Различни толкувања за препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците

 Изминативе денови владините партнери СДСМ и ДУИ излегоа со различно толкување за препораките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците, иако официјалниот извештај на Комисијата дури денеска треба целосно да биде достапен.

Премиерот Зоран Заев најави дека власта ќе ги испочитува укажувањата на Венецијанската комисија за Законот за употребата на јазиците. Ќе се даде конкретно ревидирање од надлежното Министерство за правда, заедно со експертите кои работат, на прецизен начин како што тоа Венецијанската комисија го укажува и потоа ќе се прати во Парламентот за негово донесување. Но, како што изјави вчера премиерот „нема да дозволимe да бидеме наивни никој од нас да отвораме повторно некои работи кои би можеле да не поделат".

-Секогаш сме биле конзистетни на изјавите и она што сакам уште еднаш да го реафирмирам во јавноста е дека многу убави работи се случија во последните две и пол години со кои што нашиот народ, сите етнички заедници, различни религиозни групи и секако различни културолошки наследства и сличности, успеа да се обедини во концептот на „Едно општество за сите". Од сите тие работи овој Закон беше едната работа која не обедини. Секако, како што рековме и претходно и така понатаму ние дадовме заеднички писма и дописи до Венецијанската комисија, Владата носеше одлуки, Парламентот го усвои претходно законот, додаде премиерот Заев.

И вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска го повтори ставот дека мислењето на Венецијанската комисија ќе се почитува. Таа вели дека ќе го почекаат официјалниот извештај на Комисијата, ќе го анализираат мислењето, па ќе излезат со заеднички став.

По долгите дискусии за Законот за јазици ние, како што рече Шекеринска, излеговме со текст зад кој застанавме и добивме сериозно мнозинство и во Собранието, кажавме дека имаме и одредени дилеми и за тие дилеми, но и за целиот Закон, самата Влада побара мислење од Венецијанската комисија.

Вицепремиерот Бујар Османи пак смета дека секое поместување еднострано на балансот во македонско – албанските односи кои се постигнати со многу труд ќе отвори магичен круг и спирала која ќе не помести од патот кој што сме тргнале.

Објаснувајќи што значи еднонасочно поместување, рече дека кој било обид, на пример дали македонските уставни судии да ги надгласуваат албанските уставни судии, дали Министерството за правда без согласност од целата Влада, дали Собранието без согласност и на претставниците на етничките заедници, дали кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално, како што рече, ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

Коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија, Османи посочи „колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава".

– Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судство. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија, рече Османи.

Според него, сите забелешки на Венецијанската комисија треба да се имплементираат во акциските планови и во создавањето капацитети.

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ не е против унапредување на правата на граѓаните во Македонија, но тоа да биде согласно Уставот и законите.

-Тоа го бараше ВМРО. Да се седне да се разговара и да се направи функционален закон за употреба на јазиците во Република Македонија. Да се направи законски текст којшто ќе биде согласно Устав, закони, функционалност и сето тоа да се однесе на оценка на Венецијанската комисија, за да не се доведеме во ситуација како што државата е доведена сега, рече Стоилковски.

Венецијанската комисија во мислење усвоено пред неколку дена ги повикува властите на Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците. Оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостиг на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека Законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Законот за употреба на јазиците беше донесен во јануари годинава. Собранието го гласаше по втор пат, откако претходната година претседателот Ѓорге Иванов одби да го потпише указот. /МИА

Брнабиќ: Србија по литиумот ќе биде како Норвешка по откривањето на нафтата

Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, денеска изјави дека „отсекогаш“ верувала дека експлоатацијата на наоѓалиштата на литиум е добра за Србија и дека ќе „донесе многу добро“ не само за Лозница и Крупањ, туку и за цела Србија.

„Не можеме да замислиме колку пари би останале (од литиум). Тоа е буквално паралела со Норвешка пред и по (откривањето на) нафтата. Тоа е Србија пред и по литиум“, рече Брнабиќ во изјава за новинарите по посетата на градинка во Ваљево.

За време на нејзиниот мандат како премиер, Брнабиќ ја укина Уредбата за просторен план за подрачја за посебни намени за преработка на минералот „јадарит“, кој содржи литиум и бор, и изјави дека на Рио Тинто му е „ставена точка“.

Брнабиќ денеска изјави дека за ископување на литиум е потребен дијалог и дека се надева дека во пошироката дебата тоа ќе го поддржат мнозинството граѓани.

Герасимовски: Центар со стратешки план ќе ги дефинира приоритетите за енергетска транзиција

Потребна е стратегија и патоказ за да имаме одржлив процес за енергетска транзиција во Општина Центар, ова е заклучокот од денешната работилница што се одржа во Енергетската канцеларија во локалната самоуправа.

На работилницата на која учествуваа експерти, претставници на невладини организации, преставници на Општината и општинското претпријатие Енергија центар, соговорниците дискутираа за актуелните проекти во доменот на енергетиката, зелената агенда, животна средина и др.

Градоначалникот Герасимовски презентираше до каде е Општината во процесот на енергетска трансформација и транзиција. Тој потенцираше дека фотоволтаичната централа поставена на градинката Пепелашка минатото лето дава одлични резултати во намалување на трошоците за електрична енергија, а следно е поставување на централа врз покривот на ООУ ,,Киро Глигоров". Наша цел е да поставиме фотоволтаични системи на сите основни училишта, но засега почнуваме прво со ООУ „Киро Глигоров“. Мораме да бидеме претпазливи и внимаваме на секој детаљ. Засега сме во процес на јавен тендер и фирмите учесници треба да ги исполнат критериумите.

Вангел Андрески, директор на Енергија Центар ја потенцираше улогата на првото вакво претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори.

„Со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт“ успеавме да формираме вакво претпријатие, а процесот беше макотрпен и понекогаш фрустрирачки, со многу докуменатција, барања за куп дозволи по разни институции. Сега кога веќе започнавме со работа се соочивме со нов проблем, а тоа е потреба од едукација и подигање на свеста на граѓаните за придобивките на фотоволтаиците и нивната безбедност за корисниците, истакна Андрески, зборувајки за проектот кој се планира за ООУ ,,Киро Глигоров”.

Експерите се согласија дека иднината е токму во енергетската транзиција и трансформација која треба да почне од локално за да се прошири на национално ниво. Заштедите, но и бенефитите за животната средина се од непроценлива важност за воведување на вакви „зелени“ енергетски системи, но за разлика од другите држави во ЕУ и регионот, ние сме се уште во пионерска фаза.

Сите заштедени средства, велат експерите, по теркот на европските држави, понатаму треба да се влеваат во проектите од доменот на животната средина, преку субвенции за здрав и еколошки начин на живот на граѓаните.

Денешната работилница ,,Патоказ за енергетска транзиција - дефинирање на стратешки пристап кон одржлива иднина на Општина Центар" се организираше под покровителство и соработка со Фондација Фридрих Еберт, невладината Гринер и Општина Центар.

Општина Центар

Митрески - Бомгартнер: Македонија и Франција имаат одлични односи

Македонија и Франција имаат одлични односи, меѓусебната соработка и поддршка ќе се продлабочат.

Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска остварил средба со aмбасадорот на Француската Република во Република Македонија, Сирил Бомгартнер, соопшти собраниската прес-служба.

Изразувајќи задоволство од одржувањето на средбата, претседателот Митрески ја констатирал одличната соработка меѓу двете држави и особено соработката на парламентарен план.

Амбасадорот Бомгартнер, честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, се согласил со констатациите за интензивираната динамика на меѓусебна соработка. Во тој контекст, ги поздравил средбите на парламентарци од Собранието на Република Македонија и Националното собрание и Сенатот на Француската Република во изминатите години, како позитивен тренд кој треба да продолжи и во иднина.

Амбасадорот Бомгартнер, како што стои во соопштението, информирал за претстојната посета на претседателката на Групата за пријателство од Лилијана Танги на земјата, како дел од набљудувачката мисија на ОБСЕ за претстојните претседателски и парламентарни избори.

- Беше посебно поздравено одржувањето на втората едукативна активност во Собранието „Имам став-Млад франкофонски парламент”, во рамките на одбележувањето на месецот март - месец на Франкофонијата, еден исклучителен настан и манифестација која полека прераснува во една убава собраниска традиција, се вели во соопштението од Собранието.

Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните собраниски активности, текот на изборите и конституирањето на новиот парламентарен состав. Била изразена општа согласност за потребата од унапредувањето на соработката во доменот на културата, економијата, енергетиката и други области од взаемен интерес за двете земји.

притисни ентер