Светската награда за хуманизам за 2020 врачена на академик Георги Старделов

Во предвечерието на големиот христијански празник Богојавление вечерва во Охрид врачена годинешната 14-та по ред Светска награда за хуманизам, за прв пат на македонски лауреат, академик проф. Георги Старделов.

На пригодната свеченост во Куќата на Уранија пред присутните за годинешниот добитник беседа одржа претседателот на Комисијата за доделување на наградата, амбасадор Јордан Плевнеш. То истакна дека преку Светската награда на хуманизмот секој 18 јануари наспроти Богојавление се пренесува идејата за првата Школа на хуманизмот во Средновековна Европа, создадена од Свети Климент и Свети Наум учениците на светите Кирил и Методиј, прогласени за заштитници на Европа 11 века после нивната смрт.

– Академик Старделов станува првиот добитник на Светската награда за хуманизам од Македонија, како автор кој припаѓа на врвот на светската цивилизација, оттаму што кога тој ќе ја изговори парадигмата „Велт шмерц", и македонскиот станува дел од светскиот бол. Кога Вие ќе изговорите светска филозофија, Македонија ја добива со Вас потпорната Архимедова точка, кога ќе речете светска историја го одредувате местото на Македонија…Вашата трајна база се светите Климент и Наум, Света Софија, климентовиот и наумовиот манастир, Курбиново, Бгомилите, народното творештво со сите негов форми и се она што го создал македонскиот творечки дух, рече меѓу другото амбасадорот Плевнеш.

Наградата на лауреатот му ја врачи градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, кој рече дека на вечерта кога сме најблиску до Бога, Охрид со чиста љубов и мисла се поклонува пред делото на академик Старделов, кој со своите величенствени троречки достигнувања успеа да ја извиши оваа земја Македонија до највисоките културни меридијани.

– Старделов е автор со импозантен опус дела од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавени на многу јазици на сите пет континенти, рече тој заблагодарувајќи се на Академијата на хуманизмот што преку организирањето на оваа величенствена манифестација се активира генетскиот код и колективната меморија на првата Средновековна Школа на хуманизмот на Светите Кирил и Методиј.

Лауреатот Старделов своето обраќање пред присустните посочи на предизвикот со кој се соочува човекот во денешницата, дека по Хирошима се одвива големата ако не и најголемата глобална криза, што ги загрозува сите облици на животот како таков.

– Веќе нема на земјата такво забрането овошје и зелена фиданка која човекот на се обидел да ја скине или оскврнави. Со тоа стана јасно дека се е од и до човекот. Затоа и решението треба да се бара во надминувањето на стариот, излетениот дури и лицемерен хуманизм, со еден нов охридски, со еден животворен природен хуманизам кој ќе го надвладее времето на изгубената човекова блискост со природата и луѓето, време во кое ќе може да се дојде до неминовно освествување на човекот, својот опстој на планетата Земја да го здружи со природата во едно неразлачно единство и со нова надеж љубов и взаемна искрена почит, рече Старделов.

На свеченоста беше прочитана и пораката како и поемата што за годинешниот лауреат ја напиша и испрати Жан-Патрик Конрад, професор на „Ројал колеџ" од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Во рамки на годинешните чествувања на хуманизмот, со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам" што ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна Порта".

Од масовни гробници во болницата Насер за три дена ексхумирани над 200 тела

Портпаролот на Цивилната заштита на Појасот Газа Махмуд Басал изјави дека во последните три дена биле ексхумирани над 200 тела на луѓе убиени и закопани од израелските сили во масовни гробници во болницата Насер во Газа.

- Нашите тимови продолжуваат да пронаоѓаат тела во медицинскиот комплекс Насер и од саботата се ексхумирани телата на околу 200 маченици, рече Басал.

Некои светски агенции нагласуваат дека не можеле да добијат коментар од израелската војска во врска со ова тврдење.

Мохамед ал-Мугаџер, шеф на цивилната одбрана на Појасот Газа, за некои агенции изјавил дека во гробниците на болницата Насер биле откриени вкупно 283 тела.

- Досега најдовме закопани тела на 283 луѓе кои ладнокрвно биле убиени од израелската окупаторска армија, изјави Исмаил ал Тавабтех, шеф на одделот за комуникации на владата на Хамас, која е на власт во Газа.

Болниците во Појасот Газа беа директна цел на воената операција што ја спроведува израелската армија на палестинска територија по смртоносниот терористички напад што припадниците на Хамас го извршија од Газа на 7 октомври во Израел. /МИА

“Вјасна“: Стотина поли­­­­тички затвореници во Белорусија се во многу лоша здравствена состојба

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година.

Стотина политички затвореници во Белорусија, приведени во текот на жестоката конфронтација меѓу властите и опозицијата во изминатите години, имаат многу сериозни здравствени проблеми и можеби се на работ на смртта, соопшти „Вјасна“, белоруската организација за човекови права.

„Вјасна“, чиј основач е нобеловецот Алес Бијалијацки, кој, исто така, се наоѓа зад решетки, идентификуваше 93 затвореници чија здравствена состојба е особено загрижувачка, поради проблеми со рак, срце, болести и други состојби - запоставени или лошо третирани во затворски услови.

-Во заробеништво секоја болест напредува побрзо, во комбинација со недостаток на квалитетна здравствена заштита, изјави претставникот на „Вјасна“, Павел Сапелка и додаде: „На ова влијаат затворските услови: недостаток на свеж воздух, неухранетост, постојан психолошки притисок и стрес“.

Белорусија започна брутална репресија врз опозицијата по масовните протести низ целата земја во втората половина на 2020 година, кога беше оспорена шестата последователна изборна победа на авторитарниот претседател Александар Лукашенко.

Активистите за човекови права веруваат дека околу 35.000 луѓе биле приведени за време на задушувањето на тие демонстрации, од кои многумина биле претепани од полицијата.

Сите значајни опозиционери се или во затвор или во егзил.

„Вјасна“ проценува дека зад решетки во Белорусија има повеќе од 1.400 политички затвореници. /МИА

Најдобрите американски колеџи се борат со протести против војната во Газа

Протестите против војната во Газа се проширија од Колумбија и Јеил на други американски универзитети додека властите се обидуваат да го разбијат растечкото протестно движење, пренесува Би-Би-Си.

Полицијата синоќа го прекина протестот на Универзитетот во Њујорк и изврши голем број апсења.

Десетици студенти беа уапсени на Јеил претходно истиот ден, додека Колумбија ги откажа часовите со физичко присуство.

Слични „кампувања“ се појавија во Беркли, МИТ и други колеџи низ земјата.

Демонстрации и жестоки дебати за војната меѓу Израел и Газа и слободата на говор ги потресоа американските кампуси по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври на кој Израел одговори со инвазија врз Појасот Газа. /МИА

Во САД, студентите од двете страни велат дека има пораст и на антисемитски и на исламофобични инциденти.

На прашањето за протестите во кампусите, американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека ги осудува „антисемитските протести“, како и „оние кои не сфаќаат што се случува со Палестинците“.

Протестното движење на кампусите го привлече вниманието на глобално ниво минатата недела откако полицијата во Њујорк беше повикана во кампусот на Универзитетот Колумбија и уапси десетици демонстранти.

Колумбија вчера објави соопштение во кое објави дека сите часови ќе се одржуваат онлајн, при што претседателот на Колумбија Минуш Шафик ги наведе како причина инцидентите со „застрашувачко и вознемирувачко однесување“.

Доктор Шафик рече дека тензиите во кампусот биле „искористени и засилени од поединци кои не се поврзани со Колумбија кои дошле во кампусот за да ги следат своите агенди“.

На Универзитетот во Њујорк, демонстрантите поставија шатори спроти школата за бизнис Стерн.

Како што беше случајот со некои други универзитети, демонстрантите на NYU го повикаа училиштето да ги открие и да ги отфрли своите „финансии и донации од производители на оружје и компании со интерес за израелската окупација“.

Полицијата синоќа почна да апси демонстранти Универзитетот во Њујорк.

Неколку часа претходно, речиси 50 демонстранти беа уапсени на Универзитетот Јеил во Њу Хевен, Конектикат, каде што на демонстрациите учествуваа неколку стотици луѓе во текот на викендот.

Универзитетот соопшти дека приведените игнорирале „повеќе барања“ да заминат.

притисни ентер