Владата одобри 60.000.000 денари за чистење на линданот во ОХИС

На 160-тата седница Владата соопшти и дека опасните експлозивни материјали од „Теас-Темко“ се отстранети надвор од државата, ќе има субвенции за ТНГ и метан уреди како дополнителна мерка против аерозагадувањето.

Владата на денешната 160-та редовна седница донесе Одлука за одобрување на 60.000.000 денари од Буџетот за 2019 година за чистење на индустрискиот токсичен отпад (линдан) во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. 

Средствата утврдени со оваа одлука ќе бидат уплатени на сметката на Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите нации (UNOPS), со која Владата и Кралството Норвешка, подготвија план за „Поддршка на Кралството Норвешка и Владата на Северна Македонија за чистење на еколошкото жариште ОХИС“.   

Генерален секретаријат на Владата на денешната седница информираше за уште една успешна и целосно завршена постапка за отстранување опасни и експлозивни ствари по животната средина и по безбедноста на граѓаните. 

Генералниот секретаријат, постапувајќи по заклучок на Владата, врз основа на договорот со единствениот понудувач Тrayal корпорација АД „Крушевац“ – Република Србија, конечно ја отстрани надвор од границите на државата големата количина опасни и експлозивни ствари што претходно беа во сопственост на АД „Теас-Темко“ на имотот на АД „Макпетрол“ во Скопје.

На оваа своја седница, Владата го утврди Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Македонија. 

Со измените се создаваат услови за корекција на минималната плата за 16 отсто, односно од 12.507 денари на 14.500 денари во нето износ со исплатата на платата за декември 2019 година, што претставува зголемување за речиси 60 отсто во однос на минималната плата пред првата корекција во 2017 година. 

Владата го донесе новиот текст на Одлуката за давање согласност на „Програма за измени и дополнувања на Среднорочна програма за работа на Фондот за иновации и технолошки развој за финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за 2018-2020 година“. 

Со предложените измени се предвидува проширување на буџетот на планираните јавни повици за технолошки развој од Планот за економски раст, како и проширување на буџетот за финансирање на проекти во рамки на тековниот повик за комерцијализација на иновации. Со овие измени директно или индиректно се таргетирани помеѓу 170 – 200 компании (зависно од буџетите и конечната одлука на Комитетот за одобрување на ко-финансирање) од пристигнатите 487 апликации.  

Вкупниот обем на планирани инвестиции кај овие компании е нешто над 87 милиони евра, од кои 67 отсто или над 58 милиони евра се побарано учество на Фондот, додека 33 отсто или околу 29 милиони евра се сопствени средства кои апликантите планираат да ги вложат во домашната економија. Иницијално предвидениот буџет за овој јавен повик е 5 милиони евра, со што аплицираниот износ се надминува за речиси 12 пати. 

Владата денеска донесе дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2019 година за да се намалат загубите на одгледувачите на овци и на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одлучи да воведе нова дополнителна подмерка за предадено јагне во регистриран кланичен капацитет во висина од 400 денари по грло. 

Како уште една дополнителна мерка за справување со аерозагадувањето, Владата ја разгледа и усвои  Програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, како предлог на Министерството за економија. 

На денешната седница е разгледан и усвоен новиот текст на Информацијата за давање согласност за користење на буџетски средства во наредни три години на Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема, за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, во висина од 92.500.000 денари. 

Владата денеска го утврди Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, и донесе одлука да биде доставен до Собранието, со цел да се овозможи иден развој на Армијата заснован на високо квалитетни кадри, лични и професионални вредности на персоналот, висок морал и стандард, со цел создавање Армија оспособена за извршување на зададените одбранбени мисии и задачи. 

Во предлог законот се вградени проширување и допрецизирање на должностите кои се сметаат како должности во вршење на служба во Армијата, согласно потребите и барањата на НАТО, со кои се уредува дека како служба во Армијата се смета и учеството во меѓународни операции, мисии и операции на Организацијата на Северноатлантскиот договор - НАТО. Со предложените измени и дополнувања се уредува и правото на стаж на осигурување со зголемено траење за целокупниот активен воен и цивилен персонал на служба во Армијата, како и можност за стипендирање на кадри за критични специјалности за потребите на Армијата за кои има недостиг. 

Со предложените измени се продолжува времетраење на договорот кој Министерството за одбрана го склучува со професионалните војници, од три на четири години, заради обезбедување соодветна пополна на командите и единиците на Армијата, согласно потребите за менаџирање со персоналот, како и обезбедување оптимално водење во кариера за време на вршењето на служба во Армијата, со уредување на начинот на оценување на активниот воен и цивилен персонал на служба во Армијата, согласно НАТО регулативите за унапредувањето на офицери и подофицери во непосредно повисок чин согласно стандардите на НАТО. 

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за динамиката на реализација и плаќање на обврските за изградба на затворен пливачки базен во општина Охрид, и ја задолжи Агенцијата за млади и спорт да предвиди затворениот пливачки базен да биде изграден заклучно со 31.12.2020 година, се наведува во соопштението од Владата.

Бугарин низ Хрватска ,,летал” со 193 км/час со Ламборџини

Хрватската полиција вчеравечер запрела автомобил Ламборџини на автопатот А3 на делницата Брегана- Загреб-Липовац.

Ламборџини со бугарски таблички, возел од правец од Липовац со брзина од 193 км на час, а го управувал 60-годишен бугарски државјанин.

Поради прекршок за надминување на максимално дозволената брзина, на возачот му е изречена задолжителна прекршочна потерница и парична казна од 5.000 куни (670 евра) и заштитна мерка забрана за управување со моторни возила од Б категорија на територијата на Република Хрватска во рок од  еден месец, jaвуваат хрватските медиуми. 

Мас: Мора да се најде начин како Македонија што побрзо да ги почне преговорите со ЕУ

Се уште нема договорена методологија како ќе течат преговорите со земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Ова го изјави Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас кој е во официјална посета на земјава. Предлогот на официјален Париз се уште никој  во Германија не го видел, но сојузната влада смета дека мора да се најде начин како Македонија што побрзо да ги почне преговорите...

Сличен е ставот и министерот Димитров, кој кажа праведно Европската Унија да ја цени секоја држава според заслуженото, бидејќи во спротивно се губи целата смислам во однос на спроведување на бараните критериуми.

По вчерашната информации од Париз, според кој францускиот претседател Макрон на Пендаровски му рекол дека очекува до март да биде усогласена нова процедура за водење преговори, во земјава се подграа надежите дека е можно на пролетниот самит на Унијата во Заграб да биде донесена одлука за почнување на преговорите. Порака дека земјава треба да продолжи по евроинтегративниот пат, а Германија ќе застане силно за Македонија, Мас му пренесе и лично  на претседателот Пендаровски.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ интензивно се подготвуваат за изборите

И власта и опозицијата ги засилија подготовките за предвремените парламентарни избори. 

Откако минатата недела СДСМ го избраа партискиот генерален секретар Љупчо Николовски за прв човек на Изборниот штаб, вчера и ВМРО ДПМНЕ истата доверба му ја додадоа на нивниот генерален секретар, Игор Јанушев.

Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски вели изборната програма се подготвува, а во тек се и мерења на рејтингот на идните пратениците. Мицкоски најавува сосема нови лица на кандидатските листи.

Предизборно премиерот Заев го засилува својот кабинет. Агенцијата за администрација објави оглас за вработување на три лица во кабинетот на претседателот на Владата.  Премиерот вели не се работи за предизборни вработувања, туку за редовни постапки за вработувања.

„Крајот на годината е можност за сите што поминале осуммесечен, деветмесечен приправнички стаж да може да напредува, да добијат решенија за трајно вработување и слично, а крајот на годината исто така ги прави и буџетските баланси за сите оние што отишле во пензија. Нема нешто повеќе, нема нешто помалку од она што постоело во годините без разлика дали следуваат избори или не, се пополнуваат испразнети места. Знаете дека администрацијата од 165 илјади е намалена на нешто под 140 илјади. Продолжуваме со тој тренд заради тоа што севкупната рационализација и потребата во приватниот сектор е се поизразена и исклучиво веруваме дека е тоа добро за државата“, изјави Заев.

Инаку, за потребите на премиерскиот кабинет се бара раководител на сектор за следење на спроведување на владината програма со плата од над 37 илјади, потоа помлад соработник со плата од 22 илјади и помошник раководите за односи со јавност и протокол со 31 илјада денари нето плата.

притисни ентер