Хамилтон: Време е Формула 1 да се врати во Африка

Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон работи со претставници од Руанда и Јужноафриканската Република за потенцијална организација на Формула 1 трки во Африка. 

Британецот е категоричен дека е вистинско време за враќање на најпрестижниот мотоспорт на континентот и можноста не може да се игнорира.

Хамилтон беше во Африка за време на летната пауза во Формула 1 и ги откри своите планови на прес-конференција пред почетокот на трката за Големата награда на Холандија.

-Ова е вистинското време, 100 отсто. Тие не можат да продолжат да додаваат трки овде и таму и да ја игнорираат Африка. Сите земаат од Африка и никој ништо не враќа. Трките на овој континент ќе им покажат на луѓето колку е прекрасна и ќе му помогне многу на туризмот. Зошто да не сме на овој континент?, праша Хамилтон.

Според него, постои барем една патека која е целосно подготвена.

-Треба да одиме на патеката што е можно побрзо и да ја направиме дел од календарот на Формула 1. Потоа можеме да продолжиме да се шириме на континентот, додаде еден од најдобрите пилоти во историјата на спортот.

Формула 1 ја напушти Африка во 1993 година, кога последен пат се одржа трката за ГН на Јужна Африка во Кјалами. Извршниот директор Стефано Доменикали пред еден месец објави дека Руанда е водечки кандидат за патеката, но допрва треба да се изгради писта. Разговорите ќе продолжат во септември.

-Руанда е едно од моите омилени места за посета. Бев таму и работев со локалните организатори. Разговарав со многу луѓе и таму и во Јужноафриканската Република. Руанда е долгорочен проект и Мило ми е што сакаат да бидат дел од календарот на Формула 1, додаде тој.

Британецот откри дека во текот на летото ги посетил и Мароко, Сенегал, Бенин, Мозамбик и Мадагаскар.

-Сè уште се помирувам со она што се случи на тоа патување. Бев во бегалски камп и видов колку работат луѓето и колку е тешко за оние кои насилно ги напуштиле своите земји. Една работа е да се прочита за нив , друго е да ги гледам во живо. Сретнав деца кои пешачат 10 километри до училиште, а потоа се враќаат 10 километри без да јадат, изјави Британецот.

Фон дер Лајен: Нападите на Хамас врз Израел донесоа огромно страдање на израелскиот народ

Нападите на Хамас врз Израел донесоа огромно страдање на израелскиот народ и невините Палестинци.

Не може да има оправдување за терористичките акти и варварски напади на Хамас врз Израел, кои уште еднаш најсилно ги осудувам, наведе претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по повод годишнината од ланските напади на палестинската исламистичка група врз израелската територија во кои беа убиени 797 цивили, меѓу кои 36 деца и 379 припадници на безбедносните сили, околу 3400 лица беа ранети, а 251 Израелец беа одведени како заложници.

- На 7 октомври 2023 година, светот се разбуди со ужасни слики на неискажливо дивјаштво, сцени кои засекогаш ќе останат врежани во нашите умови. Тие донесоа огромно страдање не само на народот на Израел, туку и врз невините Палестинци. На оваа трагична годишнина сакам да оддадам почит на жртвите. Европската Унија жали за сите невини луѓе чии животи се уништени од тој кобен ден, наведе Фон дер Лајен во изјавата.

Таа потсетува дека ЕУ постојано повикува на итен прекин на огнот во Газа, безусловно ослободување на сите заложници и за прекин на конфликтот, како и дека ги поддржува тековните дипломатски напори за постигнување сеопфатен договор

Според Фон дер Лајен, една година подоцна, хуманитарната ситуација во Газа е ужасна, па затоа ЕУ ќе продолжи да прави се што е во нејзина моќ за да обезбеди финансиска поддршка и да ја олесни испораката и дистрибуцијата на хуманитарна помош, како до палестинскиот народ, така сега и во Либан.

- Терористичките напади на Хамас врз Израел поттикнаа спирала на насилство што го доведе целиот регион во состојба на екстремна тензија и нестабилност. Сите страни мора да дејствуваат одговорно, воздржано и да се ангажираат за деескалација на сегашните тензии, наведува претседателката на ЕК.

Фон дер Лајен потенцира и дека додека работи на справување со сегашната криза, Европската Унија настојува да помогне да се подготви теренот за идните чекори во мировниот процес.

- Ќе ги поддржиме сите напори за постигнување услови за траен мир, што ќе доведе до решение за создавање две држави - Израел и Палестина, кои ќе коегзистираат една покрај друга во мир и безбедност. Тоа е единствениот остварлив пат напред за конечно да се стави крај на страдањето, нагласува Фон дер Лајен.

Таа, исто така, истакна и дека ЕУ сочувствува со еврејските заедници ширум светот во услови на нагло зголемување на антисемитските инциденти.

- Мора колективно да се бориме против ова зло каде и да се шири - вклучително и онлајн. Ќе продолжиме да ја имплементираме, а по потреба и да ја ажурираме, нашата Стратегија за борба против антисемитизмот. Ќе посветиме повеќе ресурси за оваа цел. Секој треба да биде слободен да ја исповеда својата вера во нашата Унија. Се гордееме со нашата различност. Мораме да ја заштитиме по секоја цена, додава Фон дер Лајен во пораката по повод годишнината од ланските напади на Хамас врз Израел.

Во Мексико убиен градоначалник само шест дена по преземање на функцијата

Алехандро Аркос, градоначалник на Чилпанцинго, главниот град на мексиканската држава Гереро, беше убиен вчера, помалку од една недела по преземањето на функцијата, потврди гувернерот на државата.

Британските медиуми пренесуваат дека Аркос е убиен само шест дена откако стана градоначалник на Чилпасинго, град во југозападно Мексико со околу 280.000 жители.

„Поради неговото убиство, целата заедница на државата Гереро тагува и не исполнува со гнев“, рече гувернерката Евелин Салгадо во изјавата споделена на социјалните мрежи.

Јавното обвинителство на сојузната држава Гереро, каде што насилствата зајакнаа, соопшти дека е покрената истрага за убиството на градоначалникот на Чилпансинго.

ЦУК: Два пожара на отворено, во Гостивар водата не е за пиење

ЦУК: Два пожара на отворено, во Гостивар водата не е за пиење, а во Тетово има редуцирано водоснабдување.

Во последното деноноќие се регистрирани два пожара на отворено - во Скопје бил запален градежен отпад на ул. „Његошева“ во Општина Карпош, и во во Село Рдауша каде што имало запалено ѓубре, соопшти ЦУК.

ЈКП „Шар“ од Тетово информира поради загаденоста на водата во изворите на Лешница, системот на филтер станицата на засега е целосно затворен. Градот Тетово се снабдува со намалено количество вода, а екипи на ЈКП „Шар” се на терен за брзо решавање на проблемот. Ограничување на водата во градскиот водовод ќе има од 13.00 до 15.00 часот и во период од 01.00 до 04.00 часот.

Од ЈП „Комуналец“ од Гостивар, пак, е добиено известување во ЦУК дека поради контаминација предизвикана од обилните врнежи од дожд, најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи потврдуваат дека водата од јавната водоводна мрежа во моментов не е безбедна за пиење.

притисни ентер