Борисов ги продолжува преговорите за состав на нова бугарска влада

Преговарачкиот тим на победничката политичка партија на изминатите избори ќе го води нејзиниот претседател Бојко Борисов.

ГЕРБ-СДС (двопартиска политичка коалиција од Бугарија меѓу ГЕРБ и Унијата на демократски сили, предводена од Бојко Борисов) утре ќе започне разговори за разгледување на заеднички политички активности во рамките на 51-от состав на Парламентот, соопшти прес-центарот на ГЕРБ.

Преговарачкиот тим на победничката политичка партија на изминатите избори ќе го води нејзиниот претседател Бојко Борисов, а во него ќе учествуваат и Раја Назарјан, Томислав Дончев и Росен Желјазков, пренесува БТА.

Првите разговори ќе се одржат во Народното собрание, со почеток од 8:30 часот со „БСП - Обединета левица“, а во 9:30 часот се предвидени разговори со „Има таков народ“.

Вчера, пред почетокот на првото заседание на парламентот, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, предложи формирање четворострана коалиција меѓу водечката политичка сила, „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“, „БСП-Обединета левица“ и „Има таков народ“.

Тој исто така објави дека ќе биде кандидат за премиер и дека нема да отстапи.

Во исто време, Борисов изјави дека новата коалициска влада може да се формира без „ДПС-Нов почеток“, „Сојуз за права и слободи““, „Преродба“ и МЕЧ. /МИА

Мицкоски: Владата не може да носи одлуки за минималецот

 Владата не може да носи одлуки за минималецот, работниците и работодавачите да се договорат меѓусебно.

Втора средба на Социо-економскиот совет во Владата. На маса беа и барањата на ССМ минималецот да порасне на 450 евра.

Седницата ја следи Сандра Спасовска.

Сандра дали има некаков исход, што договорија власта и синдикатите?

- Платите во Македонија мора да растат и никој на Советот не го негираше тоа.

-Немаше никаков заклучок за зголемувањето на минималната плата и на платите во приватниот сектор.

Во видеото погледнете го целиот извештај.

Гаши: Интерпелацијата е демократско право, да не се игра со безбедноста во државата

Интерпелацијата е демократско право пропишано, дозволено и предвидено со Устав, Закон и Деловник. 

Секој пратеник, пратеничка група може да покрене постапка за интерпелација, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши денеска во Охрид одговарајќи на новинарско прашање за интерпелацијата поднесена од ДУИ за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ.

Тој потсети и на интерпелацијата поднесена за него, нагласувајќи дека дебатата е во рамките на демократијата и така треба да биде.

Во однос на барањата на СДСМ за лидерска средба поврзана со безбедносната состојба во државата, Гаши рече дека не се чувстува компетентен да одговори во својство на претседател на Собранието и оти не е лидер на политичка партија.

- Мене ми се битни пратениците, Собранието и јас се обидувам да се апстрахирам објективно и колку што можам од политичка припадност, сакам да бидам близок со сите. Ако лидерите мислат дека е тоа добро, они ќе си одлучат дали ќе има средба или не, зависи од нив. Мислам дека дијалогот е добар, треба да се среќаваме, треба да се гледаме, да разговарме. Тоа добро и за политичките партии и воопшто за политичката култура во државата, изјави Гаши.

За безбедносната состојба во државата кажа дека има служби кои можат да дадат оценка.

- Во последно време сите сме сведоци за некои обиди за вештачко кревање на тензии, според мене. Мислам дека граѓаните во нашата држава живеат добро, се согласуваат добро без разлика на нивните разни култури. Сите политички партии кои се обидуваат да прават политичка кариера од меѓуетнички тензии не им сакаат добро ниту на својот народ, ниту на својата држава, нагласи Гаши.

Упати апел да не се игра со безбедносната состојба во државата, бидејќи, според него, на опозицијата и се на располагање сите демократски алатки.

Почнува Европското првенство во шах во Скопје

Во Скопје денеска почнува еден од најголемите шаховски настани, Европско првенство во категориите „рапид” и „блиц”.

Повеќе од 400 шахисти веќе пристигнаа во хотел „Континентал“ во Скопје и се подготвуваат за првата партија која ќе се одржи на 7 декември.

Меѓу учесниците се познати шаховски имиња од Европа и целиот свет, високо пласирани играчи, велемајстори, (над 2.600 рејтинг поени) кои токму во Скопје ќе се борат за титулата европски прваци во брз шах, односно во категориите „рапид” и „блиц”.

Првенството во „рапид“ ќе се игра по швајцарски систем од 11 кола со временска контрола 15 минути игра + 10 секунди по потег почнувајќи од првиот потег.

Европското првенство во „блиц“ 2024 година ќе се игра на 9 декември, со 13 кола, швајцарски систем и временска контрола од 3 минути + 2 секунди за секој потег, почнувајќи од првиот потег.

Европското поединечно првенство во шах (шах 960) ќе се одржи на 10 декември и ќе се игра по швајцарски систем, во 11 кола со временска контрола 10 минути игра + 5 секунди по потег почнувајќи од првиот потег.

Вкупниот награден фонд на настаните е 47.000 евра плус дополнителни 3.000 евра во ваучери на „Modern chess”. Наградниот фонд на Европското првенство во шах во „блиц” е 12.000 евра, плус дополнителни 1.000 евра ваучери од сајтот „Modern Chess”.

Наградите за Европското првенство во брз шах изнесуваат 20.000 евра + 1.000 евра ваучери за сајтот „Modern Chess”. Наградниот фонд за Европското првенство во „Фишеров шах по случаен избор” ќе изнесува 15.000 евра, со дополнителни ваучери за „Modern chess” од 1.000 евра.

Официјалното отворање на настанот е предвидено за 6 декември од 20 часот во хотел Континентал.

притисни ентер