информираше дека имаат таргет до 2028 година, 70 отсто од децата да бидат вклучени во градинките.

- Во 2017 година, кога се формира Владата предводена од СДСМ, опфатот на децата во градинките беше од 25 до 27 отсто од вкупниот број деца вклучени во градинките. Денес, тој процент е 48, дополнително ќе се зголеми со градинките што чекаат на отворање. Таргетот ни е до 2028 година, тој процент да се зголеми на 70 отсто деца опфатени во предучилишно образование и секако, тој број да се зголемува, одговори Тренчевска на новинарско прашање на брифингот со новинари во Клубот на пратеници.

Во однос на листите на чекање за прием во градинка, таа кажа дека најкритично е во скопските општини.

- На територијата на целата држава од 2017 година до денес, изградени се 84 градинки со вкупен опфат на над 8 000 деца. Во декември 2023 година, Владата додели четири милиони евра за изградба на нови градинки во општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром и во Карпош, подвлече Тренчевска.

Од 2018 година до денес во детските јавни установи вработени биле вкупно 2 881 лице, а бројот на лиценцирани негувателки и воспитувачки во овој период, изнесувал 740 лица.

НАТО ја одбележува 20-годишнината од своето најголемо проширување

НАТО денеска ја слави 20-годишнината од најголемото проширување на Алијансата, кога на пактот се приклучија седум земји.

„Денеска се навршуваат 20 години од приемот на Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка и Словенија“, изјави портпаролката на НАТО, Фара Даклала.

„Оваа година се одбележува и 25-годишнината од првото проширување на пактот по Студената војна со пристапувањето на Чешка, Унгарија и Полска, како и 75 години од основањето на Алијансата“, додаде таа.

Претходно овој месец, НАТО објави податоци кои покажуваат дека повеќе од 80 отсто од граѓаните на земјите од пактот се на мислење дека земјите од Европа и Северна Америка треба да работат заедно за безбедноста.

Ѓоковиќ се уште не избрал нов тренер

 Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави дека се уште не знае кој ќе му биде тренер. Пред тоа ја прекина соработката со Горан Иванишевиќ. Србинот истакна дека Хрватот е негова драга личност и нивното пријателство нема да заврши.

-Се уште не знам точно кој ќе биде новиот тренер и дали воопшто ќе има таков. Имам тренери уште од детството, сега се обидувам да се потпрам на моите чувства и самостојно да одлучувам што ми треба, што е позгодно за мене. Ако некој се приклучи на тимот, тоа ќе биде објавено, изјави Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ и Иванишевиќ почнаа да соработуваат од 2018 година. Покрај Ѓоковиќ, Иванишевиќ беше тренер на Хрватот Марин Чилиќ, Чехот Томаш Бердих и Канаѓанецот Милан Раониќ.

Од 2018 година, Ѓоковиќ четири пати ги освои Австралија Опен и Вимблдон, како и Ролан Гарос и УС Опен по два пати. /МИА

притисни ентер