Македонско – руски бизнис форум

Премиерот Зоран Заев денеска ќе се обрати на отворањето на Бизнис форумот помеѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација, што ќе се одржи во хотел „Хилтон".

На Бизнис форумот, што ќе трае денеска и утре, ќе се обратат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски. 

Пендаровски: Над 90 отсто од предложените амбасадори се кариерни дипломати

Над 90 отсто од предложените амбасадори се кариерни дипломати, односно се професионално вработени во Министерството за надворешни работи, изјави денеска претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање.

Пендаровски, кој учествуваше на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ во Скопје, истакна дека професионализацијата на амбасадорите била една од неговите први заложби кога станал претседател и еден од принципите на кои инсистирал во неговите првични консултации со министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Владата вчера на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори во следните дестинации – Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.

-Тоа е одлука на Влада и така почнува постапката, а ние претходно од пред неколку месецви имавме со владини претставници, пред се со МНР  широки консултации на таа тема. Вчера е донесена одлука и имињата  за кои е донесена одлука јас ги знам, но формално не сум ја добил одлуката на Владата кога ќе ја добијам ќе ја почнам постапката од моја страна, посочи Пендаровски.

Пред да бидат испратени идните амбасадори, додаде тој, треба да се завршат уште некои процедури, а тие исто така треба да ја презентираат својата програма пред надлежната собраниска комисија.

-И понатаму ќе се барат агремани од државите во кои ќе сакаме да ги пратиме. Тука има една временска одредница, која јас ја имав спомнав и порано, а сакам и сега да ја посочам. Се ближат избори, на 3 јануари доаѓа техничката влада, а многу битен датум е датумот на распуштање на Собранието и мислам дека тоа ќе биде околу 11, 12 февруари. По тој датум не можете ниту да вработите, ниту да унапредите кој било службеник во државната администрација, а не пак да праќате амбасадори, рече шефот на државата.

Додаде дека испраќањето на амбасадорите треба да заврши до таа временска одредница.

-Кој ќе отиде ќе отиде, потоа не заради моја политичка волја, туку затоа што законот забранува по распуштањето на Собранието да се праќаат амбасадори. Значи ќе се чека. Ако до тој момент некој не е отиден во дестинацијата  за која е определен, тогаш ќе се чека да заврши и кампањата и изборите да се формира нова влада, значи да заврши целиот тој изборен период, истакна Пендаровски. 

Литл Џон: Одговорноста во борбата против корупцијата не е само на Владата, туку на сите партии

Напредокот што е направен во Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста е резултат на заедничките напори на Владата, на граѓанското општество и на приватниот сектор.

Тоа го изјави денеска вршителката на должноста амбасадор на САД во земјава, Џенифер Литл Џон во обраќањето на Регионалниот антикорупциски форум на СЕЛДИ во Скопје.

– Направени се важни напори во борбата против корупцијата, но уште многу треба да се направи и да се покаже една трага на истражување, гонење и судење случаи на висока корупција. Значајно е да се донесе нов закон за Јавно обвинителство, да се покаже национална заложба за борба против корупцијата и градењето силно обвинителство. Велам национална заложба затоа што ова е над политиката и е значајно за земјата и за нејзината иднина. Тоа значи дека одговорноста не е само на владината коалиција, туку на сите парламентарни партии. Опозицијата исто така има одговорност да биде конструктивна и да се вклучи во напорите. Без учество на сите политички актери овие позитивни реформи нема да напредуваат и нема да бидат ефективни, изјави Литл Џон, истакнувајќи дека градењето на понезависни, посилни и поотпорни судски институции е важна цел.

Нагласувајќи дека колективната заложба за суштински реформи е апсолутен предуслов за успех за борбата против корупцијата, Литл Џон констатира напредок во некои области, како што се слободата на медиумите, чекорите што ги прави Државната комисија за справување со корупцијата, отчетноста за трошењата на Владата достапни он лајн, како и на законските измени на судството и Обвинителството.

– Но, и покрај оваа подобрена клима, корупцијата се уште е огромен проблем. Справувањето со корупцијата е во интерес на сите нас. Според извештајот на ОН за 2018 година, вкупните трошоци за корупција во светот изнесуваат три трилиони евра. Речиси еден трилион евра се плаќа за мито, додека 2,3 трилони се украдени, што е повеќе од пет отсто од годишниот глобален БДП, изјави Литл Џон.

Амбасадорката потенцира дека никој не е имун на корупцијата и оти откако таа ќе се појави никој не поштеден од штетата што ја предизвикува.

– Но, владите не може да го направат тоа сами, бидејќи таа борба мора да биде партнерска со вклучување на сите страни, како што се граѓанските организации кои имаат суштинска улога во организирање на граѓанското општество, а потоа и стопанските комори кои треба да проговорат, нагласи Литл Џон. /МИА

Ново рочиште за „Талир", Илија Димовски побара одлагање

Со образложувањето на предложените листи со докази од страна на обвинителката Ленче Ристевска, во Кривичниот суд почна рочиштето за предметот „Талир", кој се однесува на незаконско финансирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на судењето обвинетиот Илија Димовски побара од Судот да се одложи рочиштето со цел, како што кажа, да не дојде до повреда на постапката од апсолутен карактер, односно да не се случи одново почнување на постапката, поради, повикувајќи се на Законот за судии, кој вели дека поротниците кои ќе наполнат 60 години старост им престанува функцијата, а две од судечката порота во предметот тоа го исполнуваат.

Судијата Осман Шабани не го прифати барањето, но рече дека ќе го извести претседателот на Судот за забелешката на обвинетите.

Првото рочиште за случајот „Талир" се одржа на 18 февруари годинава. Во случајот обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластувања" и „перење пари", како и Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска обвинети само за делото „перење пари".

Чингаровска лани во декември ја призна вината во случајот „Талир" и се спогоди со тогашното СЈО, по што Судот ја осуди на две годишна условна казна која нема да се изврши ако таа во наредните пет5 години не стори ново кривично дело.

Според обвинението, тие незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на име на разни лица.

За истото дело, како правен субјект со обвинението опфатена е и партијата ВМРО-ДПМНЕ. /МИА

притисни ентер