Јуниорскиот светски рекордер на 100 метри Асинга доби четири години суспензија поради допинг

 Светскиот рекордер на 100 метри до 20 години Исам Асинга е дисквалификуван поради допинг.

Деветнаесетгодишниот атлетичар од репрезентацијата на Суринам е суспендиран на четири години, соопшти независното атлетско тело АИУ. Во јули тој беше позитивен на забранетата супстанција GW1516.

Асинга се обиде да докаже дека допингот влегол во телото поради бонбоните за џвакање „Gatorade“ (кои се користат како додаток во исхраната за спортистите). Но, дисциплинското тело не ја прифати оваа верзија.

Во 2023 година, Асинга постави светски рекорд меѓу јуниорите до 20 години на трката на 100 метри. Тој патеката ја истрча за 9,89 секунди на првенството на Јужна Америка. Овој резултат, како и две победи на континенталниот шампионат ќе бидат поништени.

Според „Асошиетед прес“, тркачот има намера да поднесе жалба на дисквалификацијата до Судот за спортска арбитража (CAS).

In memoriam: Почина новинарот Иван Андреевски – Маче

Синоќа на 77 годишна возраст ненадејно почина новинарот Иван Андреевски – Маче. 

Роден е во 1947 година во Доленци, Демирхисарско.

Андреевски својата кариера ја почнува во Радио Телевизија Скопје, веднаш по завршувањето на факултетот за политички науки во Белград во 1971 година, како новинар во документарната редакција, работејќи на репортажи, документарни филмови и фељтони. Бил директор и одговорен уредник во Радио Телевизија Скопје од 1986 до 1990 година, бил ангажиран и како дописник на Ројтерс, Радио Слободна Европа и Јутел, а своевремено член и претседател на Советот за радиодифузија. Продолжува да ја гради професијата Македонската радио телевизија, основач е на скопската програма и утринската програма на МРТ.

Од 1997 до 2006 година бил претседател на Здружението на новинари на Македонија, а добитник е и на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“.

Погребот ќе биде на 21 јуни, во неговото родно село Доленци.

ОН: Во 2023 година за 72 проценти зголемен бројот на цивилни жртви во конфликтите ширум светот

 Бројот на цивилни жртви во вооружените конфликти ширум светот минатата година се зголеми за 72 отсто, изјави денеска Високиот комесар за човекови права на ОН, Волкер Турк.

Тој посочи дека алармантно е зголемен бројот на убиени жени и деца во споредба со 2022 година.

Според податоците на ОН двојно е зголемен процентот на убиени жени во 2023 година, додека бројот на деца жртви е трипати поголем. /МИА

Собранието гo избра составот на Буџетскиот совет на Собранието

 Собранието на денешната петта седница ги избра составите на Буџетскиот совет на Собранието и на Советот на Собранискиот канал.

За претседател на Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија е избран Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието, а за заменик-претседател Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет. Членови на Буџетскиот совет се избраа пратениците - Бојан Стојаноски, Ели Панова, Игор Здравковски, Лидија Петковска, Халил Снопче, Фатмир Битиќи, Ељми Азири, Илир Хасани и Борислав Крмов.

За претседател на Советот на Собранискиот канал е избран Јован Митревски, актуелен потпретседател на Собранието. За членови на Советот на Собранискиот канал се избраа пратениците - Ели Панова, Марија Митева, Благица Ласовска, Санарда Имери-Стафаи, Аднан Азизи, Бобан Карапејовски, Горан Мисовски, Даниела Николова, Дијана Тоска и Илир Демири. За заменици-членови на Советот на Собранискиот канал се избраа пратениците - Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Драгана Арсова, Имрлије Салиу-Фетаи, Садик Сулејмани, Даниела Белимова, Митко Белимова, Митко Трајчулески, Бисера Костадиновска Стојчевска, Рина Ајдари и Сали Мурати.

Во рамки на денешната пленарна седница беше потврдена оставката на Сеат Личина поднесена на 23 април 2024 година од функцијата член на Регулаторната комисија за домување. Исто така, на оваа седница беше констатиран престанок на мандатот на Валентина Димовска од функцијата на Државниот совет за превенција на детско претстапништво заради исполнување на условите за старосна пензија.

притисни ентер