ДЗР: Континуираните загуби во работењето на АД Пошта влијаат на навремената достава

Континуираните загуби во работењето на АД Пошта влијаат на навремената достава и квалитетот на услугата.

Континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, се наведува во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија на АД за поштенски сообраќај Пошта на Република Македонија во државна сопственост Скопје.

Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.

- Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 6,7 милиони денари, односно 109.000 евра, се вели во извештајот.

Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40.000 илјади денари, кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32.500 илјади денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година.

Во извештајот се подвлекува дека сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.

Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7% од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки.

Меѓу другото се додава дека со Годишниот план за јавни набавки во 2023 година друштвото планирано да набави машина за сортирање на поштенски пратки со проценета вредност од 30.000 илјади денари со која би се овозможило побрзо и флексибилно сортирање на поштата, подобрувајќи го целокупниот процес на услугата од почеток до крај, но истата не е спроведена.

Ревизорите утврдиле и сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Македонија.

- Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење, посочуваат во извештајот од ДЗР.

Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва.

Законот за поштенските услуги пропишува давателите на поштенските услуги да плаќаат годишен надоместок на Агенцијата за пошти. За 2023 година, АД Пошта на Македонија требало да плати 23.461 илјади денари, но поради финансиски тешкотии, друштвото ненавремено ги подмирило овие обврски, што резултирало со каматни трошоци од 1.990 илјади денари. Сите обврски биле подмирени во април 2024 година.

Во делот на јавните набавки ревизорите утврдиле дека АД Пошта на Македонија без спроведена постапка за јавна набавка има преземено обврски за набавка на стоки и услуги, во вкупен износ од 3,7 милиони денари или приближно 60 илјади евра, што претставува надминување за 36 илјади евра или приближно 2,2 милиони денари над утврдениот вредносен праг од 24 илјади евра во денарска противвредност.

Во постапките за доделување на рамковна спогодба со еден економски оператор за набавка на услуги за осигурување на имот со отворена постапка во 2022 и 2023 година, биле склучени две рамковни спогодби, со вкупна вредност од 28.169 илјади денари (од кои 16.207 илјади денари во 2023 година). Ревизорите утврдиле дека истите можеле да бидат спроведени во делови, што би имало влијание врз конкуренцијата во постапката и рационалното користење на финансиските средства. Покрај тоа, утврдено е ненавремено плаќање на премиите (еден месец пред истекот на важноста на полисата премијата не е подмирена). Заклучено било дека ова ја загрозува сигурноста на материјалните и паричните средства, а дополнително може да доведе до зголемување на премиите во иднина поради влошениот рејтинг на друштвото.

Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените. Понатаму, друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување на други административни задачи.

Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.

Ревизорите укажуваат на потребата од поголема меѓуинституционална соработка за обнова на руинираните делови од зградата во која се наоѓа Дирекцијата на АД Пошта на Македонија.

Со извршената ревизија, се вели во зивештајот, констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива.

За надминување на констатираните состојби, како што стои во објавеноит извештај од ДЗР, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Над 26 лица се отруле со јаглерод моноксид во камп во Швајцарија

Најмалку 26 лица, од кои 17 се хоспитализирани, се отруени со јаглерод моноксид во кампот Гисвил во Швајцарија.

Според првичните информации, синоќа во еден шатор имало прекумерна акумулација на јаглерод моноксид, а околу 22 часот и 30 минути неколку лица ненадејно се онесвестиле или се пожалиле дека се чувствуваат лошо, соопшти денеска кантоналната полиција во Обвалден, пренесе Велт.

После тоа групата од 35 лица веднаш излегла на чист воздух. Според податоците на полицијата, затруени се вкупно 26 лица, од кои 17 се хоспитализирани.

Причината за зголемената акумулација на јаглерод моноксид ја истражува кантоналната полиција заедно со Институтот за судска медицина во Цирих, се вели во соопштението.

Инцидентот предизвика масовно распоредување на служби за итни случаи, а заедно со противпожарната служба беа распоредени спасувачки служби од најмалку седум кантони, два спасувачки хеликоптери и неколку полициски патроли.

Форд ја претстави новата Пума во електрична верзија (ВИДЕО)

По примерот на глобално успешниот Mustang mach-E, Ford лансираше помал автомобил.

Според најавите, изборот паднал на Puma, актуелниот продажен претставник на Ford на Стариот континент. Откако ја напуштија идејата Форд во Европа да стане целосно електричен до 2030 година, многумина мислеа дека и електричната Пума ќе биде одложена.

Новитетот пристигна и за разлика од другите два големи теренци, овој нема основа од Volkswagen. Puma Gen-E е целосно производ на Ford и визуелно е целосно базиран на бензинскиот оригинал.

Единствениот веднаш забележлив визуелен новитет е затворената предна решетка, моделирана по претходно споменатиот Mustang Mach-E. Листата на новитети завршува со нов дизајн на бандажи, редизајн на задниот спојлер и воведување нови бои во палетата.

Нема многу филозофија во однос на возењето. Има само еден избор, а тоа е електромоторот поставен напред со моќност од 123,5 kW (168 КС) и вртежен момент од 290 Nm.

Напојуван од батерија со капацитет од 43 kWh, обезбедува опсег од 376 km според WLTP или 364 km за Premium верзијата со поголеми тркала.

Се полни со моќност до 100 KW, што значи дека се доволни 23 минути за полнење на батеријата од 10 до 80% капацитет. Да кажеме и како електричната Puma спринтува до 100 km/h за осум секунди и вози до 160 km/h.

Нема значителни промени во кабината. Интересно е само тоа што Premium изданието носи богата опрема како што е B&O аудио систем. Дополнително се наплаќаат многу, но не и кога се во прашање придобивките како товарен простор од 574 литри назад и 43 литри напред.

Ford Puma Gen-E се произведува во романските погони, а во Германија започнува со цена од 36.900 евра.


Трамп: Ќе ја завршам војната во Украина, доколку можам- помошта за Украина ќе биде помала

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ќе ја заврши војната во Украина доколку може, додавајќи дека Украина може да очекува да не добие толку голема воена помош од САД кога ќе се врати на функцијата.

Тој во Париз приватно се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кои на социјалните мрежи објавија дека разговарале за постигнување „праведен мир“ во војната на Украина со Русија, објави NBC.

Зеленски се приклучи во последните 10 минути од состанокот, изјави претставник на транзицискиот тим на Трамп.

Трамп рече дека нема да се обврзе дека САД ќе останат во НАТО, но доколку членките ги платат своите обврски, тој апсолутно ќе ја зачува американската улога во Алијансата. Трамп победи на претседателските избори, кои се одржаа на 5 ноември, пред кандидатот на демократите и американска потпретседателка, Камала Харис.

Тој ќе ја преземе функцијата претседател на 20 јануари 2025 година на церемонијата на инаугурација.

притисни ентер