Нови рочишта за „Титаник" и „Титаник 3"

 Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник" на Специјалното јавно обвинителство.

Претходното рочиште беше одложено поради отсуството на членот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев.

Предметот, кој го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова, се наоѓа во доказна постапка. Досега се изведени околу 4.850 од над 5.900 предложени материјални докази од СЈО.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник" обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Ново рочиште денеска треба да се одржи и за предметот „Титаник 3" во кој се обвинети Ејуп Аљими и Исмет Гури од ДУИ. Тие се товарат дека како членови на Општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништувале изборен материјал.

Постапката почна одново на 15 март годинава по именување на судијката Марија Клетичка за нов судија во предметот, откако судијката Оља Ристова, која го водеше случајот, во февруари годинава побара изземање од предметот./МИА.

Европскиот парламент одобри визна либерализација за Србите од Косово

За безвижен режим за патување во ЕУ гласаа 406 од 597 европратеници.

Европскиот парламент денеска изгласа либерализација на визите за имателите на српски пасоши од Косово, кои ги издава Координативната администрација на Србија, на предлог на европратеникот и известувач за укинување на тие визи, Матјаж Немец.

За безвижен режим за патување во ЕУ гласаа 406 од 597 европратеници - до 90 дена за имателите на пасоши издадени од Координативната управа на Србија, 97 беа против, а 94 беа воздржани.

Германецот, обраќајќи им се на членовите на ЕП пред гласањето, рече дека тоа е важно гласање и одлука која ќе го подобри животот на 18.000 српски државјани на Косово, кои се носители на специјални пасоши. /МИА

Вучиќ: Со кампањата во Македонија, Курти ја поткопува регионалната стабилност

Предизборната кампања во Македонија најде место и на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, каде синоќа се расправаше за извештајот за работата на УМНИК на Косово.

Српскиот претседател Вучиќ во своето обраќање рече дека косовскиот премиер Курти се мешал во внатрешните работи на Македонија и дека бил вклучен во предизборната кампања во земјава. Косовската претсеателка Вјоса Османи, пак, обвини дека Белград со терористички тактики го поткопувал уставниот поредок во Косово.

Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди франци

 Швајцарија замрзна руски имот во вредност од 5,8 милијарди швајцарски франци или 5,95 милијарди евра, соопшти денеска Државниот секретаријат за економски прашања на земјата (СЕКО).

Оваа бројка се однесува на вкупната вредност на руските средства замрзнати од Швајцарија од почетокот на војната во Украина до крајот на 2023 година.

Вредноста на замрзнатите руски средства во Швајцарија е помала отколку на крајот на 2022 година, кога изнесуваше 7,5 милијарди швајцарски франци.

„Вредноста на финансиските средства замрзнати во врска со санкциите против Русија изнесуваше 5,8 милијарди швајцарски франци на 31 декември 2023 година. Ова е за 1,7 милијарди швајцарски франци помалку од бројката пријавена за декември 2022 година. Покрај тоа, сега се блокирани 17 имоти во 7 кантони“ се вели во соопштението на СЕКО. /МИА

притисни ентер