Храм со можна поврзаност со Александар Македонски откриен во Ирак

Археолози од Британскиот музеј во Лондон откриле два храма, едниот изграден врз другиот, во антички град во Ирак. 

Поновиот храм, се чини, датира од четвртиот век п.н.е. и има можна поврзаност со култот кон древниот бог Херакле и со Александар Македонски, иако неговото име не е спомнато.

Постариот храм е пронајден при ископувања кај древниот сумерски град Гирсу, близу денешната населба Тело во југоисточен Ирак. Ископувањата се дел од тековниот потфат именуван „Проект Гирсу“. Остатоците од постариот сумерски храм биле пронајдени на истото место, под поновата градба којашто била посветена на Херакле и неговиот сумерски еквивалент, богот-херој Нингирсу

- Фактот дека (поновиот, з.п.) храм бил подигнат на истото место каде што 1.500 години претходно се наоѓал другиот храм, не е случајно, а местото морало да има одредено значење за луѓето од Месопотамија. Тоа покажува дека жителите на Вавилонија во (четвртиот, з.п.) век п.н.е. имале огромно познавање за нивната историја. Наследството на Сумерите сè уште било многу живописно, појасни Себастијен Реј, археолог и куратор за Месопотамија во Британскиот музеј кој го предводи ископувањето, во изјава за „Лајв сајенс“ (Live Science).

Кај поновиот храм е пронајдена и плочка од печена глина со зачуван натпис на арамејски и хеленски-коине јазик, што се однесува на „дарителот на двајца браќа“ - можна алузија на македонскиот владетел кој освоил голем дел од тогаш познатиот свет за време на неговото 13-годишно владеење од 336 година до 323 г. п.н.е.

- Тој натпис е многу занимлив, бидејќи се споменува енигматично вавилонско име напишано на грчки и арамејски јазик. Поимот „Ададнадинаке“, што значи - „Адад, дарителот на браќата“, е јасно избрано како свечена титула поради неговиот архаичен тон и симболичните конотации. Сите докази укажуваат на фактот дека името било извонредно ретко, додава истражувачот.

На наоѓалиштето, археолозите откриле сребрена паричка драхма, закопана под некаков олтар или светилиште, како и плочката со натписот.

- Самиот натпис е поздрав до Зевс, грчкиот врховен бог, кој честопати е прикажан со гром и орел. И двата симболи може да се најдат на монетата, којашто веројатно била искована во Вавилон под власта на Александар Велики. Го прикажува и Херакле во младешка возраст, изјави Реј.

Богот Зевс (инаку еквивалент на древномакедонското божество Дион), бил замислен предок на Александар, слично како и египетскиот бог Амон. Сè ова укажува дека Александар Македонски можеби директно и активно бил вклучен во обновувањето на светилиштето и оти можеби бил предвиден и споменик со ликот на Македонецот за во храмот по неговата смрт, велат археолозите.

- Тој можеби имал можност да оди таму - или за време на неговиот престој во Вавилон, или по патот кон (градот) Суза. Значајно е тоа што тој можел да ги плати своите војници откако го зазел Вавилон, бидејќи градскиот ковчег му бил предаден. Ова значело дека Александар и неговите војсководци имале контрола врз богатството на тоа подрачје и веројатно го користеле вавилонското сребро за изработка на многуте монети што биле ковани во градот. Пронајдените фигурини, што потекнуваат од низа места во хеленистичкиот свет, во многу случаи морало да бидат носени во храмот од посетителите. Меѓу нив се и македонските коњаници кои имале силна приврзаност со Александар Македонски. Така, тие можеле да се поврзат и со култот на воинственото херојство, објасни Реј.

Сепак, научниците сè уште не можат со сигурност да потврдат дали македонскиот владетел навистина го посетил ова место.

Инаку, името на Александар Македонски го има на други пронајдени вавилонски записи од тоа време. На почетокот на овој 21. век се пронајдени и преведени тн. „Астрономски дневници“ од 4. век п.н.е. Во еден напис, како што пренесува и холандскиот професор Јона Лендеринг, се чита: А-лек-са-ан-дар, како што биле испишани слоговите со клинесто писмо. Историчарите ги искористиле астрономските податоци од овие записи за да го одредат времето на смртта на македонскиот освојувач, а тоа бил денот меѓу вечерните часови на 10 јуни и 11 јуни 323 година п.н.е. /МИА

Шин Бет пет пати барала дозвола од израелската Влада за убиство на лидерот на Хамас, Синвар

Шин Бет пет пати барала дозвола од израелската Влада за убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар

Откако лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар, во 2011 година беше ослободен од израелски затвор, израелската безбедносна служба Шин Бет постојано се обидуваше да добие одобрение од владата да го убие, пишува новинар од израелскиот весник „Једиот Ахронот“ (Yediot Achronot).

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пет пати стави „вето“ за атентат врз Синвар за да избегне војна со Хамас, објави денеска новинарот Надав Ејал, пренесе Бета.

За време на неговиот мандат, идејата ја разгледа и поранешниот израелски премиер Нафтали Бенет.

По нападот на палестинските екстремисти во мај 2022 година во градот Елад во Израел, Шин Бет повторно предложи план за убиство на лидерот на Хамас, но израелската армија се спротивстави.

Тогашниот министер за одбрана на Израел, Бени Ганц, исто така, се спротивстави на убиството, сметајќи дека Хамас бил заплашен.

Новинарот Ејал не наведува извори, но други израелски медиуми коментираат дека Шин Бет го обвинува политичкото раководство за војната што изби на 7 октомври меѓу Израел и Хамас.

Синвар беше ослободен како дел од размената на 1.000 палестински затвореници за израелскиот војник Гилад Шалит, кој беше заробен во Газа повеќе од пет години.

Притвор за осомничениот од село Габреш, кој си ги уби сестрата и внукот

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за 67-годишниот жител од село Габреш, кој вчера по расправија ги уби сестрата и внукот. 

Вториот внук со прострелни рани е пренесен на една од скопските клиники.

Основното јавно обвинителство Куманово донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – убиство од член 123 став 1, како и еден обид за убиство.

-Осомничениот 67-годишник, на 21 февруари во кумановското село Габреш, имал расправија, со двајцата внуци од неговата сестра. На расправијата се приклучила и сестрата. Со пиштол кој го поседувал со дозвола, осомничениот пукал кон нив и со умисла ја лишил од живот сопствената сестра и еден од нејзините синови, а се обидел да го лиши од живот и другиот, соопштија од обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово поднесе предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.

Вчера полицијата информираше дека поради нерасчистени семејни односи, полициски службеници од СВР го лишиле од слобода Д.Ѓ. затоа што во село Габреш, кумановско поради нерасчистени имотно правни односи пукал од огнено оружје кон неговата сестра Д.Р.(63), и нејзините синови Ж.Р.(36) и Т.Р.(38).

Итна медицинска помош констатирала смрт кај Д.Р. и Т.Р., додека Ж.Р.со повреди е пренесен во Општа болница Куманово, информираше полицијата.

Од кумановската болница потврдија дека кај нив е донесено лице со три прострелни рани, но поради сериозноста на повредите е префрлено на понатамошно лекување на една од скопските клиники.

Силно торнадо ја погоди Индонезија, повредени се 33 лица

Индонезиските власти соопштија дека земјата била погодена од силно торнадо, какво што досега не било забележано на нејзина територија. Повредени се 33 лица, а причинета е материјална штета.

Откако вчера силните ветрови го зафатија градот Сумеданг на западниот дел од островот Јава, климатологот на Националната агенција за иновации и истражување Ерма Јулихастин рече дека службата „ќе го симулира и истражува торнадото“. На социјалната мрежа „Икс“ таа напиша дека вакви бури често се случуваат на северната хемисфера, но тие во Индонезија досега биле значително послаби.

Индонезиската агенција за управување со катастрофи соопшти дека повеќето од жртвите се со полесни повреди. На видеата објавени од местото на настанот се гледа како ветровите урнале покрив на фабрика, дрвјата долж централната улица на Сумеданг силно се навалиле и се урнала фасада на продавница.

притисни ентер