Заев во Солун на средби со Мицотакис и со грчки бизнисмени

Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува и ќе се обрати на четвртиот Самит во Солун, ќе одржи средби со голем број деловни луѓе од компании кои сериозно работат со нашите институции и ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, средбата ќе биде во 18.30 часот по локално време, а еден час подоцна Мицотакис ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот Заев, вчера рече дека при обраќањето на самитот ќе ги информира присутните за сите предности што ги има во земјава.

-Сакам да го споделам чувството на задоволство, колку е голем интересот на грчките компании, особено за долната половина на државата поради близината на транспортот, рече премиерот.

Самитот во Солун се одржува денеска и утре во организација на Федерацијата на индустриите на Грција, во партнерство со Конфедерацијата за трговија и претприемништво и Американско – грчката стопанска комора, а е под покровителство на претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.

Заев на самитот е поканет заедно со претседателите на владите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов кои утревечер за време на официјалната вечера ќе говорат за „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи".

Во однос на средбата на премиерите на двете земји, заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во вторникот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа кои ќе бидат темите и пораките на претстојната средба на Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис во Солун, рече дека Грција работи за да се искористи временскиот период до повторното отворање на дискусијата во ЕУ, за во соработка со сите лидери на земјите од Западен Балкан да се постигне најдобар можен резултат на следната средба.

-На нашите средби, без разлика дали се средби во Грција со лидери на земјите од Западен Балкан или во Европа, ние секогаш се стремиме да инсистираме на нашата основна политика, дека е во корист и на Европа и на земјите од Западен Балкан, европска перспектива на Западен Балкан. Со оглед на тоа дека на Европскиот совет на 17 и 18 октомври во текстот со заклучоците го имавме фактот дека дискусијата одново ќе се отвори во следните месеци, ние работиме за да го искористиме овој временски период во соработка со сите лидери на сите земји од Западен Балкан за да постигнеме најдобар можен резултат на следната средба, рече Пецас.

Професорот од Универзитетот „Македонија" во Солун и виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП" Јанис Армаколас, во неделата, во интервју за МИА, рече дека средбата на Мицотакис и Заев е „апсолутно позитивна разврска што означува одново активирање на грчката дипломатија во насока на поддршка на европската перспектива на Западен Балкан".

Ова ќе биде втора средба на македонскиот и грчкиот премиер, откако првата ја одржаа во септември во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на ОН./МИА

Видео: Атина „проголтана“ од сахарска прашина, градот обоен во портокалово

Атина и јужните делови на земјата вчера беа обвиени со сахарска прашина, со нијанси на жолта и портокалова боја што создава нереална атмосфера во градот.

Облаците од прашина, пренесени преку Средоземното море од северна Африка, го обвија акропол и другите знаменитости на Атина.. Силните јужни ветрови носеа прашина од Сахара, па во последните часови од денот грчката престолнина изгледаше како да е користен филтер за фотографирање, пренесува Euronews. Метеоролозите најавуваа дека небото ќе се расчисти денеска поради промената на правецот на ветерот, поради што ќе паднат и температурите.

Кулеба ги пофали американските политичари за одобрувањето на пакетот воена помош за Украина

Претставници на Пентагон најавија дека одредена муниција веќе е складирана во Европа, а се очекува меѓу приоритетите да бидат артилериската и противвоздушната одбрана.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба со ентузијазам ги пофали американските политичари за одобрувањето на долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари за Украина, но предупреди дека новите испораки нема веднаш да го свртат бранот на војната.

„Алелуја“, изјави Кулеба во интервју за „Гардијан“ на прашањето за реакцијата на вчерашното конечно гласање на американскиот Сенат. Тој рече дека „неговото верување е дека ќе има позитивен исход“, но Западот мора „да сфати дека ерата на мирот во Европа е завршена“ и да ја изгради својата одбранбена индустрија.

Говорејќи за „Гардијам“, Кулеба рече дека се надева оти Белата куќа ќе го претстави новиот пакет оружје „за неколку дена, можеби и часови“ и дека е „само прашање на логистика“ залихите да се префрлат на фронтот.

Претставници на Пентагон најавија дека одредена муниција веќе е складирана во Европа, а се очекува меѓу приоритетите да бидат артилериската и противвоздушната одбрана.

Кулеба, исто така, рече дека Украина идентификувала седум системи за воздушна одбрана „Патриот“ кои би можела да ги користи за заштита на цивилите во поголемите градови надвор од Киев. Еден е добиен од Германија, уште четири се лоцирани и преговорите се во тек, рече Кулеба, а на повидок се уште два. /МИА

Уапсен пратеникот кој физички нападна друг пратеник во грчкиот Парламент

Според претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, Кривичниот законик предвидува дека оној кој ќе изврши насилство врз пратеник се казнува со затворска казна до десет години.

Уапсен е независниот пратеник Константинос Флорос, кој претпладнево физички го нападна пратеникот од Грчко решение Василис Граменос пред салата во која се одржува пленарната седница во грчкиот Парламент, а за нападот може да му биде изречена затворска казна до десет години, јави дописничката на МИА од Атина.

Флорос, кој на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, а неодамна ја напушти и стана независен пратеник, по предизвиканиот инцидент беше уапсен и пренесен во централната дирекција на грчката полиција и се товари за сторено кривично дело насилство врз пратеник при вршење на функцијата.

Според претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, Кривичниот законик предвидува дека оној кој ќе изврши насилство врз пратеник се казнува со затворска казна до десет години.

Како што претходно објави МИА, за време на денешната пленарна седница во Парламентот постоела вербална расправија меѓу двајцата пратеници, по што во ходникот се претворила во физичка кога Флорос со тупаници го нападнал пратеникот Граменос од Грчко решение.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Малата радикално десничарска партија Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора, Илиас Касидиарис, кој издржува затворска казна, а Врховниот суд на Грција попладнево ќе ја соопшти одлуката дали партијата ги исполнува критериумите за учество на европските избори во јуни. /МИА

притисни ентер