Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента

Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, зад бројките стои нов концепт.

Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

- Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан, рече Димитриеска-Кочоска.

Во креирањето на Буџетот, како што посочи, е тргнато од определбата за намалување на буџетскиот дефицит и ефикасно прибирање на приходите, преку борба со сивата економија и ефикасност во користењето на сите средства. Во таа насока се поттикнати институциите коишто имаат сопствени средства да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата заклучно со 12 ноември во буџетските корисници е над 14 милијарди денари.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.

Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителениот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2025 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,1 проценти преку интензивирање на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како и проектите во енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на финансиските средства обезбедени преку заемот од Унгарија.

- Ваквото основно макроекономско сценарио сепак е придружено со ризици, коишто се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Ризиците во однос на надворешното окружување и понатаму се поврзани со геополитичките тензии. Војната во Украина има негативно влијание врз европската економија, особено врз Германија, којашто е наш најзначаен извозен пазар, и заедно со конфликтот на Блискиот Исток влијае врз глобалната перцепција за мир, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Вкупните даночни приходи се проектирани на ниво од 202,2 милијарди денари, што претставува раст од 12,8 проценти во однос на планираните даночни приходи за 2024 година, со удел од 19,8 проценти во планираниот БДП за 2025 година. Кај приходите од данокот на личен доход се очекува раст од 13,1 проценти, кај приходите од данокот на добивка за 10,3 проценти, а пораст се очекува и кај приходите од ДДВ кои ќе учествуваат со 42,9 проценти во вкупните даночни приходи, додека приходите од акцизи е предвидено да забележат раст од 18,6 проценти.

Кај расходите, делот на плати е проектиран на ниво од околу 48,1 милијарди денари и споредено со 2024 година е на повисоко ниво за околу 8 проценти. Тука е вкучено усогласување на платите согласно колективните договори во повеќе дејности, додека новите вработувања ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор. Во делот на платите се имплементирани донесените владини мерки и препораки за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, а со цел зголемување на мотивот за професионално и квалитетно исполнување на работните задачи.

За исплата на пензиите планирани се 105,5 милијарди денари каде се вклучени и ветените 2.500 денари што пензионерите треба да ги добијат со мартовската пензија.

Министерката за финансии се надева дека во наредните 10 дена во Собранието ќе има конструктивна дебата за овој најзначен економски документ.

Опизицијата, според која Предлог-буџетот е неразвоен, најави поднесување на околу 200 амандмани.

Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница.

Тајван побара од Кина да ги прекине воените активности во спорните води

Тајван денеска побара од Кина да ги прекине своите воени активности во нејзините води, велејќи дека тие еднострано го дестабилизираат мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец и го нарушуваат меѓународниот транспорт и трговија.

Министерството за надворешни работи на Тајван во соопштение рече дека тоа е одговор на активностите на голем број кинески бродови во архипелагот на Пацификот во близина на азиското копно, кое ги опфаќа Јапонија, Тајван и дел од Филипините.

-Министерството за надворешни работи бара властите во Пекинг веднаш да престанат со воените заплашувања и сите ирационални активности кои го загрозуваат регионалниот мир и стабилност, се вели во соопштението.

Војската на Тајван од понеделникот ги надгледува кинеските бродови во близина на Тајван. Тие изјавија дека целта на целата акција е да се покаже дека овие води припаѓаат на Кина. Тајванските медиуми тврдат дека се распоредени вкупно 90 бродови.

Тајванската војска ги очекуваше вежбите по посетата на нејзиниот претседател Лаи Чинг-те на Хаваите и американската територија Гуам. Кина тврди дека Тајван е нејзина територија и се спротивставува на секој нејзин официјален контакт со Америка и други странски влади.

Кина го ограничи воздушниот простор во близина на нејзиниот југоисточен брег од понеделникот до денеска, што покажува дека планира да одржи вежби во текот на тие три дена, иако тоа не е официјално потврдено. Кинескиот портпарол не коментираше какви било вежби кои се во тек, но во денешното соопштение рече дека владата нема да дозволи провокациите на Тајван во дослух со странски сили да останат без одговор./МИА

Потпретседателката на Филипините не се појави на сослушување за заканите кон претседателот

Потпретседателката на Филипините денеска не се појави на првото сослушување поврзано со заканите кон претседателот Фердинанд Маркос Јуниор, велејќи дека не мисли оти истрагата ќе биде правична.

Потпретседателката Сара Дутерте беше повикана да се појави пред Националното биро за истраги, но наместо тоа, го испрати својот адвокат, кој достави писмо во кое се вели дека неговата клиентка жестоко „негира дека упатувала сериозни закани“ според законот.

Дутерте се обиде да ги повлече своите коментари дадени за време на онлајн прес-конференцијата на 23 ноември. На тоа, таа јавно им се закани со смрт на Маркос, неговата сопруга и претседателот на Претставничкиот дом Мартин Ромуалдез. Таа подоцна рече дека тоа е повеќе од грижа за сопствената безбедност, тврдејќи дека добивала смртни закани.

Маркос и Дутерте се во лоши односи од нивната победа на изборите во 2022 година. На Филипините, претседателот и потпретседателот се избираат одделно, што може да доведе до тоа двајца ривали да ги заземат двете највисоки политички функции во земјата.

Дутерте е 46-годишна ќерка на поранешниот претседател Родриго Дутерте, кој е под истрага од Меѓународниот кривичен суд во Хаг за злосторства против човештвото поради крвавите репресии за време на неговото претседателствување. /MИА

OJO Велес поведе предистражна постапка за ученичко насилство во велешко училиште

Основното јавно обвинителство Велес поведе предистражна постапка за ученичко насилство во велешко училиште. 

Во постапката се преземаат повеќе дејствија за овој случај од страна на повеќе лица и институции. Јавноста ќе биде известена за одлуката на Јавното обвинителство Велес, информира денеска за медиумите Цветанка Боговеска, јавна обвинителка за подрачјето на Општина Велес.

Таа појасни дека СВР Велес во петокот, 6 декември, во Јавно обвинителство Велес испратил известување за случен кривично правен настан со предизвикана тешка телесна повреда на 12-годишно дете, ученик во ООУ„Блаже Конески“, од страна на врсник и соученик.

Известувањето за кривично-правниот настан на полицијата се темели на член 131 од Кривичен законик.

Станува збор за настан којшто на 20 ноември годинава се случи во ООУ„Блаже Конески“ кога за време на училишен одмор 12-годишен ученик повреди соученик и му нанесе тешка телесна повреда на главата.

Повредениот ученик од велешката Општа болница беше итно пренесен на Клиниката за неврологија во Скопје и по неколкудневно болничко лекување беше пуштен на домашно лекување.

притисни ентер