Мексиканка му ставала на сопругот лаксатив во пивото , за да го одвикне од пиење

Мексиканка е приведена и чека обвинение за труење на нејзиниот сопруг , кому му ставала лаксативи во пивото за да го одвикне од пиење.

Уморна од навиката на сопругот да пие, една жена од Мексико решила да го натера да мисли дека станал алергичен на алкохолни пијалоци со вбризгување природни лаксативи како рицинусово масло и екстракт од слива во неговото пиво.

По консултациите на разни веб-страници и форуми, Мишел Н., млада жена од мексиканската држава Синалоа, смислила план да го натера сопругот Хозе Брејан да престане да пие.

Таа добила мешавина од рицинусово масло и екстракт од слива и почнала да му става по неколку капки во шишињата со пиво за да постигне постепен лаксативен ефект. Хозе подоцна и ’кажал на полицијата дека сметал дека е чудно што неговата сопруга постојано се нудела да му донесе пиво, но тој едноставно„ дозволил да биде сакан и разгалуван “, пренесува Oddity Central.

Бидејќи природните лаксативи почнале да ја вршат својата магија во цревата на Хозе, сопругата се обидела да го убеди дека дијарејата е знак на алергија, најверојатно од алкохол. Но, тој почнал да пие апчиња за стомак и продолжил да пие нормално. Дури и се шегувал со жената дека тоалетот е близу, за да нема проблеми.

Од очај, за да го натера да престане да пие, таа почнала да му става повеќе лаксативи во пивата. Следното утро, дијареата на Хозе Брејан се влошила толку многу што не можел да стигне во тоалет. Симптомите, вклучително и тешка дехидрираност, станале толку лоши што сопругата немала друг избор освен да го однесе во локалната болница.

На прашањето за причината за дијарејата, човекот наводно им кажал на лекарите дека никогаш повеќе нема да пие пиво, зашто покрај непријатноста во стомакот, страдал и од тешки грчеви.

Мексиканската Вангардија пишува дека жената на крајот му признала на својот сопруг дека е виновна за неговата дијареја. Мишел е приведена во притвор и го очекува обвинението.

За европските избори во Хрватска пријавени 25 листи

Хрватската Државна изборна комисија (ДИК) доби 25 кандидатски листи за европските избори во Хрватска, што е за осум помалку од 2019 година, јави Хина.

На 9 јуни во Хрватска ќе се одржат избори за Европскиот парламент, а на нив треба да се изберат 12 европратеници со мандат од пет години.

Со предавањето на списокот се означува и официјалниот почеток на изборната кампања, што ќе трае до 7 јуни, кога почнува изборниот молк.

Листата на ХДЗ ја предводи премиерот Андреј Пленковиќ, Божо Петров ќе биде на чело на листата на Мост, Иван Пенава на Татковинското движење ( Домовински покрет), додека листата на коалицијата собрана околу СДП ќе ја предводи Билјана Борзан.

Јунските избори за Европскиот парламент ќе бидат четврти по ред од влезот на Хрватска во Европската унија, при што првата постава на хрватски европратеници избрана во 2013 година имаше мандат од само една година, бидејќи веќе следната година се одржаа редовни европски избори.

Европските избори во Хрватска се втор изборен циклус годинава во земјата, по парламентарните избори одржани на 17 април, а на крајот на годината ќе се одржат и претседателските избори. /МИА

Германија наскоро ќе ја продолжи соработката со УНРВА

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза .

Германската влада планира да ја продолжи соработката со Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА) во Појасот Газа во блиска иднина, соопштија денеска германското Министерство за надворешни работи и Сојузното Министерство за економска соработка и развој.

УНРВА - главниот обезбедувач на хуманитарни услуги во Газа - се соочи со голема криза откако Израел обвини десетина нејзини вработени дека се вклучени во нападите на 7 октомври во кои загинаа околу 1.200 луѓе.

Неколку вработени беа отпуштени поради обвинувањата. Во деновите и неделите што следеа, 16 земји донатори - вклучувајќи ги и двата најголеми донатори, Соединетите Американски Држави и Германија - го суспендираа или паузираа финансирањето, оставајќи го со финансиска празнина од околу 450 милиони американски долари.

Откако се појавија наводите, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вети сеопфатен преглед.

Експертите задолжени за истрага на неутралноста на ОН во светлината на наводите дека вработени на ОН биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври денеска препорачаа заострување на заштитните мерки во „осум критични области“.

Во исто време, во нивниот извештај се вели и дека Израел досега не доставил докази дека одредени вработени биле членови на терористички организации.

Независната група, предводена од поранешната француска министерка за надворешни работи Катрин Колона, беше формирана на почетокот на февруари. /MИА

Фестивалот „Коачела“ казнет со 28.000 долари поради Лана Дел Реј

Популарниот музички фестивал, на којшто настапија светски ѕвезди како Шакира, Доџа Кет и „Ноу даут“, „Коачела“ (Coachella) заврши, но една од изведувачките ги прекрши правилата.

Се работи за американската поп-пејачка Лана Дел Реј, поради која организаторите на фестивалот ќе треба да платат казна од 28.000 долари... Имено, пејачката настапила 13 минути подолго од предвиденото и со тоа го прекршила договорот што организаторите го имаат со Градот Индио, каде што се одржува фестивалот, пишува „Ти-ем-зи“ (TMZ).

На фестивалот, имено, му се наплаќа дневна казна од 20.000 долари за првите пет минути од пречекорувањето на времето и дополнителни 1.000 долари за секоја минута потоа. /МИА

притисни ентер