Хуманитарен настан „Пливање за инклузија“

Македонската пливачка легенда Томи Стефановски организира хуманитарен настан „Пливање за инклузија“ по повод 15-годишнината од препливување на каналот Ла Манш. 

Трасата за овој хуманитарен потфат за препливување во Охридското Езеро е во должина од 15 километри.

Стефановски ќе стартува во 10 часот и 30 минути од хотел Десарет во месноста Пештани, ќе плива до Црквата Св. Јован Канео и назад до Охридското пристаниште.

Стефановски ги повикува сите хумани луѓе да донираат за подигнување на свеста и за креирање подобри услови за лицата со атипичен развој и инвалидизираните лица во спортот и физичкото образование.

- Заедно со Вас и вашата поддршка на многу деца и лица ќе им дадеме можност да ги достигнат личните потенцијали, да уживаат во благодетите од спортот, да имаат поисполнет живот и најважно од се, да се чувствуваат прифатени и сакани, вели Стефановски.

На 14 август 2009 година, Стефановски го преплива каналот Ла Манш по повод 50-годишниот јубилеј од првото препливување на каналот од страна на Македонецот Нико Нестор (1958) и 40- годишнината од препливување на првата Македонка, Атина Бојаџи (1969). Потфатот на Стефановски тогаш траеше цели 7 часа и 42 минути, резултат кој е 13-ти на вечната листа во 149-годишната историја на препливување на каналот.

Овој хуманитарен настан Стефановски го организира заедно со невладината организација ИТК Македонија – Скопје и Охридскиот пливачки маратон.

Сметка за донации:

ИТК Македонија - Скопје

Трансакциска Сметка: 500 00000 14054 60 / Банка: Стопанска Банка АД Битола

Адреса на Банка: Добривоје Радосављевиќ 21, 7000 Битола - МКД

ЕДБ: 4057022558931 / ЕМБС: 7568584

Девизна Сметка - Account Name: ITK Macedonia - Skopje

IBAN / Account Number: MK07500722000011951; BIV / SWIFT CODE: STBBMK22

Почнува театарскиот Фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип

 На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип вечерва во 19 часот почнува 12. издание на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова на денешната прес-конференција истакна најмладата публика вечерва на отварањето на Фестивалот „Малиот принц“ ќе ја проследат претставата „Книголандија“, во изведба на ансамблот на Народниот театар Штип (НТШ).

-Во вторник во 12 и во 13.30 часот за нашите најмали првачиња од основните училишта решивме да и направиме едно изненадување, да им покажеме дека театарот е нивни пријател, не треба да го заборават, туку почесто да го посетуваат. Затоа што во театарот навистина има интересни игри и едукација, покрај образовниот систем. Затоа за нив утре ќе организираме „Театар на сенки“, според сликовницата „Касни порасни“ на Петре М.Андреевски, а всушност оваа претстава ни доаѓа од Детски креативен центар МКЦ. Исто така нашите актерки од НТШ ќе спроведат една работилница „Изработување на маски“, со цел децата да научат како ние ги изработуваме театарските маски, вели Атанасова Арсова.

На Фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ најмладата публика ќе може да проследи вкупно пет тетарски претстави, гостуваат театри од Куманово, Битола, Скопје и од соседна Бугарија. Фестивалот се затвара на 19 септември со претствата „Приказни по телефон“ во изведба на актерите од Здружение за уметности и култура „Водолеј“ - Р. Бугарија. Сите претстави почнуваат во 19 часот, а цената на билетите е 100 денари.

Наскоро еден директор на цел Клинички центар и спојување на неколку болници

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари потсети дека кога бил министер за здравство во 2017 година разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.

Според Таравари, има јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

-Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови. Мислам дека сумата е значајна и со тие пари место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, да не биде директор, би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции,... Целта беше таа, не е од сега таа цел. И во 2017 година кога бев министер за здравство разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 - 15 неразрешени, истакна Таравари.

Мицкоски: Акцијата за даночно затајување е една од низата што ќе следуваат

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во врска со последната акција за даночно затајување рече дека таа е една од низата вакви истраги што ќе следуваат во следниот период. 

- Не би сакал сега да откривам детали, истрагата трае, мислам дека ќе биде епски голема, епски голем криминал, но она што можам да кажам дека ова е една во низата што ќе следат во следниот период септември-октомври, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред средбата со претставници на АХК Македонија, дел од мрежата на германските комори во странство и Македонско-Германското стопанско здружение.

Минатата недела беше спроведена акција за даночно затајување во фирми во Струмица, Скопје и Гостивар. Беа приведени четири лица, а државниот јавен обвинител информираше дека е оформен предмет за даночна измама и за перење пари и дека се сослушани три лица, а за едно се предложени мерки за претпазливост.

- Првичните информации се дека станува збор за милионски суми кои што се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумпција на невиност, изјави во петокот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Охрид.

притисни ентер