Најстудено во Берово, најтопло во Скопје-Зајчев Рид и Тетово

Со измерени седум степени најстудено утрово е во Берово, додека со 15 степени Целзиусови најтопло е во Скопје-Зајчев Рид и во Тетово.

Како што соопштија од УХМР, осум степени се измерени во Лазарополе, 10 Охрид, Крива Паланка и Попова Шапка, 11 Маврови Анови, Дебар и Претор, 12 степени во Скопје-Петровец, Струмица и Демир Капија, 13 Битола, Штип, Велес, Прилеп, Гевгелија, Кавадарци и Куманово, 14 Крушево и во Виница.

- Во текот на ноќта имаше појава на мала до умерена облачност. Дуваше слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец кој во Штип достигнуваше брзина до 50 км/час. Изутринава е променливо облачно, дува слаб до умерен ветер од променлив правец, соопштија од УХМР.

Времето денеска претпладне ќе биде променливо облачно. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, проследени со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од јужен правец.

Максималната температура ќе биде во интервал од 21 до 28 степени.

Во Скопје претпладне променливо облачно. Попладне облачноста ќе се зголеми, а кон крајот на денот ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 25 степени.

Грција денеска без вести и информативни емисии поради 24-часовен штрајк на новинарите

Во пет часот утрово, новинарите во Грција во сите медиуми, организирани од нивните здруженија и федерации започнаа 24-часовен штрајк, со што учествуваат во утрешниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор.

Во пет часот утрово, новинарите во Грција во сите медиуми, организирани од нивните здруженија и федерации започнаа 24-часовен штрајк, со што учествуваат во утрешниот штрајк на Синдикатот на вработените во приватниот сектор, а Грција денеска ќе биде без вести и информативни емисии, јави дописничката на МИА од Атина.

Штрајкот се однесува на сите новинари, техничари и административни службеници во сите медиуми (печатени, радио, телевизија и онлајн) во јавниот и приватниот сектор, како и во државната телевизија ЕРТ, државната агенција АНА-МПА, во Генералниот секретаријат за медиуми, во прес канцелариите, како и на сајтовите.

Од федерациите, меѓу другото, бараат: колективни договори и во јавниот и во приватниот сектор, мерки за справување со поскапувањата што ги намалуваат платите; суштински и ефективни мерки за справување со невработеноста; национални и европски мерки за поддршка на заштитата на приходите и работните места во приватниот сектор; веродостојни информации и плурализам.

-Изразуваме протест поради континуираниот и постојано зголемен притисок врз новинарството и новинарите, а на крајот и врз веродостојното и слободно информирање, што е камен-темелник на демократското функционирање, соопштија од федерациите.

Во изминатите години пракса во Грција е, при генерални штрајкови, новинарите да учествуваат, но ден претходно со цел да можат да ги покријат протестите на денот на штрајковите, па така и овој пат го закажаа за денеска.

Синдикатот на вработените во приватниот сектор за утре закажа 24-часовен штрајк.

Иран објави детали за ракетите и дроновите користени во нападот врз Израел

Иранските државни медиуми објавија детали за оружјето користено во нападот без преседан врз Израел за време на викендот меѓу кои и проектили со голем дострел способни да прелетаат речиси 2.000 километри.

Иранските државни медиуми објавија детали за оружјето користено во нападот без преседан врз Израел за време на викендот меѓу кои и проектили со голем дострел способни да прелетаат речиси 2.000 километри - двојно повеќе од растојанието потребно за да се стигне до Израел, јави ДПА.

Според државната новинска агенција ИСНА, Техеран користел балистички ракети со среден дострел „Емад“ и „Кајбаршекан“. Модерната верзија на Heybarshekkan има дострел до 1.800 км. Ракетите „Емад“ можат да носат боева глава тешка околу 750 килограми и да прелетаат најмалку 1.700 километри. Според новинската агенција ИРНА, тие се лансирани од подземни ракетни силоси.

Растојанието од Западен Иран до Израел е околу 1.000 километри, јави ДПА и потсетува дека Иран го прогласи Израел за непријател по Исламската револуција во 1979 година.

Во текот на викендот Техеран изврши директен напад врз Израел во кој, според израелски извори, биле употребени околу 300 проектили и беспилотни летала. Нападот ги засили стравувањата од голем конфликт на Блискиот Исток. Нападот дојде откако Иран се закани дека ќе се одмазди за воздушниот напад врз комплексот на неговата амбасада во Дамаск на 1 април, во кој загинаа двајца генерали и други офицери. Се верува дека нападот го извршил Израел - нешто што Тел Авив не го негира, ниту го потврдува. Според ИРНА, Иран во нападот користел и крстосувачки ракети Павех, способни за брзина до 900 км/ч. Заедно со ракетите, Техеран во нападот против Израел употреби и беспилотни летала Шахед-136 - истите што Русија ги користи против Украина.

притисни ентер