Ивановски: Трчав повреден од шестиот километар, го дадов максимумот

Атлетичарот Дарио Ивановски денеска во Париз испиша историја и стана првиот македонски маратонец во историјата на олимписките игри.

Ивановски го освои 69 место, заостанувајќи 21: 49 секунди зад олимпискиот победник, а причината која го спречи да оствари многу подобар пласман е повреда на коленото во воведниот дел од трката.

Ивановски во изјава по завршувањето на маратон изрази благодарност за поддршката, истакнувајќи оти го даде максимумот трчајќи со повредено колено.

„Почитувани Македонци, пред сè сакам да ви се заблагодарам за огромната поддршка која ја имав во текот на овој маратон, но и пред оваа трка. Кога еден маратон ќе се заврши, тогаш се вели дека се завршил успешно. Да му се заблагодарам на Бог што влегов во маратонот жив и здрав, но сепак имав мала повреда на стапалото и коленото која ја влечев од шестиот километар“, рече Ивановски

„Тоа ме оневозможи да го одржам темпото кое го наметнавме на стартот. Од петтиот кон шестиот километар почнав да ја влечам ногата и почнав да се мачам, но тоа е што е. Го дадов максимумот. Сега следи период на закрепнување и фокус кон следните цели. Можеби сите, вклучувајќи ме и мене, имавме поголеми очекувања. Јас верував дека можам подобро и сè уште верувам во тоа. По времето 2:08 кое е мое најдобро и 2:28 денеска ќе се заклучи дека ми се случувало нешто на трката, а можам да кажам дека бев и подобро подготвен според тренинзите кои ги имав пред Париз. Се надевам дека на следната трка и на следните предизвици ќе го видите стариот Дарио, дури и подобар од тоа што бев. Се гледаме во наредни предизвици, ве сакам сите“, порача македонскиот маратонец Ивановски. /МИА

Перински во Врање: Нови 5,4 мил. евра за проекти за прекугранична соработка-Србија и Македонија

Министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, рече дека новата програма поддржува иницијативи кои поттикнуваат размена и меѓукултурна соработка.

Европската унија е целосно посветена на членството на Србија и Македонија во Унијата и затоа поддржува проекти за прекугранична соработка, беше речено денеска во Врање на презентацијата на првиот повик за предлози за проекти за прекугранична соработка, во вредност од 5,4 милиони евра во рамките на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), на која присуствуваа министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, српската министерката за евроинтеграции, Тања Мишчевиќ, градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ и шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жиофре, јави дописникот на МИА од Белград.

-Повикот во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III) беше отворен на 5 септември, а сите потенцијални корисници имаат рок до 22 октомври да достават предлози кои преку овој проект ќе бидат кофинансирани од ЕУ со 5,4 милиони евра, соопштија од српското Министерството за евроинтеграции.

Министерот за локална самоуправа на Македонија, Златко Перински, рече дека новата програма поддржува иницијативи кои поттикнуваат размена и меѓукултурна соработка.

-Програмата нуди можност за соработка во туристичкиот сектор на помалку развиените подрачја со оние подрачја кои се поразвиени, изјави Перински, се наведува во соопштението.

Министерот Перински изјави дека ИПА III изнесува 8,4 милиони евра, но дека на овој повик за проекти ќе бидат достапни 5,4 милиони евра.

-Тие пари ќе бидат поделени на два тематски приоритети - вработување и прекугранична социјална инклузија со 2,9 милиони евра, односно поттикнување на туризмот со 2,43 милиони евра, појасни Перински.

Српската министерката за евроинтеграции Тања Мишчевиќ рече дека од 2001 година, ЕУ има дадено повеќе од четири милијарди евра грантови за Србија и за Западен Балкан.

-Ваквите проекти за прекугранична соработка имаат за цел да ги промовираат добрососедските односи и да работат на нивно подобрување, имаат за цел да ја промовираат европската интеграција, но најважна цел е да се подобри социјалниот и економскиот развој на терен, каде што тоа најдобро се гледа, рече Мишчевиќ.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре, рече дека вредностите на ЕУ се демократија, мир, слобода, посветеност на соработката, дијалог, просперитет и правда.

-Унијата е посветена на членството на Србија и Македонија во ЕУ и сакаме да ја зајакнеме нивната прекугранична соработка, како начин за исполнување на заедничките цели за доброто на сите граѓани и со тоа зајакнување на патот кон просперитет и мир, рече Жиофре.

Градоначалникот на Врање, Слободан Миленковиќ, рече дека Врање има намера да аплицира со проекти од областа на туризмот на проектите за прекугранична соработка со Македонија.

Мишчевиќ, Перински и Жиофре ќе посетат и три проекти во Врање кои беа реализирани во рамките на програмата за прекугранична соработка Србија - Македонија и Бугарија - Србија.

Меѓу нив е и посетата на Јавното комунално претпријатие Комрад во чии рамки се реализираше проектот „Подобрување и заштита на здравјето на луѓето и животната средина преку намалување на ризикот од загадување преку ефикасно управување со отпадот“. Проектот опфати соработка со четири јавни комунални претпријатија, меѓу кои Комрад од Врање и три различни општини во Северна Македонија, а опфати мапирање и чистење на диви депонии, уредување на зелени површини и обука на околу 1.400 лица.

Министрите на Србија и Македонија ќе го посетат Јавното претпријатие Водовод Врање, кое е вклучено во реализацијата на проектот „Зајакнување на меѓународните односи меѓу Република Македонија и Република Србија со заедничка цел за подобрување на животната средина“.

Почнува театарскиот Фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип

 На сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип вечерва во 19 часот почнува 12. издание на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Кристина Атанасова Арсова на денешната прес-конференција истакна најмладата публика вечерва на отварањето на Фестивалот „Малиот принц“ ќе ја проследат претставата „Книголандија“, во изведба на ансамблот на Народниот театар Штип (НТШ).

-Во вторник во 12 и во 13.30 часот за нашите најмали првачиња од основните училишта решивме да и направиме едно изненадување, да им покажеме дека театарот е нивни пријател, не треба да го заборават, туку почесто да го посетуваат. Затоа што во театарот навистина има интересни игри и едукација, покрај образовниот систем. Затоа за нив утре ќе организираме „Театар на сенки“, според сликовницата „Касни порасни“ на Петре М.Андреевски, а всушност оваа претстава ни доаѓа од Детски креативен центар МКЦ. Исто така нашите актерки од НТШ ќе спроведат една работилница „Изработување на маски“, со цел децата да научат како ние ги изработуваме театарските маски, вели Атанасова Арсова.

На Фестивалот за деца и млади „Малиот принц“ најмладата публика ќе може да проследи вкупно пет тетарски претстави, гостуваат театри од Куманово, Битола, Скопје и од соседна Бугарија. Фестивалот се затвара на 19 септември со претствата „Приказни по телефон“ во изведба на актерите од Здружение за уметности и култура „Водолеј“ - Р. Бугарија. Сите претстави почнуваат во 19 часот, а цената на билетите е 100 денари.

Наскоро еден директор на цел Клинички центар и спојување на неколку болници

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска најави дека наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар, како и дека неколку болници ќе се спојат со здравствени домови.

Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот микроскоп во државната Очна клиника, Таравари потсети дека кога бил министер за здравство во 2017 година разрешил околу 30 економски директори. Неразрешени останале, рече, уште 10 до 15.

Според Таравари, има јасна анализа колку пари чиниле старо-новите советници кои претходно биле економски директори.

-Еден директор приближно примал плата околу 1 500 евра, па пресметајте. Но, наскоро ќе има еден директор на цел Клинички центар и неколку болници ќе се спојат со здравствени домови. Мислам дека сумата е значајна и со тие пари место да ги добива некој што може да биде одговорен во администрација на Клиниката, да не биде директор, би плаќале повеќе инвестиции во здравството, нови апарати, нови згради, реновирање клиники и јавни здравствени институции,... Целта беше таа, не е од сега таа цел. И во 2017 година кога бев министер за здравство разрешив сигурно околу 30 директори, останаа уште 10 - 15 неразрешени, истакна Таравари.

притисни ентер