Европа под снег: Хаос во сообраќајот, откажани стотици летови, патници спиеле во возови (ВИДЕО)

Во повеќе европски земји - Германија, Австрија,Швајцарија, Италија и Велика Британија - големи количества снег предизвикаа колапс.

Обилните снежни врнежи ја погодија јужна Германија во вчера вечер и продолжија утринава, предизвикувајќи големи нарушувања на аеродромот во Минхен, вториот најфреквентен центар во земјата. Откажани се околу 320 од 760 летови закажани за денеска, јави германската новинска агенција ДПА. Екипите се обидоа барем една писта да биде во функција и без снег.

Ситуацијата е критична низ Баварија каде наврна огромно количество снег. Минхен е парализиран, а транспортот е во прекин. Во Улм и Минхен патниците мораа да преноќат во возови.

Сите летови се откажани на аеродромот во Глазгов во Шкотска поради обилните снежни врнежи, а предупредувањата за снег и мраз се на сила ширум Велика Британија.

Се очекува остриот студ да продолжи во Велика Британија во текот на викендот, бидејќи температурите се спуштија под нулата во текот на ноќта, објави Скај њуз.

Како што се наведува, поради тешките временски услови, можно е да има отежнат патен и железнички сообраќај, а откажани се и неколку спортски настани. Метеоролозите за денеска издадоа жолти предупредувања за северниот и југозападниот брег на Шкотска, како и за југозападниот и источниот брег на Англија.

Температурите се спуштија до 10 степени под нулата во делови од Шкотска во текот на ноќта.

Нови временски услови зафатија неколку региони во Италија, поморскиот сообраќај е прекинат во крајбрежните области и издадени се предупредувања за надојдените води на реката По, пишува Анса.

Налетите на ветровите од 143 км/ч се забележани во Лигурија, додека во пристаништето Ливорно во Тоскана сите бродови беа закотвени среде налетот на ветерот Либеџо, кој достигна 50 јазли, а брановите надминаа четири метри во висина.

Во регионот Марке интервенираа 300 противпожарни единици поради штети предизвикани од силниот ветер. Потребни се дополнителни 150 интервенции во областа околу Римини поради паднати дрвја.

Снегот ги покри регионите Тирол и Јужен Тирол и достигна 30 сантиметри на превојот Бренер, а на југот од регионот имаше дожд. Издадено е предупредување за надојдената река По, најголемата река во Италија, каде што регионот Емилија и дел од Ломбардија се особено загрозени.

Метеоролозите до крајот на денот најавија лапавица и снег за Хрватска, кој на планините може да падне и до половина метар.

Метеоролозите за Хрватска прогнозираат дека во западните делови од земјата ќе има снег и голем студ. Според нив, утре ќе биде постудено и сончево, со можност за провејување на снег, додека понеделник, 4 декември, ќе биде значително постудено, посуво и делумно сончево.

Од вторник, 5 декември, повторно ќе биде облачно, со сѐ почести врнежи, додека на Јадранот ќе дува југо, јавуваат хрватските медиуми. За денеска поради силниот ветер издадени се портокалови предупредувања за шест региони, западниот брег на Истра, Кварнер и Кварнериќ, каналот Велебит, северна, централна и јужна Далмација.

Кирби: САД се против намалувањето на Газа и принудното раселување

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, денеска соопшти дека ставот на Вашингтон е дека Палестинците во Газа треба да имаат глас преку ревитализираната палестинска управа.

Тој рече дека Вашингтон бил „доследно јасен со израелските колеги“ за тоа што е потребно во повоена Газа, еден ден откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го претстави својот план пред воениот кабинет и подоцна го објави во јавноста.

Кирби, исто така, рече дека САД не веруваат во „намалување на големината на Газа“ и не сакаат да видат какво било принудно раселување на Палестинците надвор од Газа.

Тој исто така нагласи дека ставот на Вашингтон е дека тие не сакаат „преку Хамас да се доминира, владее или управува“ со Газа. /МИА

Фон дер Лајен: ЕУ цврсто ќе стои зад Украина до нејзиното конечно ослободување

Фон дер Лајен најави дека следниот месец на Киев ќе му бидат исплатени првите 4,5 милијарди евра од Механизмот за поддршка на Украина

Денеска се одбележува мрачна годишнина, но исто така е моментот да се препознае извонредната моќ на отпорот на украинскиот народ на руската брутална инвазија на Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев каде допатува денеска на двегодишнината од стартот на руската агресија врз земјата, како израз на солидарноста и поддршката на ЕУ.

- Вие, Украинците, му ја покажавте на светот вашата храброст и дека вашата борба за слобода е важна... Вие се борите за безбедноста на целиот наш континент. Затоа зад себе ја имате целата Европска Унија. Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина, финансиски, економски, воен и најмногу морално, додека вашата земја конечно не се ослободи, нагласи Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои ја придружуваат при посетата, и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фон дер Лајен најави дека следниот месец на Киев ќе му бидат исплатени првите 4,5 милијарди евра од Механизмот за поддршка на Украина во вкупна вредност од од 50 милијарди евра за следните четири години, наменети за спроведување на украинскиот План за реформи и за инвестиции.

- Гледајќи напред кон иднината, Украина мора да има средства да се брани денес. Тоа е клучно за вашата безбедност и секако за безбедноста на Европа во целина. Затоа сакаме да ги зајакнеме одбранбените капацитети на Украина како дел од нашите, изјави Фон дер Лајаен најавувајќи дека за три недели ЕК ќе ја претстави новата Стратегија за одбранбена индустриска база, со која ќе се предвиди интегрирање на Украина во европски одбранбени програми.

Таа потсети дека оваа недела ЕУ го усвои 13-ти пакет со рестриктивни мерки кон поединци и субјекти одговорни за активности насочени кон поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина поврзани со рускиот воен и одбранбен, како и кон лица одговорни за депортација на украински деца.

Потенцирајќи дека најдобра безбедносна гаранција за Украина ќе биде членството во Европската Унија, Фон дер Лајен истакна дека во тој правец веќе скрининг процесот и најави дека кон средината на март Европската комисија ќе ја донесе преговарачката рамка.

- Нашата денешна посета ја нагласува нашата непоколеблива солидарност со Украина денес, утре и на долг рок. Вашата земја стана глобален симбол на отпорот во оваа благородна борба за слобода. Остануваме на ваша страна, порача Фон дер Лајен на прес-конференцијата одржана по средбата со Зеленски.

Претходно, таа имаше средба и со украинскиот премиер Денис Шмихал, со кого разговараше за европската финснаиски и воена поддршка за Украина, но и за надминување на проблемите поврзани со украинскиот извоз во ЕУ и блокадите на западната копнена граница на земјата.

Фон дер Лајен и премиерите Де Кро, Мелони и Трудо попладнево положија и венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија.

- На Ѕидот за сеќавањето им оддавам почит на Украинците кои ја направија најголемата жртва борејќи се за нашите вредности - слобода, демократија, владеење на правото. Тие се во нашите срца и мисли. Нивното наследство живее. И ќе блесне во текот на денот кога Украина ќе победи во оваа војна, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс по полагањето на венците.

Пред тоа во текот на денот тие го посетија аеродромот „Антонов“ во Хостомел, во близина на Киев, каде се сретнаа со припадниците на украинските Вооружени сили кои се распоредени во одбрана на објектот, а утрово Фон дер Лајен присуствуваше и на церемонија на примопредавање на 50 теренски возила на украинската полиција, кои се донација од ЕУ.

Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји. /МИА

Тошковски: Однесувањето на премиерот Џафери кон вработените во МВР е недозволиво

Тој бара од техничкиот премиер Џафери да се извини за неговото однесување во СВР Тетово. 

- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски преку соопштение реагира во однос на вчерашното видео кое се појави во јавноста, а на кое се гледа како техничкиот премиер Талат Џафери, како што се посочува, ненајавено упадна во просториите на Отсекот за управни работи Тетово каде во моментот овластените службени лица ги извршуваа своите работни задачи.

-Како министер за внатрешни работи, а пред се како човек сметам дека секој вработен во МВР заслужува максимална почит, без оглед на неговата позиција во рамки на хиерархијата или било каква припадност и таа почит треба да биде изразена од страна на секого, независно дали е премиер, министер или извршува било каква друга функција. Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек кој извршува таква функција, а уште повеќе и поради фактот што таа жена според информациите што ги добив е сопруга на човек кој го дал својот живот во извршување на работни задачи, токму како припадник на Министерството за внатрешни работи, се наведува во реакцијата на техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски.

Воедно, тој бара од техничкиот премиер Џафери да се извини за неговото однесување во СВР Тетово.

-Во таа насока сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите, стои во реакцијата на министерот Тошковски, соопшти МВР.

Техничкиот премиер Талат Џафери вчера беше во ненајавена посета во СВР Тетово и ги посети канцелариите каде што се поднесуваат барања и се врши фотографирање на граѓаните за лични карти, пасоши и возачи дозволи со новото уставно име на државата.

притисни ентер