Две прикажувања на „Медена земја" денеска во Крива Паланка

Во Националната установа Центар за кулутра – Крива Паланка денеска во два термини, од 11 часот и од 17 часот се прикажува документарецот „Медена земја", годинашниот македонски кандидат за најпрестижната филмска награда „Оскар".

Мира Ѓоргиевска, директорка на НУЦК – Крива Паланка итакна дека интересот на јавноста за овој филм е голем.

– Интересот на публиката за овој филм, кој наиде на исклучително позитивни критики на светската филмска јавност е голем, за време на прикажувањето во септември салата беше преполна, така што ние како установа овозможивме повторно прикажување на филмот. Мора да нагласам, интересот на граѓаните е повторно на задоволително ниво, и сите кои не можат да го проследат во претпладневнито термин, може да го погледнат попладнево, во 17 часот, изјави Мира Ѓоргиевска, директорка на НУЦК, Крива Паланка.

Најнаградуваниот македонски документарец „Медена земја" со победа во три категории на почетокот на годинава триумфираше на престижниот филмски фестивал „Санденс". „Медена земја" (Honeyland) е и во трка за најдобар документарец на Европските филмски награди.

Филмот е атрактивна приказна за правилото за баланс со природата по кое се води главната хероина Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Но, кога во нејзиното соседство ќе се досели номадско семејство-пчелари, таа се соочува со сериозен предизвик, да ги спаси пчелите и да ја зачува природната рамнотежа на земјата.

Цената на влезниците е по симболична сума од 50 денари./МИА

Премиерот Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Мас

Двете земји ќе направат сѐ што е потребно за позитивна одлука во скорешна временска рамка за да се овозможи европскиот пат на Македонија, било речено на средбата.  

Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас изразија жалење за одлуката на Европскиот Совет предизвикана од францускиот став и се согласија дека двете земји, ќе направат сѐ што е потребно за да  се донесе позитивна одлука во скорешна временска рамка, за да се овозможи земјата забрзано да продолжи напред по европскиот пат.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, беше истакната исклучителната соработка меѓу двете земји, која е особено значајна во делот на поддршката на СР Германија на пристапувањето на нашата земја во членство во ЕУ.

Премиерот Заев во разговорот со министерот за надворешни работи Мас истакна дека Македонија постигна голем напредок во последните двеипол години, како резултат на посветената работа на институциите и граѓаните, но секако и со голема поддршка и помош од Германија.

Двајцата соговорници се согласија дека сега се потребни вистински чекори од страна на ЕУ за земјата да продолжи уште побрзо на вистинскиот пат за да се обесхрабрат центрите кои се надеваат на национализам и радикализам.

Претседателот на Владата ,Заев нагласи дека земјата е силно посветена на Берлинскиот процес, и дека тековната иницијатива за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан е комплементарна со целите и активностите во рамките на Берлинскиот процес.

„Од посебно значење на Северна Македонија е големото учество на СР Германија во македонската економија, преку програмите за странски директни инвестиции со што се отворени многу работни места. Вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна близу 4 милијарди евра, а во земјата работат 200 компании со германски капитал. Од суштинско значење е и одличната соработка со германската стопанска комора во нашата земја, и нејзината поддршка на програмите за стручно образование“, рече премиерот Заев на средбата, се наведува во соопштението од Владата.

Насилни протести во Чиле – Стотици повредени , над илјада уапсени демонстранти (ВИДЕО)

Стотици демонстранти се повредени , а над илјада се уапсени во големите протести во Чиле , објави денеска тамошното Министерство за внатрешни работи.

Смените во Владата  и мерките за намалување на нееднаквоста не успеаја да го смират протестниот бран во Чиле, кој трае речиси еден месец.

Повеќе од 100 продажни места, претежно продавници и трговски центри, биле ограбени претходните две ноќи, објави порталот Емол, повикувајќи се на податоци на Министерството за внатрешни работи.

Околу 30 згради биле запалени, а 20 полициски станици нападнати.

Запалени се и четири автобуси, а оштетени се 49 полициски возила.

Меѓу повредените има 347 полицајци и 46 демонстранти.

Според извештајот на Франс Прес, Националниот институт за човекови права објави дека 197 лица се здобиле со повреди на очите од почетокот на протестите на 18 октомври, а некои биле трајно ослепени од полициската интервенција со солзавец и гумени куршуми.

Вчера на протестните маршеви учествувале околу 250.000 луѓе, од кои 80.000 во главниот град Сантијаго.

Од почетокот на насилните протести загинаа  20 лица , а повредени се повеќе од 2000 .

Протестите избувнаа поради најавата за пораст на цените на билетите  во метрото и иако претседателот Себастијан Пинера ја повлече мерката и најави социјални пакети за сиромашните, барањата на демонстрантите се проширија. Пинера вчера ги повика „сите учесници“  во протестите да почнат да работат заедно за изготвување на нов Устав.

Политичките немири ја погодија економијата и ја намалија проекцијата на владата за оваа година на 2 проценти од 2,6 проценти пред протестот. Денеска, чилеанската валута песо падна на најниско ниво од 1990 година во однос на доларот.

Пред кризата, односот беше 710 пезоси за долар, а вчера 790 пезоси , пишува агенцијата ДПА.

Церар за ,,малиот Шенген” : Добра идеја , но не може да биде замена за интеграцијата во ЕУ

На најавата за формирање балкански „мал шенген“ како најавено поврзување на Србија, Албанија и Македонија, чија цел е да се олесни преминувањето на границата за државјаните на овие земји, денеска реагираше словенечкиот министер за надворешни работи.

Министерот за надворешни работи , Миро Церар смета дека тоа е добра идеја, но не може да ги замени насоките на оние земји чија крајна цел е да се приклучат кон Европската Унија.

„Колку повеќе соработуваат овие земји, ќе се зајакне стабилноста, безбедноста, деловното опкружување и можностите за словенечките компании. Но, ние веруваме дека најдобриот начин за приближување на овие земји е да се приклучат кон Европската Унија “, изјави Церар на седницата на парламентарната комисија за надворешна политика, запрашан што мисли за споменатата регионална иницијатива.

„Словенија е за процесот на интеграција на овие земји во ЕУ и ние ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Самите овие земји не можат да ги постигнат истите ефекти како што можат во заедништво со Европската Унија “, истакна словенечкиот министер за надворешни работи во парламентот, каде одговараше на парламентарните прашања за тековните настани во меѓународното опкружување.

Во врска со одлуката на шефовите на европските дипломатии, кои оваа недела усвоија законска рамка за санкции против поединци и компании во Турција, и разгледувајќи ги интензивните односи на Словенија, Церар најави прагматична акција.

„Словенија мора да дејствува многу мудро, но повторно во согласност со нашата принципиелна позиција како членка на Европската Унија“, рече Церар.

Тој додаде дека Словенија и Турција имаат договор за стратешко партнерство и добра економска соработка.

„Ова е од големо значење за нашата економија и нашите општи односи со Турција, која е значајна регионална суперсила“, рече Церар, потсетувајќи дека заедничката словенечко-турска меѓувладина комисија се состанува во Љубљана.

„Добро е оваа соработка да продолжи и ние ќе ја искористиме оваа можност да размениме политички ставови“, рече Церар на седницата на парламентарниот комитет за надворешни работи.

притисни ентер