Челзи стана првиот клуб кој загубил шест финалиња по ред во англиските купови

Челзи постави анти-рекорд во Англија, губејќи вечерва од Ливерпул.

Избраниците на Маурисио Покетино беа поразени на „Вембли“ со 1:0 во финалето на англискиот Лига куп.

Лондонци станаа првите што загубија шест финалиња во низа во англиските купови.

Во 2019 година Челзи загуби во финалето на Лига купот, во 2020 и 2021 година беше поразен во средбите за трофејот во ФА купот, во 2022 година не успеаја и во Лига купот и во ФА Купот. /МИА

Извештај: Во регионов, во Србија има најмногу, а во Македонија најмалку жени - војници

Од армиите на земјите од поранешна Југославија и Албанија, најголем број жени меѓу професионалните војници работат во Војската на Србија, и сочинуваат вкупно 18 отсто од активните сили, објави денеска порталот Балканска безбедносна мрежа.

Како што се наведува во извештајот насловен „Жените во безбедносниот систем 2024“, кој го подготви Balkan Defense Monitor, на второ место по бројот на жени професионални војници во регионот е Црна Гора со 16 отсто, додека на трето место е Хрватска со 14 проценти од жените во армијата. Во извештајот се нагласува дека Хрватска е единствената земја која не посочила дали тоа се однесува на бројот на професионални војници или на бројот на жените во вооружените сили воопшто, без разлика на чин или статус.

Во вооружените сили на Босна и Херцеговина (БиХ), жените сочинуваат 12 отсто од професионалните војници, додека во Албанија тој удел е 11 отсто. Армијата на Северна Македонија има најмалку жени професионални војници - близу шест проценти.

Иако воената служба во Србија е многу привлечна за жените, тие не се соодветно застапени во сите сегменти на армијата. Така, во Србија 12 отсто од офицерите се жени, додека нивниот број во подофицерскиот кор е само четири отсто.

Од друга страна, Албанија има најголем број жени подофицери и офицери во целиот регион. Жените во таа земја сочинуваат 21 отсто од офицерскиот кор и 13,5 отсто од подофицерскиот кор, а Албанија е единствената во регионот што го постигнала НАТО стандардот од 15 отсто жени во вкупниот број на вооружени сили.

Од 2018 година, највисокиот чин од сите жени во таа армија го има Манушаке Шеха, која како генерал-мајор е и првата жена заменик-началник на Генералштабот на Армијата на Албанија.

Вооружените сили на Босна и Херцеговина имаат осум отсто жени офицери и шест отсто жени подофицери, но позитивно поместување во насока на еманципација на понежниот пол е забележано минатата година кога првата жена пилот го заврши своето образование. Во прашање е поручник Драженка Паниќ, која образованието го завршила во Грција како најдобра во класата на странци и која ќе лета со хеликоптерот Газел.

Како што пренесува Бирн, Хрватска доставила збирни податоци според кои 14 отсто од вооружените сили се жени, без да прецизира колку во кој сегмент се. Но, познато е дека во последната генерација на дипломирани студенти на Воената академија, од 71 питомци, 22 биле жени. Од вкупниот број 417 студенти на Воената академија во Хрватска, 93 во моментов се жени.

Црна Гора има висок број на жени офицери - дури 17 проценти. Од друга страна, само шест отсто од подофицерите се жени во таа земја. Досега во Црна Гора ниту една жена не добила повисок чин од мајор, што не треба да чуди бидејќи се работи за армија со најмалку формациски места во регионот.

И Армијата на Северна Македонија има многу висок број на жени во офицерскиот кор - 20 проценти. Кај подофицерите има 13 проценти жени, а од вкупно 35 питомци примени на Воената академија, 14 од нив се девојки. Меѓутоа, како што се посочува во извештајот, проблемот во македонската војска е несоодветната етничка, а не родова застапеност во вооружените сили. Имено, некои критичари наведуваат дека бројот на Албанки во Армијата на Северна Македонија не ја отсликува целосно структурата на тоа општество, бидејќи само 1,6 отсто од инаку малиот број професионални војници се припаднички на албанската национална заедница.

Одредени етнички и верски проблеми постојат и во вооружените сили на Босна и Херцеговина, каде до неодамна на околу 270 Бошњачки им беше забрането да носат хиџаб кога се во униформа.

Откако професионалниот војник Емела Мујановиќ ги тужеше вооружените сили за дискриминација, министерот за одбрана Зукан Хелез предложи на жените-вернички во армијата да им се дозволи да носат шамии кои ќе бидат „од ист материјал и боја како униформата“.

Фото: АРМ

Во Унгарија отворена најголемата фабрика за зелен водород во регионот

Групацијата МОЛ ја отвори најголемата зелена водородна електрана во Централна и Источна Европа во Сасаломбата, Унгарија, со капацитет од 10 мегавати.

Инвестицијата од 22 милиони евра ќе го направи производството на гориво поодржливо бидејќи фабриката ќе ги намали емисиите на јаглерод диоксид од рафинеријата Дунав за 25.000 тони. Компанија ќе може да произведува 1.600 тони чист, јаглеродно неутрален зелен водород годишно, а со воведувањето на оваа технологија ќе отвори ново поглавје во економијата на водородот.

Производството во новата фабрика ќе почне во втората половина од годинава. И МОЛ првенствено ќе користи зелен водород во сопствената мрежа, при производство на гориво.

Предвидено е изградба на фабрики за зелен водород во Риека и во Братислава.

Новата технологија постепено ќе го замени производствениот процес базиран на природен гас, кој во моментов претставува една шестина од вкупните емисии на јаглерод диоксид на компанијата со седиште во Будимпешта, која е активна во повеќе од 30 земји.

- Групацијата МОЛ достигна уште една пресвртница: сега можеме да произведуваме зелен водород без да испуштаме стакленички гасови. Со оваа технологија, постигнуваме намалување на емисиите што е еквивалентно на отстранување на околу 5.500 возила од патот преку ноќ. Денес нашата нова фабрика за зелен водород ги прави индустриските операции на МОЛ позелени, но утре ќе понуди решенија за целата индустрија и мобилноста на водородот. По Сасаломбата, ќе ја пренесеме технологијата во другите две производствени единици со цел да го направиме процесот на производство на гориво поодржлив во сите рафинерии на Групацијата МОЛ, изјави извршниот директор на компанијата, Јожеф Молнар. /МИА

Гвардиола со пофални зборови за играч на Реал: Ѕвезда од 200 милиони, прави се добро

Фудбалерите на Реал Мадрид и Манчестер Сити приредија вистински спектакл за фудбалските фанови на првиот натпревар (3:3) во четвртфиналето од Лигата на шампионите, па сега сите со нетрпение го чекаат реваншот.

По враќањето во Англија, Пеп Гвардиола, тренерот на „граѓаните“, во разговор за медиумите го издвои фудбалерот на противникот Реал, Родриго, кој беше стрелец на еден од головите.

-За мене тој е најдобар, тој е ѕвезда од 200 милиони, прави се добро..., изјави Гвардиола.

Покрај Родриго, шпанскиот тренер пофали уште еден играч на Реал – Тони Крос.

-О, тој Тони Крос. Ја носи играта на Реал на начин на кој само тој може. Одигра фантастичен натпревар, изјави Гвардиола, а потоа продолжи: „Веќе по една минута натпреварот изгледаше како цела вечност. Беше тешко. Добро се справивме што двапати водевме и не победивме. Имам премногу добро мислење за Реал за да мислам дека ќе дојдеме и ќе одиграме лесен натпревар. Ќе се обидеме се да решиме дома“. /МИА

притисни ентер