Ѓоковиќ: Не дојдов на Вимблдон само за да одиграм неколку кола

 Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ изјави наскоро кога ќе донесе конечна одлука за евентуалното учество на Вимблдон. 

Вториот светски рекет пристигна во Лондон на 24 јуни, каде ќе се одржи турнирот.

- Многу сум задоволен од тоа како се одвиваат работите. Сè уште не сум на 100 проценти, но се надевам дека ќе го направам тоа во следните неколку дена. Рехабилитацијата оди во вистинска насока. Ќе донесам одлука врз основа на тоа како ќе се одвиваат работите во следните четири или пет дена. Дали ќе играм само ако сум сигурен дека ќе победам? Секако, не дојдов овде само да одиграм неколку кола. Но, сè уште немам планови да се повлечам од тенисот, така што ова нема да биде мојот последен Вимблдон. Ќе донесам одлука пред ждрепката да бидам фер кон другите играчи. Се разбира, сè е непредвидливо. Не знам што може да се случи кога турнирот ќе започне, изјави Ѓоковиќ за „Дејли експрес“.

На почетокот на јуни 37-годишниот Србин успешно го оперираше коленото. Ѓоковиќ заработи повреда на менискусот во четвртото коло на Ролан Гарос каде играше против Аргентинецот Франциско Черундоло. На оваа средба победи во пет сета, но подоцна се повлече од четвртфиналето на турнирот.

Вимблдон 2024 ќе се одржи од 1 до 14 јули во Лондон (Англија).

Илон Маск ја сели компанијата SpaceX од Калифорнија во Тексас- причината е лична

Јужноафриканскиот милијардер Илон Маск, сопственик на социјалната мрежа X и прв човек на програмата SpaceX, одлучи да го пресели седиштето на неговата компанија која произведува ракети од Калифорнија во Тексас.

Причината за тоа не е од стратешка природа, не се однесува на близината на подизведувачите, ниту на капацитетите за тестирање, туку напротив - законот, пишува порталот Aviation Week.

Според Маск, „последната капка“ е новиот закон во Калифорнија кој им забранува на училишните области да ги известуваат родителите доколку нивното дете излезе како трансродово.

Законот, потпишан од гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ги спречува училишните области да им ја откријат сексуалната ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување на ученикот на родителите без согласност на ученикот.

„Поради овој закон и многу други што му претходеа, напаѓајќи ги и семејствата и бизнисите, SpaceX сега ќе го премести своето седиште од Хејторн, Калифорнија во Старбејс, Тексас“, напиша Маск, додавајќи:

„Јасно му кажав на гувернерот Њусом пред околу една година дека законодавството од ваков карактер ќе ги принуди семејствата и бизнисите да излезат од Калифорнија да ги заштитат своите деца“, рече тој.

Не е познато дали SpaceX ќе пресели некој од своите производствени капацитети од Калифорнија, каде што произведува ракетни мотори и други делови за својата ракета Falcon 9.

SpaceX го развива и тестира својот систем за лансирање Starship Super Heavy во Старбејс, Тексас, што треба драстично да ги намали трошоците за лансирање во орбитата на Земјата и да овозможи летови до Месечината и Марс.

Маск го напушти Лос Анџелес и се пресели во Тексас пред четири години, а пред три години најави дека ќе ја пресели Тесла во Остин. Во исто време, седиштето на поранешниот Твитер, кој сега е во сопственост на Маск, ќе биде преместен од Сан Франциско во Остин, Тексас.

Премиерот Мицкоски оствари средба со српскиот претседател Вучиќ во Лондон

На Самитот на европската политичка заедница во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Пријателска средба со Александар Вучиќ, Претседател на Република Србија во Лондон на Самитот на европската политичка заедница.

Разговаравме за продлабочување на соработката, како и за мирот и стабилноста на регионот.

Добрососедските односи се клучен фактор за просперитет и развој на земјите од Балканот, и во тој контекст се договоривме наредниот период да продолжиме со добрата комуникација помеѓу двете земји.

Економијата и трговската размена, како и подобрување во инфраструктурното поврзување помеѓу Македонија и Србија треба да бидат значаен фактор кон развивање на двете земји“, објави Мицкоски на Фејсбук.

Мицкоски: Транзитот на гас низ Македонија е во корист на Европа

Денеска претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски во своето обраќање на Самитот на европската политичка заедница кој се одржа во Лондон се осврна на енергетиката.

„Енергетиката е денес важно прашање во светот во услови на руска агресија на Украина. Да се зборува за енергетика во политиката е една работа, а кога се зборува за реализација на енергетски проекти од технички аспект е сосема друга. Да нагласам дека реализацијата на енергетските проекти бара време, не може само да замислиш и веднаш истото да се реализира. Мора да направиш план, да ја завршиш домашната работа и потоа да следи една декада до реализација“, истакна Мицкоски.

Тој посочи дека е неопходна регионална соработка на овој план, бидејќи сите земји од регионот и Европа треба да најдат алтернатива на рускиот гас и неговата злоупотреба за политичко влијание.

„Мора да ги консолидираме нашите планови и да работиме заедно, затоа што без разлика дали сме членови на ЕУ или кандидати за членство, ние мора да работиме заедно, затоа што сите ние сме поврзани. Ние сме мала земја, ние не сме голем конзумер на енергија, но сме значен дел затоа што сите транзитни договори низ Украина истекуваат до крајот на годината. Единственото решение ќе останат јужниот и турскиот поток што значи руски гас и Русија ќе го искористи тоа за политичко влијание. Затоа мора да најдеме начин како да го замениме рускиот гас со други извори“, кажа премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека Македонија забрзано работи на полето на енергетиката, се работи на изградба на интерконектори и целта е државата да има важна улога во идниот транзит на азербејџански, катарски, американски или друг извор на гас кон Европа.

„Ние можеме да бидеме значаен транзитен фактор. Ние ја забрзуваме изградбата на интерконектор со Грција и наскоро ќе почнеме со изградба на интерконектор со Србија. Со тоа и централно европските земји би имале подобар пристап до азербејџански, катарски, казахстански и гас од САД. Транзитот низ мојата земја е во корист на Европа. За таа цел ние имаме нов ресор во Владата, министерство за енергетика, рударство и минерални суровини кое ќе биде одговорно за ова прашање, бидејќи сакаме да бидеме значаен играч на ова поле“, рече Мицкоски.

притисни ентер