Димитар Ковачевски официјално го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ

Димитар Ковачевски официјално го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ, побара свикување Конгрес и организирање внатрепартиски избори, се наведува во партиското соопштение.

Ве информираме дека на денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, претседателот Димитар Ковачевски го потврди повлекувањето од функцијата Претседател на СДСМ којашто ја најави на 8-ми мај, како високо морален чин, и согласно Статутот на партија иницираше свикување Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати.

Интегралната содржина на дописот на претседателот Ковачевски до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор, Славјанка Петровска:

До

Извршен одбор на СДСМ

Претседавач на ЦО на СДСМ, Г-ца Славјанка Петровска

Почитувани другарки и другари,

На 8 Мај 2024 година се одржаа парламентарните и вториот круг на претседателските избори во фер и демократска атмосфера, согласно европските стандарди, што претставува огромен исчекор кој е резултат на високиот степен на демократија, слободата на медиумите и на мирот и стабилноста која ја воспоставивме во изминатите години во државата.

Им благодарам на нашите членови и подржувачите кои и покрај големиот пораз во првиот круг на претседателските избори, достоинствено излегоа на изборите во вториот круг и овозможија да се постигне цензусот за избор на Претседател на Република Северна Македонија. СДСМ со тоа повторно покажа и ја докажа својата врвна државотворност и одговорност. Покажавме дека Македонија ни е најважна и секогаш ќе биде така.

На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции.

И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност.

Овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки.

СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа.

Тој процес не смее да биде долг, но никако ни брзоплет, стихиен и експресен. Тој процес на длабока внатрешна промена и консолидација може да го изведат само оние кои се подготвени да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата во државата. Оние кои немаат багаж од било каков вид, особено не такви карактеристики, заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција и на локално и на централно ниво.

Согласно член 26 став 2 и став 4, барам да се свика Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од Конгресот, со оглед на изборните резултати, со следниот Дневен ред:

Избор на работно претседателство и Претседавач со Конгресот.

Реферат на Претседателот на СДСМ за периодот декември 2021 до Мај 2024 година.

Реферати на раководството

Извештај од ЦИШ за парламентарните и претседателските избори одржани во 2024 година.

Единствена расправа од делегатите на Конгресот по втора, трета и четврта точка.

Изјаснување за довербата на органите на СДСМ избрани од Конгресот.

Согласно член 68б став 3, а врз основа на изборните резултати на парламентарните и претседателските избори 2024 година, како и врз основа на очигледната пасивност на дел од членовите и симпатизерите на СДСМ, вклучително и најголемиот дел на избраните и именуваните функционери на централно и локално ниво, како високо морален чин се повлекувам од функцијата Претседател на СДСМ .

Истовремено повикувам истото да го направи целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата.

Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех.

Барам од ИО, Претседавачот со ЦО и ЦО на СДСМ да ги донесат сите потребни одлуки, акти и постапки согласно Статутот на СДСМ за организирање на Конгрес на СДСМ заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ и организирање на внатрепартиски избори согласно Статутот на партијата.

Првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновување на идеолошката и вредносна матрица која ќе ги собере сите прогресивни сили на левиот центар во државата.

Вториот чекор, треба да биде длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал, со вистински и докажани социјалдемократи, со вредности и знаење, со чесност и енергија, со мотив и со искреност кон партијата.

Во овој процес на обнова согласно статутот мора сите да работиме со разум, искрено и со срце, без тесногради и ситни лични интереси. Треба да работиме во партиски интерес и да мотивираме во органите и телата на партијата да се вклучат лица кои ќе бидат препознаени од членовите на партијата и од граѓаните како автентични социјалдемократи, чиешто однесување е водено од принципите и вредностите на социјалдемократијата.

И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата која ќе овозможи целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки.

Но, додека се случува овој процес на внатрешна обнова, ние не можеме и не смееме да ја занемариме нашата одговорност кон државата и граѓаните. И затоа СДСМ и коалицијата треба и мора да бидат одговорна, силна, принципиелна и државничка опозиција.

Актуелниот систем во кој живееме, води повеќе сметка за ПР-от отколку за суштината, за површината, отколку за длабината. Граѓаните со право се незадоволни и не веруваат во ништо. Многуте кризи придонесоа голем број наши граѓани да се иселуваат, да се чувствуваат несигурни, обесправени и без верба во својата држава. Корупцијата на секое ниво, личните интереси, долгата европска интеграција и изневерените очекувања на граѓаните, нискиот просечен раст на економијата во изминатите три декади, непотизмот, бизнис интересите, етничкиот професионализам, се само дел од крупните дефекти на системот, кој ја јаде и разорува државата и кој мора конечно да се промени. Таа промена треба да започне од СДСМ, која ќе може најпрвин да ја препознаат членовите и симпатизерите на партијата, за да може да ја препознаат и граѓаните.

Во изминатиот двегодишен период за мене беше најважно што во услови на најголема и тотална криза, никого не оставивме сам, се грижевме за сите, и за младите и за пензионерите, и за работниците и за земјоделците, ги зголемивме и платите и пензиите и ја намаливме невработеноста на најниско ниво по тешката и долга транзиција од деведесетите години. Кризите не ги користев како оправдување или бегство од проблемите. Напротив, работев како што знаев и умеев, искрено, директно, чесно и посветено да се помогне на државата и граѓаните и знам дека постигнавме многу и дека за дел од работите, времето ќе ме потврди дека бевме во право.

Како што кажав во изборната ноќ, им порачувам на сите оние кои мислат дека гласањето било против Европа или ќе се обидат да ја искористат можноста да го спречат природниот пат на Македонија кој води до Европската Унија, блокирањето на патот кон Европа не само што ќе донесе голем пад на нашиот животен стандард, туку ќе ги зголеми етничките тензии во земјата, ќе ги наруши односите со соседите и ќе не изложи на безбедносен ризик, кој никој не може навистина да процени колку може да биде голем. За земја како Македонија нема средина. Нема играње на две столчиња. Тоа е или напред или назад. Местото на Македонија е во НАТО и Европската Унија. Местото на Македонците со својот македонки јазик, македонска култура и македонски идентитет е во Европската Унија, место во кое припаѓаат и сите други граѓани на Северна Македонија без разлика на нивната етничка или верска припадност.

Ми беше чест што во овие повеќе од 2 години го предводев СДСМ, што ја предводев македонската Влада и тоа ќе го чувствувам како силен мотив за мојот понатамошен ангажман во застапувањето на социјалдемократските, прогресивните и евроатлантските вредности на нашата држава.

Сакам да се заблагодарам за соработката на моите соработници, во Владата и во партијата.

Сакам да им се заблагодарам на сите прекрасни членови на СДСМ кои и во најтешкото не калкулираа заради лични амбиции и интереси, туку се бореа за партијата, а не во партијата. Тие се најголемата вредност на СДСМ.

Поминавме заедно тешки години, години на кризи, години на тешки но големи одлуки за државата, бевме изложени на јавен притисок, неосновани закани и линч, се жртвувавме за нашата татковина, а поголема жртва од тоа нема.

Нема поголемо задоволство да работиш воден од социјалдемократските вредности во кои веруваш од најмлади години. Но, исто така, нема поголемо задоволство кога знаеш дека си дал се од себе за земјата во која си родени и која ја сакаш.

Со почит,

Проф. д-р Димитар Ковачевски

-------------------------------------------

Претседател

Социјалдемократски Сојуз на Македонија

Скопје, 22.05.2024 година

Деспотовски: СДСМ ќе се врати на вредностите и традициите од АСНОМ

Кандидатот за претседател на СДСМ Јован Деспотовски продолжи со непосредни средби со членовите на партијата. На средбата во Велес беше истакнато дека една од клучните заложби на партијата ќе биде враќањето на вредностите и традициите од АСНОМ.

„Доаѓам од семејство со долга традиција на слободарски вредности. Мојот дедо Јоле Деспотовски беше дел од партизанското движење во западна Македонија, а потоа и дел од југословенската народна армија до својата пензија. Со 18 години се зачленив во СДСМ верувајќи дека оваа партија најдобро се грижи за интересите на државата Македонија и на сите граѓани. Во многу историски моменти покажавме дека сме на вистинската страна. Повторно мора да го покажеме тоа.

На средбата Деспотовски ја презентираше програмата во која клучна реформа е зајакнување на членството и воведување директен избор на кадри, за која рече дека е добро што ја прифатиле и останатите кандидати.

„СДСМ избори добива со душа и со срце. И ние тоа го изгубивме. Тоа е системски проблем кој се обидуваме сега повторно да ја замениме со наметнување решенија. Тоа се покажа дека не е добро. Затоа ни е потребна реформа и системско решение. А, тоа е многу едноставно. Претседателот на општинската организација, кандидатот за градоначалник, за пратеник не може да се бира во Скопје. Не можам јас да знам што е подобро од вас самите што е најдобро за вас во Велес. Затоа воведуваме директен избор на носителите на сите функции во партијата. Членството одлучува кој ќе ги преставува. Ова е единствениот начин како градоначалникот и пратеникот да бидат одговорни кон луѓето а не кон лидерот. Исто како што се бира претседател на партија така да се бира и градоначалник. Тоа е најдобра анкета за да знаеме кој чини, а кој не чини како кадровско решение. Секој сака да му се слушне гласот и има право за тоа, “ нагласи Деспотовски.

„Се појави дилема зошто побарав од останатите кандидати да потпишат изјава дека нема да тргуваат со позиции во партијата и критика дека така ќе ни избегаат квалитетни кадри. Отворено ве прашувам, дали треба некој да биде партиски функционер за да даде искрен придонес за партијата. Се наметнуваат лажни дилеми и стандарди дека луѓето треба да бидат наградени само затоа што се тука“, нагласи Деспотовски.

Тој ја нагласи потребата од отворена двонасочна и постојана комуникација со општинските организации. Меѓу другото за таа цел, дел од присутните предложија секоја првата сабота во месецот да се одржува работна состанок на претседателот на партијата со сите претседатели на општинските организации каде треба да се дебатира за сите отворени прашања и да се носат заеднички одлуки.

Повеќе присутни членови го отворија и прашањето со начинот на регистрација за гласање, и дека стравуваат од можни проблеми при гласањето поради тоа што дел од членовите немаат обновено картички за гласање. Членството бара да се разгледаат сите можности и да се овозможи учество на што е можно поширок круг на членови во гласањето.

Јован Деспотовски

СДСМ

Водата од Дојранското Езеро е безбедна за капење

Последните испитувања на водата од Дојранското Езеро од страна на Центарот за јавно здравје Велес покажаа дека е во одлична состојба и е безбедна за капење и рекреација на луѓето.

Ова го објави градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, повикувајќи се на добиените резултати од извештаите на здравствената установа.

-Според неодамнешните извештаи од тестирањата на здравствената безбедност на водата од Дојранското Езеро, примероци земени од Градската плажа, плажата кај хотелот “Полин” и плажата “Гранико” од страна на Центарот за јавно здравје, институција со докажан квалитет која успешно работи години наназад, докажано е дека водата кај трите плажи е во одлична состојба и не постои пречка луѓето слободно да се капат и да уживаат во рекреативни активности во водата, објави Ангов.

Додава дека резултатите од испитувањата на езерската вода се идентични со лани, односно се повторува непроменета одлична состојба и покажува параметри кои не се одразуваат штетно по здравјето на луѓето.

Инаку, во текот на летниот период од страна на Центарот за јавно здравје, Велес, неколку пати се земаат примероци од езерската вода за тестирање.

НСДП: Нема да дадеме поддршка за ваков состав и програма на Влада

Мандатарот Мицковски предлага состав на Влада со кадри на Груевски, во најголем дел тоа се луѓе кои во минатото служеа на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и ги пратат многу скандали.

Граѓаните за брзо ќе ги видат на дело кадрите на „рециклираниот режим“ и „заробената држава“ која ја инсталираа во десетгодишното претходно владеење.

Кадри кои служеле на режимот на Груевски, почнувајќи од Мицковски, не може да донесат и спроведат реформи, матрицата од претходното нивно владеење останува иста.

Во град Скопје и во општините три години го гледаме нивниот начин на спроведување на „реформи“ и нови проекти, хаос, безредие, прсти во медот, блокирани и нефункционални локални институции, партиски вработувања и скандали.

Првите потези и чекори го најавуваат моделот на владеење, особено ако ги гледаме потезите на претседателката на државата која уште во првите недели од мандатот го крши Уставот, ги влошува односите со соседите и на нeдостоинствен начин ја претставува државата.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваме да ретерира и отстапува од изборните ветувања со кои ги изманипулираа гласачите, тоа се гледа и по првите потези на нивното делување: не го намалија бројот на министерствата, го прифатија Преспанскиот договор наместо да го ревидираат како што веруваа во предизоборната кампања и нема да го вратат претходното уставно име, не предлагаат ревидирање на Охридскиот договор и договорот со Бугарија, вонинституционално договараат задолжување од една милијарда евра, ги влошуваат односите со соседите.

НСДП нема да даде поддршка за ваков состав и програма на Влада.

СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП

притисни ентер