По долгоочекуваната средба во Белата куќа за решавање на кризата во односите, Трамп рече дека тој е „голем обожавател“ на турскиот лидер и имал „прекрасна и продуктивна“ средба. Сепак, нема промена за некои клучни прашања, од Сирија до рускиот ракетен систем С-400.
Срдечниот пречек на Трамп за Ердоган е во спротивност со незадоволството на американскиот Конгрес за офанзивата на Анкара врз Сирија и протерувањето на курдските милитанти, главниот партнер на Вашингтон во борбата против Исламската Држава.
Трамп донесе пет републикански сенатори во Белата куќа за да разговараат со Ердоган за сириските Курди и испораката на ракетниот систем, поради што Вашингтон ја исфрли Турција од својата програма за производство на борбените авиони Ф-35.
„Стекнувањето на Турција со софистицирана руска воена опрема, како што е С-400, претставува многу сериозен предизвик за нас “, рече Трамп на заедничката прес-конференција.
„Разговаравме за тоа денес, ќе зборуваме и во иднина. Се надевам дека ќе можеме да управуваме со оваа ситуација“, додаде тој.
Ердоган изјави дека двете земји можат да го решат спорот околу рускиот ракетен систем и борбените авиони Ф-35 само преку дијалог.
„Турција и САД можат да работат заедно за уништување на Исламската држава и враќање на мирот во Сирија. Најверен американски партнер во регионот е Турција“, рече Ердоган.
Тој побара од Трамп да престане да ги поддржува курдските милитанти, кои Анкара ги смета за непријатели.
Ердоган беше критички настроен кон американскиот Конгрес, особено поради гласањето во Претставничкиот дом минатиот месец, за необврзувачка резолуција, со која се прогласува убиството на 1,5 милиони Ерменци пред еден век како геноцид.