ЦУК апелира за редовно чистење на локалните одводни канали

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) и денеска апелираат до граѓаните за редовно чистење на локалните одводни канали и да не се фрлаат отпадоци во нив.

Во последното деноноќие, како што соопшти ЦУК, немало регистрирани пожари на отворено на територијата на државата.

На Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие имало вкупно 1 419 повици . Од нив „реални“ повици биле 54,69 отсто, а 45,31 проценти биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон полиција биле упатени 69,63 отсто, кон Итната медицинска помош 25,65 отсто, a кон пожарникарите 1,57 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.

Флик: Во име на цела Барселона му посакувам брзо закрепнување на Карвахал

Тренерот на Барселона, Ханс Флик, искажа поддршка за фудбалерот на лутиот ривал, Реал Мадрид, Дани Карвахал кој во саботата ги скина вкрстените лигаменти на десното колено.

- Му посакувам се најдобро на Дани во име на цела Барселона. Брзо да закрепне, изјави Флик.

Карвахал се повреди на натпреварот против Виљареал (2:0) во 9. коло од шпанската Ла Лига.

Реал вчера објави дека на играчот му биле дијагностицирани скинати предни вкрстени лигаменти, скинати надворешни колатерални лигаменти и скината тетива на десната нога. Карвахал ќе го пропушти остатокот од сезоната.

Фицо: Украина нема да стане членка на НАТО се додека сум јас премиер

 Словачкиот премиер Роберт Фицо вети дека ќе го блокира влезот на Украина во НАТО се додека е на чело на словачката Влада.

Раководството на НАТО сака Украина да се приклучи на одбранбениот сојуз по завршувањето на војната со Русија за да се одврати секоја натамошна агресија на Москва, но изјавата на Фицо ги нагласува политичките тешкотии што веројатно ќе се појават при постигнувањето на оваа цел.

-Се додека сум на чело на словачката Влада, ќе им наредам на претставниците кои се под моја контрола како претседател (на владејачката партија Смер) никогаш да не се согласат Украина да влезе во НАТО, рече тој за словачки медиуми.

Ставот на Фицо драматично се разликува од оној на Марк Руте, новиот генерален секретар на НАТО, кој во четвртокот рече дека „Украина е поблиску до НАТО од кога било досега и ќе продолжи да го прави тоа додека не стане членка на Алијансата“.

Според основачкиот договор на НАТО од 1949 година, одлуките за проширување се носат со „едногласен договор“, што значи дека противењето на Фицо за пристапување на Украина во Алијансата навистина може да го блокира нејзиното членство барем до крајот на сегашниот мандат на словачкиот лидер на власт во 2027 година.

И други членки на НАТО, пријателски настроени кон Русија, исто така би можеле да се обидат да ја спречат желбата на Украина да се приклучи на Алијансата.

Слична ситуација имаше откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година, кога Шведска и Финска аплицираа за членство во НАТО, но беа блокирани од Турција и Унгарија една година и 10 месеци. Додека Турција се спротивстави на активностите на курдските активисти во Шведска и ограничувањата на извозот на оружје од Запад во Анкара, причините за отпорот на Унгарија никогаш не беа експлицитно наведени. Двете земји конечно влегоа во НАТО на 4 април годинава.

Откако победи на изборите минатата есен, Фицо ја смени политиката на претходната влада за обезбедување материјална поддршка на Украина во нејзината војна со агресорската сила и наместо тоа вети дека неговата влада нема да испрати „ниту еден куршум“ во Украина.

Фицо минатиот четврток вети дека „ќе стори се за да ги обнови економските односи со Русија“.

Орбан: Доколку продолжи илегалната миграција, ќе ги донесеме мигрантите пред канцелариите на ЕУ

Доколку продолжи илегалната миграција, ќе ги донесеме мигрантите пред канцелариите на ЕУ во Брисел.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека доколку продолжи илегалната миграција во Европа, тој ќе донесе мигранти во Брисел и ќе ги остави пред канцелариите на ЕУ.

-Ќе донесеме мигранти од Будимпешта во Брисел и ќе ги оставиме пред канцелариите во Брисел. Ако ги сакаат, нека ги задржат, изјави Орбан на собранието на италијанската десничарска партија Лига во Понтида кај Бергамо.

Неговите зборови беа придружени со громогласен аплауз од членовите на таа партија, со извици „Орбан, Орбан, Орбан“, пренесоа италијанските медиуми.

-Не верувајте дека тоа е невозможно, ние сме жив пример, додаде Орбан, потсетувајќи дека „во Унгарија бројот на мигранти е нула“, бидејќи, како што наведе, неговата земја „не ја предава својата земја на други“.

Според него, унгарските власти не дозволуваат влез на илегални мигранти во земјата.

-Ќе ги браниме границите. Оние кои сакаат да влезат мора да чекаат дозвола и тоа мора да го направат надвор од нашите граници, рече Орбан.

Кога станува збор за социјалната политика, „во Унгарија - таткото е маж, а мајката е жена, така ќе остане дури и ако меѓународната левица е против тоа, нагласи тој.

-Денес Унгарија е најбезбедната земја во Европа, заклучи Орбан.

притисни ентер