Што предвидуваат одредбите за преодна влада на 100 дена пред избори

По лидерската средба што се одржа вчера кај претседателот Стево Пендаровски, учесниците најавија дека се договориле да се одржат предвремени парламентарни избори на 12 април идната година.

 Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев по средбата изјави дека тие ќе бидат спроведени по т.н. „пржински модел" со преодна Влада која треба да почне да функционира 100 дена пред одржување на изборите, поради што тој ќе се повлече од премиерската функција на 3 јануари.

Законските измени кои отвораат ваква можност беа изгласани на 25 јули лани, два дена откако за нив беше постигната согласност на лидерска средба.

Со измените и дополнувањата на Законот за Влада се предвидува сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на премиерот, Собранието да избере нова, преодна Влада за спроведување на парламентарни избори, предводена од нов премиер, кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Парламентот. Ќе бидат избрани и нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и тројца заменици министри.

Заради организирање на избори за пратеници Собранието на Република Македонија на предлог на претседателот на Владата, сто дена пред денот на одржувањето на избори за пратеници избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, на предлог на опозицијата со мандат кој трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори по што мандатот им престанува по сила на закон.

Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број на пратеници во Собранието, а министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници.

Измените и дополнувањата ја регулираат и работата на министерот за внатрешни работи. Тој може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во министерството, во согласност закон. Министерот за внатрешни работи може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања.

Заради организација на избори за пратеници, Собранието на предлог на претседателот на Владата  именува дополнителен заменик на министерот во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за труд и социјална политика, предложени од политичката партија на власт со најголем број на пратеници, а во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за информатичко општество и администрација, предложени од политичката партија во опозиција со најголем број пратеници во Собранието.

Мандатот на дополнителните заменици министри трае од денот на нивниот избор до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието, по што мандатот им престанува по сила на закон. Тие заедно со министрите заедно и рамноправно со министерот учествуваат во остварувањето на надлежностите предвидени во Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Првпат ваков модел на преодна Влада беше спроведен на предвремените парламентарни избори во 2016 година, за што тогаш беа донесени и законски измени и тој модел на влада беше наречен „пржински" бидејќи беше договорен во текот на пржинските преговори по политичката криза која настана по објавување на т.н. бомби со прислушувани разговори./МИА.

Над 160 жени годишно жртви на семејно насилство

Над 160 жени во просек во земјава секоја година се изложени на семејно насилство.

Најмногу со тепање на кое му претходи вербална расправија  потоа  уцени со закани по живот,мобинг а не е мал бројот и на оние кои се принудувани на проституција и на питачење, покажуваат истражувања во Куманово, Велес, Штип, Кочани, Кичево и Прилеп направени од  здружението – Национален ромски центар. Од ЕУ и одделот за правата на жените при Обединетите нации, годишно семејното насилство во Македонија се зголемува од 20 а во некои градови и до 60 отсто,најмногу кај ромите.

Колку што се зголемува бројот на случаите  на семејното насилство толку се намалува бројот на жените  кои се охрабруваат да пријават. Причина е изгубена верба во институциите. Само десетина се во судска процедура.

Анализите покажуваат дека треба и  соодветни законски измени за регистрирање на малолетничките бракови,евидентирање на нивните ново родени деца- така наречени ,,фантоми,,но и сериозно справување со мафијата која работи и профитира како од проституцијата така и од питачењето и крадењето.  

Заев пред форумот на жени на СДСМ, Мицкоски на конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ

Партиските раководства на власта и опозицијата на два настани едни до друго си разменија пораки.

 Премиерот и претседател на СДСМ од 20-годишнината на Форумот на жени на СДСМ, а лидерот на ВМРО ДПМНЕ од 28-мата годишна конференција на Унијата на млади сили. Заев на своите сопартијки им вети дека ќе работи на унапредување на статусот на жените и нивните права. Од говорницата најави дека на кандидатските листи за претстојните избори ќе има еднаков број жени и мажи на кандидатските листи за пратеници.

„Нашата позиција како СДСМ е јасна: потребни се повеќе жени во политиката и тоа заедно со вас ќе го оствариме. Во нашиот Извршен одбор повеќе од половина членови се жени. Еднакви сме, можеме, тоа е пораката што ја испраќаме. Ние сме предводник во концептот 50-50 на застапеност на жени во политиката. Не како бројка туку суштински како квалитет. И тоа ќе го оствариме. На следните избори, СДСМ ќе има 50-50 отсто жени и мажи на листите, целосна еднаквост“, порача Заев.    

Претседателката Форумот, Снежана Калевска Ванчева порача дека жените мора да останат претпазливи и да не дозволат стекнатите права да бидат загрозени.

Мицкоски пред владите вети дека Владата која тој би ја предводел би се водела по строг морале кодекс. Вели  нема да толерира функционери бизнисмени, луксузирање со државни пари, реваншизам врз администрацијата и дека Европската Унија и НАТО остануваат стратешки цели. Опозицискиот лидер убеден во победа на 12-ти април.

„Следува Референдум за Македонија. 12-ти април 2020 година е тој ден. Македонија е нашето се. Да ги поразиме оние кои носат порази. Изборот е Зоран Заев или Македонија. Народот ќе ја одбере Македонија. Знам дека тоа е така“, рече Мицкоски.

Претседателот на УМС, Јован Јаулески рече дека актуелната власта не сторила ништо за да ги задржи младите и да ги подобри условите за образование и вработување.

Дали Мицотакис (ќе) го почитува Преспанскиот договор?

Откако пред неколку дена во Солун грчкиот премиер Мицотакис ја промовираше маркетиншката кампања „Macedonia the GReat“за грчките производи од регионот Македонија, премиерот Заев вели дека е уверен дека прашањето ќе се реши преку меѓународна експертиза

Според него, самостојно истакнување на амблем не е против Преспанскиот договор, а финалното решение за производите кои го носат името Македонија очекува да биде мост на поврзување на двете држави.

Oд македонското МНР вчера порачаа дека грчкиот слоган „Macedonia the Great“ jа подрива довербата меѓу двете земји и може негативно да се одрази врз односите меѓу двете држави.

„Ние цениме дека на ваквите прашања треба да им се пристапува преку дијалог и со советодавна и експертска асистенција на меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитни знаци. Унилатералеиот пристап може да доведе до подривање на меѓусебната доверба и да има негативно влијание врз досегашните напори и постигнати резултати меѓу двете држави“, велат од МНР.

Ваквиот развој на настаните за политичкиот аналитичар Петар Арсовски е последица на промената на власта во Грција и не доволните средби на мешовитата комисија за трговски марки. Според него на грчката провокација во моментов не треба да се возврати со иста мера.

Претседателот на македонската страна на комисијата за трговски марки Ѓорѓи Филипов, пред неколку дена посочи дека досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка со името „Macedonia the GReat“, и додаде дека заради тоа, таа не може да биде ЗАСЕГА предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од меѓународната група на експерти. Согласно Преспанскиот договор, двете земји формираа заедничка мешовита комисија, која има рок до 2022 година да дојде до договор за трговските марки, ознаките и комерцијалните имиња за терминот Македонија или  Македонски.

притисни ентер