Др. Чадиковски денеска спогодбено го раскинал работниот однос во болницата ,, Жан Митрев“

Молк за случајот со детска кардиохирургија во болницата „Жан Митрев“.

Никој денеска официјално не објасни кој доктор ќе продолжи со операциите на децата под капата на фондот за здравство. Од министерството за здравство велат дека немало потпишан нов договор за јавно приватно партнерство, бидејќи фондот и болницата Жан Митрев имале договор за вакви операции веќе 20 години. Извори за Канал 5 велат дека никој не бил од инспекторите во болницата „Жан Митрев“ со цел да проверат дали хирургот оперирал сам или не. Пред два дена во оваа болница се направи интервенција на новороденче од страна на кардиохирургот Жан Митрев. Надлежните инспектори велат дека снимката која ја објави болницата не е доволна и треба писмен документ дали и Чадиковски бил пристуен. Кардиохирургот Чадиковски потврди дека бил во Грција на одмор. Засега во Македонија единствен со лиценца за детска кардиохирургија е Владимир Чадиковски кој даде отказ во болницата „Жан Митрев“ поради одредени недоразбирања. Вчера од министерството за здравство беа децидни операциите ќе се изведуваат во клиничката болница „Жан Митрев“, истото го потврдија и од болницата. Но, се уште не е прецизирано дали и кој доктор ќе оперира во проектот јавно приватно партнерство. Од лекарската комора објаснија дека операциите треба да ги прави доктор кој има лиценца за таа дејност, се друго е против законско.

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер