Победата на Русија во војната против Украина би била назадување за САД, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, поради загриженоста на Западот за потенцијалното замрзнување на американската помош за Киев во времето на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.
„Јасно е дека колапсот на Украина и победата на (рускиот претседател Владимир) Путин во војната нема да биде победа за американското раководство“, изјави првиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика за агенцијата Франс прес во Киев.
Борел е првиот висок функционер на ЕУ кој го посети Киев по победата на републиканецот на претседателските избори во САД минатата недела.
Неговото доаѓање се случува и во време на тешка ситуација за Украинците на бојното поле, исцрпени во речиси три години војна.
Враќањето на Трамп во Белата куќа предизвикува загриженост во Украина и Европа за можното запирање на американската воена и финансиска помош за Украина, клучна за Киев.
За време на претседателската кампања Трамп ја доведе во прашање оваа помош и најави дека брзо ќе ја прекине војната во Украина. Посетата на Борел на Украина, веројатно неговата последна откако тој ќе се повлече од таа позиција во декември, има за цел да го убеди Киев за продолжување на европската помош.
Кремљ денеска ги демантираше написите на американскиот медиум Вашингтон пост за минатонеделниот наводен телефонски разговор меѓу Трамп и Путин на тема војната во Украина.
Борел изјави дека нема информации за тој разговор, но дека двајцата лидери секако ќе разговараат.
„Тоа не е изненадување“, нагласи Борел, потсетувајќи дека европските лидери, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц, најавија подготвеност да разговараат со рускиот лидер.
„Тоа е дел од играта“, рече тој.
Севкупно, Европејците испратиле околу 125 милијарди долари помош за Украина, додека САД дадоа околу 90 милијарди, според проценките на Институтот во Кил.
„Не можам да предвидам каква ќе биде позицијата на САД“, нагласи шефот на дипломатијата на ЕУ.
Во исто време, украинските војници со месеци губат територија на бојното поле од побројните и подобро вооружени руски сили.