По средбата со францускиот колега, Макрон, шефот на државата Пендаровски вели дека во фокусот на разговорите бил неформалниот предлог за новбата методологија на преговарање, која веќе ги имала првите контури, но оти се очекувала да биде финализирана напролет.
За време на средбата, Пендаровски нагласил дека Македонија нема да прифаќа друга алтернатива, освен полноправното членство во Унијата, став кој бил поддржан од Макрон. Воопшто не биле споменати други реформи, ниту станало збор за Законот за јавно обвинителство, а францускиот лидер на покана на Пендаровски прифатил да ја посети земјава, најдоцна до првата половина на следната година, кога како што нагласил Макрон, на македонскиот народ ќе му ја изложел потребата од продлабочување на Унијата. Како следна шанса за Македонија, Макрон го посочил мајскиот Самит во Загреб.
– Сите опции се отворени со тоа што Макрон на средбата децидно кажа дека одлагањето е затоа што на ЕУ и треба повеќе време. Тој ми рече „моја стара заложба е продлабочување на ЕУ и промена на методолгијата, знам дека можат да одат паралелно, вие сега сакате само отворање тоа ми е јасно", му рекол Макрон на Пендаровски и во ниту еден момент не му споменал дополнителни реформи, ниту законот за обвинителство како услов за отворањето преговори.
Иако март не бил споменат како тајминг кога Македонија може да добие датум за преговори, синоќа таква можност веднаш по средбата со Макрон, изложи српскиот претседател Вучиќ.
-Тие (ЕУ) ќе бараат да биде март, за да не се чека Загреб во мај, затоа што се плашат од резултатот на изборите во Скопје. Изборите во Скопје се на 12 април и тие не сакаат да бидат виновни за поразот на некој, кому му ветиле нешто дека претходно ќе го направат. , изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија
Дека притисокот врз Макрон ќе расте, покажа и синоќешната порака на новоизбраната претседателка на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен. Таа во говорот по повод 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид рече дека францускиот лидер со блокадата врз двете земји и ја отворил вратата на Русија на Западен Балкан.