Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ, денеска отворија канцеларија за социјална поддршка на млади брачни парови од општина Кисела Вода, лоцирана во Домот на култура “Билјана Беличанец”. Оваа канцеларија, како што велат од Општината Кисела Вода, е прва и единствена од ваков вид во Македонија и ќе овозможи бесплатна стручна поддршка и совети за надминување на тешкотиите и одржување на здрава комуникација помеѓу идните брачни двојки, што е клучно за стабилноста на секое семејство.
Канцеларијата ќе работи во среда од 16:00 до 20:00 часот и сабота од 10:00 до 16:00 часот. Стручната помош и поддршка од страна на тимот се бесплатни. Потребно е претходно да се закаже термин на телeфонскиот број 02/3212 690. Термините се закажуваат во понеделник од 10.00 до 12:00 часот.
-Денеска со големо задоволство ја отвораме Канцеларијата за социјална поддршка на млади брачни парови, прва од ваков вид во нашата држава, посветена на жителите на Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е плод на нашата соработка со Здружението на социјални работници, кое го обезбедува професионалниот тим, додека општината го овозможи просторот во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Ова е единствена можност во Македонија каде младите брачни парови можат да добијат бесплатна и стручна поддршка за навремено справување со предизвиците во нивните односи, изјавил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Канцеларијата, додал, е создадена од потребата да се превенираат и спречат нарушените односи и семејни недоразбирања кои, за жал, сè почесто доведуваат до разводи.
-Наша цел е да ги поддржиме паровите во изградба на стабилни семејства, што има директен позитивен ефект врз благосостојбата на младите, но и на целокупната заедница. Стручниот тим во оваа канцеларија ќе им помогне на младите брачни парови да се справат со секојдневните проблеми, да ги решат предизвиците на заемното разбирање и да создадат основа за силен, стабилен и среќен дом, истакнал градоначалникот на Кисела Вода.
Канцеларијата ќе работи два дена во неделата, секоја среда и сабота, по претходно закажани средби, што овозможува да се пристапи кон секое семејство индивидуално и со целосно внимание. Ѓорѓиевски се надева дека ова е почеток на позитивен тренд кој ќе го следат и други општини, бидејќи, како што истакнал, ваквите услуги се неопходни во едно модерно и динамично општество.
-Искрено се заблагодарувам на претседателката на Здружението на социјални работници, Светлана Трбојевиќ и на сите негови членови за посветеноста и желбата да направат вистинска разлика за нашите граѓани. Заедно градиме општина која се грижи за своите жители, која вложува во иднината на младите семејства и која, со оваа канцеларија, им дава нова надеж и поддршка на сите оние кои сакаат да ги зајакнат своите семејни односи, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.