Бигорски ги објави 10-те најзначајни настани во 2019 година

Познатото македонско древно светилиште Бигорски манастир ги објави десетте најзначајни настани во текот на 2019 година.

Првиот е замонашувањето на трите искушенички на манастирската слава во манастирот „Свети Георгиј Победоносец" во Рајчица.

– Живот рамноангелен, за слава на ангелите и пораз на демоните. Има ли поголема чест од тоа својот минлив краткотраен живот да го дадеш во залог за вечноста, служејќи му со љубов, предано и до крај на оној што претходно веќе го даде својот живот за сите нас. На таква чест се удостоија трите раички искушенички Мимоза, Флорина и Христина, кои полагајќи го заветот пред небесната и земната црква и стекнувајќи, преку раката на возљубениот ни владика, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, благослов за живот во монашки подвиг, наведуваат од Бигорски, чиј метох е манастирот во Рајчица.

Друг настан е бигорското секојдневие низ монашката песна „Среде пустинската убост", песна што е своевиден приказ на монашкото секојдневие, составена од светогорски монах, што Бигорското братство успеа да ја преведе и да ја препее, создавајќи композиција што плени со прекрасните стихови што ја искажуваат длабочината на монашкиот живот, и со топлата архаична мелодија успешно го пренесува мистичниот амбиент во кој живее и се движи монахот.

Значаен настан е посетата на претседателот Стево Пендаровски во Бигорски, кој изјави дека „ако не ги почитуваме корените, нема да имаме иднина" и најави дека ќе биде покровител на одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир.

– Во посета на Свештената бигорска обител беше претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој гостољубиво беше пречекан од старецот и игумен, архимандрит Партениј со братството. Посетата на благочестивиот претседател се должи на неговата лична желба одблиску да се запознае со целокупната мисија на Братството, во пресрет на илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир (1020 – 2020), на чијашто прослава покровител ќе биде токму тој, наведуваат од Бигорски.

Таворски блесок на врвот Крчин

Четврта година по ред како нашето братство од Бигорскиот манастир и нашите сестринства од манастирите на светиот Победоносец Георгиј и на Богомајката Пречиста, предводени од благословот на возљубениот ни старец, архимандрит Партениј, со најпосебна љубов и возвишени чувства отслужија Божествена литургија на врвот Голем Крчин (2.341 м). Повеќе од 600 верници – планинари, алпинисти, спортисти – притекнаа од сите страни на нашата земја за да се искачат на овој чудесен по својата убавина врв и таму, во пресрет на празникот Преображение Христово, да се сретнат со Добриот Бог, кој ги исполни нивните срца со двојна радост.

„Сега е свет и велик пост" – нов видеоспот за првата великопосна песна

Изминатиов период во Бигорскиот манастир беше изработен нов видеозапис, овојпат за великопосна каланда – стара византиска песна со која нашиот народ го најавувал великиот пост, а која носи наслов „Сега е свет и велик пост". Нејзината цел била да ги повика сите верни да земат учество во спасоносните великопосни денови.

Славната еордија – радост за Струга

Веќе 10 години, возобновената струшка еордија е благовесничка на радост и насекаде низ нашата земја го испраќа, во вид на зраци, благословот на св. Георгиј. На верните, што во сѐ поголем број доаѓаат на ова чудесно духовно доживување, таа им го дава одново блесокот на пасхалната радост.

Воскресение Христово – Света Пасха

Ден на воскресение, Пасха Господова, ден во кој „од смртта кон живот, и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе!" Се огласи громогласно радосната вест за победата над смртта, одекна пораката за надеж и живот. Се објави неисцрпната љубов на Бога, кој ги повикува смртните кон живот во полнота, ги приведува победоносно во светот на воскресението.

Изложба на носиии од Дебарско и Реканско

Изложба на носии на Мијаците од областите: Река, Азот и Железник, како и носии од Дебарско Поле, Голо Брдо, дебарски Дримкол и Горна Река. Станува збор за најстари носии, коишто хронолошки можат да се следат од 17 до 19 век.

Благодатта излеана од молитвите на свети Партениј ги освети темелите за новите конаци

Во чест кон светиот Партениј Лампсакиски се осветија темелите за новиот грандиозен комплекс што ќе биде подигнат на манастирскиот паркинг од страна на фирмата „Агноандика" и изведувачот Рединг ДООЕЛ Скопје, кои всушност ќе го изградат проектот на Виадукт Скопје.

Заблескаа крстовите на храмот на светите Кирил и Методиј

На самиот крај од светлото празненство на Светиот дух, во седмицата на светата Педесетница, предобриот Бог нѐ удостои со уште една небесна радост. Имено, со благословот на нашиот почитуван владика, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, беа поставени крстовите на храмот на светите Кирил и Методиј, рамноапостолните отци наши, во нивниот скит во село Битуше. /МИА

Премиера на претставата „Хенгинг Араунд“ во МНТ

Во Македонскиот народен театар  вечер од 20 часот премиерно ќе биде изведена  претставата „Хенгинг Араунд“ по текст на Љупчо Јованов, во режија и адаптација на Бојан Трифуновски.

МНТ соопшти дека дејството во претставата се случува во светот на бајките, а местото и времето се ирелевантни. Главните ликови во приказната 0 (Хенгинг) и 1 (Араунд) се изгубени во светот на бајките и не се знае како влегле во овој свет, но главна цел им е да се вратат во реалноста, во нивните топли огништа.

-Можеби се Дисмас и Гестас, но пред да ги распнат, можеби некако им избегале на Римјаните и продолжиле да го живеат својот динамичен живот, овојпат празен и лишен од средба со Спасителот. Можеби патем решиле да се смират, да создадат семејство со единствена цел, да умрат во длабока старост почитувани од пријателите и сакани и жалени од најблиските. Дали нивниот карактер, судбина, ги натерала повторно да си ја пробаат среќата и да започнат нова авантура, да влезат во нова приказна..., наведува Македонскиот народен театар.

Во претставата играат Сашко Коцев, Александар Михајловски, Стефан Спасов, Гораст Цветковски, Борче Начев, Ана Стојановска, Софиа Насевска-Трифуновска и Нела Павловска.

Велигденски концерт на „Танец“

Ансамблот „Танец“ вечер во Националната опера и балет ќе го одржи велигденскиот концерт „Велигден е, Ѓурѓовден е“.

Изведени ќе бидат видеоприказните „Ѓурѓе ле, Ѓурѓе, млад Ѓурѓе, да кој ти рече да дојдеш? Мене ми рече Велигден“, „Брале се, брале сватови“, „Велигден, море Велигден, в година пак да ни дојдиш“ и „Да исчистиме гревовите, да испадиме духовите“ и кореографските постановки „Ѓурѓовденка“, „Мариовска тресеница“ и „Свадба“.

„Танец“ премиерно ќе ја изведе и најнова кореографска постановка „У ливаду“ од 2023 година.

Во рамки на програмата ќе бидат емитувани тематски видеоинтермеца, за чија изработка се користени материјали од архивите на МРТ, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Музеј на Македонија и Кинотека на РМ.

МОН ги известило училиштата неработните денови да бидат одработени во саботи

Министерството за образование и наука со допис ги известило училиштата дека двете среди (24 април и 8 мај) кога нема да работат поради одржување на изборите, треба да ги одработат во две саботи (18 мај и 1 јуни). 

МОН во дописот со вчерашен датум им укажало дека треба да се исполни одредбата од законот според која учебната година трае 180 наставни денови.

Покрај тоа, основните училиштата на Град Скопје се задолжени на 15 јуни (сабота) да го надоместат 30 ноември 2023 (четврток) кога не работеа поради одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје. За оваа нивна обврска МОН во дописот се повикува на нацрт-записник од 199 седница на Владата одржана на 14 ноември минатата година кога 30 ноември бил определен за неработен ден за учениците од основните училишта во Град Скопје.

Министерството за образование и наука вчера за медиумите соопшти дека наставата од учебната 2023/2024 ќе се реализира во целост, како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта и дека учебната година нема да биде продолжена, односно ќе заврши согласно утврдените календари – на 10 јуни за средношколците и на 17 јуни за основците, но не информираше дека неработните денови ќе бидат одработени во саботи.

-Иако гласањето во рамки на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, посочи МОН без да прецизира дека деновите ќе бидат надоместени како што за тоа ги известило училиштата.

Известувањето пратено до училиштата го објави и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) на нивната фејсбук-страница, со прашање: „Од кога неработните денови преку ноќ стануваат работни?“

- Министерот за образование веднаш да го повлече Известувањето до училиштата, со кое се задолжуваат да ги одработат „неработните" денови, прогласени од Владата, заради одржување на претстојните избори. Впрочем, и други учебни години завршувале и биле верифицирани од страна на министерот со помалку од 180 работни денови, како на пример учебната 2021/22 година, пишува во реакцијата на СОНК.

Со одлука на Владата од седницата пред три дена, заради непречено спроведување на првиот и вториот круг на Претседателските избори и на Парламентарните избори 2024, деновите 24 април и 8 мај ќе бидат неработни за сите граѓани на целата територија на државава, и тие нема да се одработуваат.

МОН вчера информираше дека во вторниците 23 април и 7 мај, т.е. деновите пред одржувањето на изборите во државава, наставата во училиштата ќе се реализира вообичаено согласно распоредот, а училиштата во кои утредента ќе се организира гласање ќе работат од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија односно класови.

Инаку, учениците оваа година првпат ќе имаат пролетен распуст кој ќе почне на 29 април и ќе трае заклучно со 6 мај.

притисни ентер