Флорида со закон ги забрани социјалните мрежи за лица под 16 години

Парламентот на Флорида, под контрола на републиканците, усвои нацрт- закон со кој се забрануваат социјалните мрежи за деца под 16 години, потег што поддржувачите велат дека ќе ги заштити малолетниците од онлајн ризиците за нивното ментално здравје.

Мерката, која сега треба да ја потпише републиканскиот гувернер Рон ДеСантис, бара од социјалните мрежи да ги укинат сметките на сите помлади од 17 години.

Претставничкиот дом го усвои законот со 108 гласа „за“ и седум „против“, неколку часа откако Сенатот го даде конечното одобрување.

ДеСантис, кој не кажа дали ќе ја потпише мерката, минатиот месец изрази загриженост за потенцијалното прекршување на правата на приватност.

Поддржувачите сметаат дека законот ќе ги заштити децата од штетните ефекти на социјалните мрежи, како што се анксиозноста, депресијата и другите ментални болести, и ќе биде од корист за оние кои прекумерно користат такви платформи.

Критичарите велат дека законот го прекршува Првиот амандман на Уставот на САД, кој гарантира слобода на говорот и дека родителите, а не Владата треба да носат такви одлуки.

Во март 2023 година, Јута стана првата американска држава која донесе закони за регулирање на пристапот на децата до социјалните мрежи, а наскоро ќе им се придружат и Арканзас, Луизијана, Охајо и Тексас, според анализата подготвена пред носењето на законот на Флорида.

Според анализата, голем број други држави размислуваат за слични регулативи. /МИА

Драматична снимка на спасување од автомобил во пламен- попусто ја отвораат вратата (ВИДЕО)

Група добри Самарјани успеале да скршат запален автомобил и да спасат маж заробен внатре, додека драматичниот момент на спасувањето бил снимен во Минесота.

На видеото се гледа група луѓе околу автомобил зафатен од пламен. Тие очајнички се обидуваат да ја отворат вратата пред некој да го скрши прозорецот на возачот и потоа да го повлече на безбедно.

Инцидентот се случил минатиот четврток околу 18 часот и 30 минути.

Властите соопштија дека Хонда скршнала надесно и удрила во столб од светло, а потоа и во заштитна ограда пред да се запали, создавајќи чад и голем пожар.

Возачот потоа бил пренесен во болница, но за среќа не се здобил со сериозни повреди.

Нарачувале бифтеци, купишта десерти, испиле 15 шишиња вино, а потоа извеле познат трик (ВИДЕО)

Италијанскиот ресторан Bella Ciao во Порт Талбот, западно од Свонси, Британија, обвини група гости, најверојатно членови на исто семејство, дека си заминале без да си ја платат сметката.

Менаџерот тврди дека нарачале скапи бифтеци, двојни десерти и 15 шишиња вино, а кога дошло време да се платат работите „станале чудни“.

На видеата и фотографиите, кои ресторанот ги објави на Фејсбук, се гледа дека жена, најверојатно мајка, се обидува со картичка да плати сметка од 380 евра.

Плаќањето било одбиено двапати, а вработените тврдат дека жената рекла дека нејзиниот син ќе ја чека во барот додека таа „одеше да земе друга картичка“, пишува Дејли мејл.

Претставниците на ресторанот наведуваат дека таа не се вратила, а и момчето побегнало од местото на настанот.

„Мојот син сакаше да тргне по него, но јас му реков да престане“, изјавил менаџерот Тајрон Рис.

Тој додава дека не успеал да стапи во контакт со групата гости бидејќи бројот со кој ја направиле резервацијата бил „лажен“. Случајот подоцна го пријавил во полиција.

Снимката што беше објавена стана вирална во текот на викендот, а Тајрон Рис тврди дека добил многу повици од други ресторани кои имале слични инциденти со семејството (кое не платило).

Тој додава дека е „разочаран од реакцијата на властите“.

„Плаќам даноци, но се чини дека сум немоќен. Ме нервира кога знам дека ова се случува и дека се извлекуваат со тоа“.

Итно е евакуиран хотел во Рим поради токсично испарување од базенот, настрадале пет лица

Најмалку пет лица се затруени во хотел во центарот на Рим, кога од базенот се испуштале штетни испарувања.

Наредена е итна евакуација на сите присутни гости и вработени.

Според италијанските медиуми, повредените се во болница, а едно лице е во многу тешка состојба.

Вработените во хотелот се затруени, а најмалку 35 лица се евакуирани.

Во моментот кога алармот се вклучил, во хотелот имало само неколку туристи кои престојувале на појадок.

Отровните испарувања „доаѓале“ од бањата и велнес центарот на долниот кат од хотелот, а се сомневаат дека се од базенот.

Полицијата го обезбедувала и просторот во непосредна близина на хотелот, а поради отровните испарувања биле затворени околните улици.

притисни ентер