Спасена Србинка која се давела на плажа во Сарти

Спасувачите извлекле од водата на градската плажа во Сарти 67- годишна Србинка која се давела.

Спасувачите на плажата на грчкото туристичко место Сарти и дале вештачко дишење и кислород на жената , која подоцна била пренесена во болницата во Полигирос на Халкидики.

Според грчките медиуми, во Сарти летуваат претежно семејства со деца , па затоа треба да се внимава на безбедноста , односно да се почитуваат црвените знаменца , зашто морските струи се силни , а брановите опасни.

Потврдено, синот на Бин Ладен е мртов

Американскиот министер за одбрана Марк Еспер ја потврди смртта на Хамзе Бин Ладен, еден од синовите на убиениот водач на терористичката мрежа Ал Каида, Осама Бин Ладен.

За неговата смрт медиумите пишуваа уште кон крајот на Јули.

Еспер не соопшти никакви детали за смртта на наводниот наследник на Ал Каида, ниту за операцијата во која тој е убиен.

„Не ги деталите. Да ми беа познати ќе ви ги соопштев“, рекол Еспер.

Американските медиуми објавија дека Хамза Бин Ладен бил убиен и дека САД учествувале во операцијата за негова елиминација, но неговата смрт досега не беше јавно потврдена.

Судот и ја отфрли жалбата на Јанева за определениот притвор

Кривичниот суд и ја отфрли жалбата на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за определениот 30-дневен притвор, потврдија за МИА од Кривичниот суд.

Судот синоќа одреди триесетдневен притвор за специјалната јавна обвинителка Јанева. Притворот го бараше Јавното обвинителство поради основано сомнение дека Јанева ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист.

Судијата Сеад Реџепагиќ вчера ја донел одлуката за притвор по сите три основи, опасност за повторување на делото, опасност за влијание врз сведоци и опасност за бегство.

Обвинителката Вилма Рускоска вечерва по излегувањето од Кривичниот суд изјави дека заедно со јавниот обвинител сметале оти во овој момент било неопходно да и се одреди мерка притвор на Јанева. Истакна дека истрагата продолжува и оти засега нема други осомничени што не значи дека таа не може да се прошири и на други лица.

Катица Јанева е осомничена дека ја злоупотребила службената положба и овластувањата и се стекнала со лична корист, со тоа што, најпрво влијаела за ослободување од притвор и враќање на патната исправа, а потоа и дала предлог да се олесни положбата на осомничен во „Империја" со негово прифаќање како сведок во постапката.

Јанева, чиј глас се слушаше во снимките објавени од италијанскиот весник „Ла Веритас", во кои таа на главниот осомничен за случајот „Империја" Орце Камчев му вели „се ќе биде добро" е третоосомничена во случајот „Рекет"./МИА

Приведени две лица од Дебар кај кои се пронајдени 20-тина килограми марихуана

Тетовската полиција приведе две лица од Дебар откако во возилото со кое се превезувале се откриени 20-тина килограми марихуана.

– Попладнево, околу 17 часот, на улица „Илинденска" во Тетово, полициски службеници запреле патничко моторно возило „Мерцедес" со скопски регистерски ознаки во кое се превезувале две лица. Возилото го управувал 21-годишник, а како совозач бил 27-годишник, двајцата од Дебар. При нивен и преглед на возилото биле пронајдени 20-тина килограми марихуана. Лицата се лишени од слобода и задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.

Возилото е одземено за вештачење, додека увидните активности се уште се во тек. /МИА

притисни ентер