Историски успех на „Медена земја“ во трка за престижниот Оскар во две категории - најдобар документарец и за најдобар странски филм

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“ и јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма“.

Во конкуренција се уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Американската филмска академија денеска соопшти дека во трката за најголемото светско филмско признание, статуетката Оскар во две категории е номиниран македонскиот документарен филм „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Филмот е во продукција на Атанас Георгиев, кој е и монтажер на филмот, а кинематографијата е на Фејми Даут и Самир Љума. Ремек делото од документарец кој во изминатава година освои неброени награди и признанија а главниот лик пчеларката Атиџе стана симбол за подигање на свесноста за природата и воопшто етиката и човечноста, се доближи до врвното светско филмско признание. Ова е историски настан за македонската кинематографија која за прв пат има свој репрезент во номинацијата за Оскарите а прв пат и во историјата на Оскарите, се случува документарен филм да биде номиниран во две категории.

На официјалната Фејсбук страна Тимот на Медена Земја се огласи со соопштение во кое се заблагодарува на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот.

„Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на членовите на Американската Академија (AMPAS) за тоа што го вклучи „Медена Земја“ во трката за најпрестижната филмска награда на светот. Преку жената која случајно ја сретнавме, пред светот се отвори приказна – алегорија на една глобална слика каде хуманото и натуралното се борат да преживеат. Атиџе и пчелите се прототип за новиот генетски материјал, кој треба да победи во битката на титаните, каде природата се бори со деструктивното. Среќни сме дека светските критичари и членовите на Академијата го препознаа крикот на планетата, кој ечи меѓу фрејмовите во филмот. Ја открија големината на човекот, преку големината на единката. Се разнишаа убедувањата дека радоста се крие во поседувањето. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР.

Членовите на Академијата до 7 јануари 2020 година гласаа за потесниот избор на филмови во девет категории откако скратените листи беа објавени на 16 декември.

Во категоријата најдобар документарец, филмот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е меѓу 15 селектирани од 159 квалификувани, а во категоријата за најдобар интернационален филм е во потесниот избор во кој влегоа десет наслови од 91 пријавен.

Конкуренција на нашиот филм во оваа селекција му се новиот филм на шпанскиот режисер Педро Алмодовар „Болка и слава“ и јужнокорејскиот „Паразит“ на Бонг Јон-хо – минатогодишниот добитник на „Златна палма“, и уште седум филмови од Чешка, Естонија, Франција, Унгарија, Полска, Русија и Сенегал.

Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории и за прв пат македонски филм е номиниран за најпрестижната награда Оскар во две категории. Пред 25 години, филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше номиниран во категоријата за најдобар странски филм односно најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

92- рото издание на Оскари ќе се одржи во февруари 2020-та.

Средба на претставници на БиХ со Гутереш

Претседавачот на Претседателството на БиХ Денис Беќировиќ и членот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ разговараа со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш во седиштето на ОН во Њујорк, јавува босански Аваз.

Во седиштето на оваа меѓународна организација, Беќировиќ и Комшиќ му се заблагодарија на генералниот секретар на ОН за досегашната поддршка за активностите и мерките во борбата против негирањето на геноцидот, говорот на омраза и глорификацијата на воените злосторства во Босна и Херцеговина.

Тие му укажаа на Гутереш важни факти поврзани со Предлогот за резолуција за Сребреница во Генералното собрание на ОН, наведува весникот.

На средбата беше нагласено дека конечните пресуди на највисоките судови на ОН (Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​потврдија дека е извршен геноцид врз Бошњаците во безбедносната зона на ОН во Сребреница. Беше истакната важноста на Генералното собрание на ОН да усвои резолуција за Меѓународниот ден на сеќавање и комеморација на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година.

Тие нагласија дека ОН со усвојувањето на резолуцијата за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен во 1995 година, ќе укаже на важноста од промовирање на вистината за извршениот геноцид.

Гутереш истакна дека секоја форма на негирање на геноцидот е апсолутно неприфатлива и ја изрази својата целосна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина.

Во разговорот со Гутереш, Беќировиќ и Комшиќ истакнаа дека главната цел на резолуцијата е да се изгради мир, безбедност и доверба во Босна и Херцеговина и во регионот. Исто така беше истакнато дека усвојувањето на резолуцијата е важно за зачувување на кредибилитетот на ОН и укажување на важноста од почитување на пресудите на судовите на ОН, извлекување поуки од неуспехот на ОН во спречувањето на геноцидот врз Бошњаците во Сребреница, како и укажување на глобалното значење на превенцијата на геноцидот.

Тие потсетија и на зборовите на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, меѓу другото, рече дека изградбата на иднина на мир бара соочување со минатото.

Во зградата на Обединетите нации завчера се одржа презентација на нацрт-резолуцијата за геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година. Текстот на резолуцијата го презентираа Германија, Руанда и Босна и Херцеговина, а присуствуваа и ко-спонзорите, кои се 17 на број.

Против резолуцијата зборуваа Русија, Србија, Венецуела, Кина, Северна Кореја и Никарагва

Инаку, Генералното собрание на Обединетите нации ќе гласа за предлог резолуцијата за геноцидот за Сребреница на 2 мај. Пред неколку дена и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи најави дека Македонија ќе биде ко-спонзор на резолуцијата и ја повика Србија да ја поддржи. И Италија и Франција најавија дека ќе ја коспонзорираат нацрт резолуцијата. Според Османи, резолуцијата досега ја поддржале повеќе од 17 земји, меѓу кои Ирска, Финска, Холандија, Албанија, Турција, Јордан, Малезија.

Засега, јавна поддршка за резолуцијата искажаа и Руанда, Германија, Нов Зеланд, Чиле, Франција, Лихтенштајн, Словенија, Соединетите Американски Држави и Италија.

За да се усвои резолуцијата потребна е двотретинска поддршка, т.е. дека за неа гласаат повеќе од 130 членки на ОН. Причината поради која беше одлучено да се предложи резолуцијата до Генералното собрание, а не до Советот за безбедност на ОН, е тоа што би било речиси невозможно СБ да ја усвои таа резолуција.

Klix.ba потсетува дека Велика Британија како една од петте постојани членки на Советот за безбедност во 2015 година предложи резолуција за геноцидот во Сребреница, но Русија како постојана членка, стави вето.

Од друга страна, нема механизам за вето во Генералното собрание, што значи дека одлуката на две третини од државите претставува конечна одлука. Имено, станува збор за принципот „една земја-членка, еден глас“, т.е. гласот на секоја држава е еднаков. Тоа значи дека Босна и Херцеговина ќе треба да вложи големи дипломатски напори за да обезбеди поддршка од повеќе од 130 земји. /МИА

Гасперини: Победата над Ливерпул е како трофеј за Аталанта

-Несомнено ни е важно да освоиме нешто, но победа е и да го видиме единството на овие момци, изјави Гасперини.

Тренерот на Аталанта, ЏанПјеро Гасперини по пласманот на неговиот тим во полуфиналето на Лига Европа, по победата од 3:0 против Ливерпул на „Енфилд“ пред една недела и тесниот пораз од 0-1 синоќа во реваншот, изјави дека елиминирале „одличен тренер и одличен тим“.

- Несомнено ни е важно да освоиме нешто, но победа е и да го видиме единството на овие момци. На полувремето ги прашав дали сакаат малку да се повлечат и да се бранат подлабоко, дали чувствуваат притисок, но тие рекоа апсолутно не! Ова е трофеј за мене, оваа победа е како трофеј за Аталанта, бидејќи тие размислуваат како мене. Кога клуб како нашиот ќе успее да постигне резултати далеку од историјата на Аталанта и Бергамо, морам да го сметам за исклучителен за мојата кариера, за Бергамо и за сите останати, изјави Гасперини.

Во полуфиналето Италијанците ќе ги одмерат силите со тимот на Марсеј, кој по продолженијата и пенали ја совлада португалска Бенфика. Средбите се на 2 и 9 мај. /МИА

За брзо возење вчера казнети 133 возачи низ државата

Во сообраќајна контрола на територијата на државата полицијата вчера казнила 133 возачи поради брзо возење, од нив две возила се  движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, 64 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 69 надвор од населено место.

-Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, соопшти МВР.

притисни ентер