Брнз: Ратификацијата е резултат на напорна работа и посветеност кон вложување во иднината

Американската амбасадорка Кејт Брнз ја поздрави ратификацијата на пристапниот протоколот на Северна Македонија во НАТО од страна на Сенатот на САД, оценувајќи ја како резултат на напорна работа и посветеност кон вложување во иднината.

– Многу задоволна поради огромната поддршка на Сенатот во ратификацијата на пристапниот протоколот на Северна Македонија во НАТО од страна на САД. Тоа е резултат на напорна работа и посветеност кон вложување во иднината. Со нетрпение очекувам продолжување на развојот и зајакнување на партнерството меѓу нашите две земји, порача на Твитер американската амбасадорка Брнс.

Сенатот на Соединетите американски држави денеска со 91 глас „за" и два „не" го изгласа  пристапниот протокол за влез на Северна Македонија во НАТО.

Средба Пендаровски-Мас: Силна поддршка од германска страна за отворање на преговори за членство

Претседателот Стево Пендаровски, денеска го прими министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас, кој престојува во работна посета на земјава.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, кои беа оценети како пријателски односи исполнети со доверба и взаемно почитување, соопшти Кабинетот на претседателот.

Претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија високо ја цени поддршката од Германија за нејзините аспирации за членство во Европската унија и во НАТО. Во тој контекст, Пендаровски го истакна значењето на комплетирањето на процедурата за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Германија.

Пендаровски на министерот Мас му се заблагодари за силната поддршка од германска страна за отворање на пристапни преговори за членство на Македонија во Европската Унија, за искажаната солидарност со државата по последниот Европски совет, како и за фактот што Германија го држи прашањето за проширувањето во фокусот на агендата на ЕУ.

На средбата претседателот Пендаровски истакна дека и покрај отсуството на одлука, на последниот Европски Совет, за почеток на пристапните преговори на Македонија со Унијата, европската интеграција останува наша стратешка цел. Претседателот изрази очекување дека наскоро ќе се дефинира новата методологија за водење на пристапните преговори и ќе биде донесена одлука за почеток на пристапните преговори со Македонија. За нашата држава, истакна претседателот Пендаровски на средбата, не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправното членство во ЕУ. 

Премиерот Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Германија, Мас

Двете земји ќе направат сѐ што е потребно за позитивна одлука во скорешна временска рамка за да се овозможи европскиот пат на Македонија, било речено на средбата.  

Претседателот на Владата Зоран Заев и министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас изразија жалење за одлуката на Европскиот Совет предизвикана од францускиот став и се согласија дека двете земји, ќе направат сѐ што е потребно за да  се донесе позитивна одлука во скорешна временска рамка, за да се овозможи земјата забрзано да продолжи напред по европскиот пат.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, беше истакната исклучителната соработка меѓу двете земји, која е особено значајна во делот на поддршката на СР Германија на пристапувањето на нашата земја во членство во ЕУ.

Премиерот Заев во разговорот со министерот за надворешни работи Мас истакна дека Македонија постигна голем напредок во последните двеипол години, како резултат на посветената работа на институциите и граѓаните, но секако и со голема поддршка и помош од Германија.

Двајцата соговорници се согласија дека сега се потребни вистински чекори од страна на ЕУ за земјата да продолжи уште побрзо на вистинскиот пат за да се обесхрабрат центрите кои се надеваат на национализам и радикализам.

Претседателот на Владата ,Заев нагласи дека земјата е силно посветена на Берлинскиот процес, и дека тековната иницијатива за унапредување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан е комплементарна со целите и активностите во рамките на Берлинскиот процес.

„Од посебно значење на Северна Македонија е големото учество на СР Германија во македонската економија, преку програмите за странски директни инвестиции со што се отворени многу работни места. Вкупната трговска размена меѓу двете земји достигна близу 4 милијарди евра, а во земјата работат 200 компании со германски капитал. Од суштинско значење е и одличната соработка со германската стопанска комора во нашата земја, и нејзината поддршка на програмите за стручно образование“, рече премиерот Заев на средбата, се наведува во соопштението од Владата.

Насилни протести во Чиле – Стотици повредени , над илјада уапсени демонстранти (ВИДЕО)

Стотици демонстранти се повредени , а над илјада се уапсени во големите протести во Чиле , објави денеска тамошното Министерство за внатрешни работи.

Смените во Владата  и мерките за намалување на нееднаквоста не успеаја да го смират протестниот бран во Чиле, кој трае речиси еден месец.

Повеќе од 100 продажни места, претежно продавници и трговски центри, биле ограбени претходните две ноќи, објави порталот Емол, повикувајќи се на податоци на Министерството за внатрешни работи.

Околу 30 згради биле запалени, а 20 полициски станици нападнати.

Запалени се и четири автобуси, а оштетени се 49 полициски возила.

Меѓу повредените има 347 полицајци и 46 демонстранти.

Според извештајот на Франс Прес, Националниот институт за човекови права објави дека 197 лица се здобиле со повреди на очите од почетокот на протестите на 18 октомври, а некои биле трајно ослепени од полициската интервенција со солзавец и гумени куршуми.

Вчера на протестните маршеви учествувале околу 250.000 луѓе, од кои 80.000 во главниот град Сантијаго.

Од почетокот на насилните протести загинаа  20 лица , а повредени се повеќе од 2000 .

Протестите избувнаа поради најавата за пораст на цените на билетите  во метрото и иако претседателот Себастијан Пинера ја повлече мерката и најави социјални пакети за сиромашните, барањата на демонстрантите се проширија. Пинера вчера ги повика „сите учесници“  во протестите да почнат да работат заедно за изготвување на нов Устав.

Политичките немири ја погодија економијата и ја намалија проекцијата на владата за оваа година на 2 проценти од 2,6 проценти пред протестот. Денеска, чилеанската валута песо падна на најниско ниво од 1990 година во однос на доларот.

Пред кризата, односот беше 710 пезоси за долар, а вчера 790 пезоси , пишува агенцијата ДПА.

притисни ентер