Перформанс „Сите бои на џезот" се одржа во Крива Паланка

Во Крива Паланка вечерва се одржа уметничкиот перформанс насловен „Сите бои на џезот”.

Настанот е во организација на Центарот за аудиовизуелни уметности од Крива Паланка, во рамки на програмата „Нов културен бран 2019" поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.

– Станува збор за веќе препознатлив проект, спој на музика, џез, и уметност, ликовно творештво. Досега се одржани повеќе вакви мултимедијални настани во Крива Паланка, Кратово и Куманово. Годинава ова е прв перформанс, кој опфати концерт на „Марија џез трио" и уметнички перформанс на двајца врвни ликовни уметници: Димитар Стојчевски, академски сликар и Нела Јанковска, академски скулптор, кои создадоа прекрасна атмосфера која ги воодушеви присутните, изјави Жаклина Цветковска од „КААРТС", Центар за аудиовизуелни уметности – Крива Паланка.

По настанот во Крива Паланка, предвидено е вакви мултимедијални содржини да бидат презентирани и во останатите општини од регионот./МИА

Средба на Пецаков со претставниците на УНЕСКО, О.Охрид посветена на задржување на статусот

 Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков со неговиот тим оствари работна средба со претставниците на реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО што престојува во работна посета на земјава.

Пецаков пред членови на Центарот за светско наследство, на Меѓународниот совет за споменици и локалитети и Меѓународната унија за заштита на природата, како и на Националниот координативен тим од Македонија ја истакнал силната посветеност на Општина Охрид за зачувување на природното наследство во Охридскиот регион.

„Детално ги инфомирав за сите чекори кои како Локална самоуправа ги преземаме и со временските рамки за реализација на истите. Силно сме посветени и не отстапуваме во спроведувањето на веќе пропишаните правила за зачувување на статусот од УНЕСКО“, вели Пецаков.

Мисијата на УНЕСКО во Охрид ќе биде неколку дена, а како што посочи претходно министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, претставниците на Светската организација се тука за да ја утврдат фактичката состојба околу заштитата на Охридскиот регион на терен,со средби со претставници на сите засегнати институции и субјекти. Од мисијата на УНЕСКО ќе произлезат заклучоци според кои државата е треба да постапува во насока на заштита на Охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО.

МВР: 34 санкции за прекршоци на возила кои вршат јавен превоз на патници

 Во текот на вчерашниот ден во периодот од 08.00 до 12.00 часот спроведена е акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници.

При контролата санкционирани се 34 прекршоци, од кои 23 поради неисправен уред за запирање, соопшти МВР.

Упатени на вонреден технички преглед биле 181 автобус и други возила кои вршат јавен превоз на патници. За време на контролата констатирани и законски санкционирани се и 159 други видови на сообраќајни прекршоци.

Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, навремено да се проверува техничката исправност на возилата и навремено да бидат отстранети евентуалните недостатоци.

Јокиќ со нов рекорд во НБА

Српскиот кошаркар Никола Јокиќ продолжи да ги поместува границите во НБА и постави нов рекорд. 

Играчот на Денвер стана првиот играч во историјата на најсилната лига на светот кој постигнал повеќе од 8.000 поени, 4.000 скока и 3.000 асистенции во период од пет години во ова натпреварување.

Јокиќ рано утрово постигна 22 поени, десет асистенции и девет скока во поразот на неговиот тим од Феникс со резултат 104:97.

Денвер е бранител на шампионскиот трофеј во НБА-лигата.

Со биланс од 51 победа и 22 порази е лидер на табелата во Западната конференција.

притисни ентер