Канал 5 дознава: СДСМ предложил заеднички листи со ДУИ, се чека одлуката на Aхмети

Талат Џафери од ДУИ да биде премиер сто дена пред избори, а координаторот на СДСМ, Јован Митрески нов претседател на Собранието, е најверојатната варијанта за техничката влада, објави попладнево „360 степени“.

Канал 5 доби потврда од извори во СДСМ дека овој предлог бил ставен на маса, од нивна страна, на последниот состанок со ДУИ, но од Мала Речица се уште не добиле одговор на понудата..

Аргументите на Бихаќка се дека со ваквото решение, би се постигнал баланс во распределбата на врвните функции во власта, ДУИ не би имала и премиер и претседател на парламентот во исто време, а во случај да не се избере шеф на државата, в.д. претседател би бил етнички Македонец…

На последниот состанок на коалиционите партнери, според информациите на Канал 5, СДСМ излегол и со понуда за настап со заеднички листи на парламентарните избори, но и за ова се уште не добиле одговор од Ахмети..

Изет Меџити даде отчет за сто дена Влада

Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити денеска даде отчет за сработеното во стоте дена Влада. 

На новинарско прашање кажа дека борбата против загадениот воздух е приоритет број еден.

Кавадарчанка пријавила напад врз малолетниот син во угостителски објект со стаклени предмети

Кавадарчанка пријавила дека нејзиниот малолетен син бил нападнат во угостителски објект со стаклени и други предмети, информираа денеска од СВР - Велес.  

- Утринава во 04.10 часот во ОВР - Кавадарци, 45-годишна кавадарчанка пријавила дека во угостителски објект, нејзиниот малолетен син бил нападнат со стаклени и други предмети од И.С. и други лица меѓу кои биле И.И., Ф.П., С.Л, Т.П. и Д.М. Исто така, во 04.30 часот во ОВР - Кавадарци, кавадарчанецот П.Т., на возраст од 22 години, пријавил дека додека бил во угостителскиот објект, бил удрен со стаклен предмет од И.С, соопштија од СВР - Велес.

Оттаму појаснија дека претходно, во времето од 01.45 до 02.00 часот во градот, полициски службеници ги привеле О.П.(20) и И.С.(21), двајцата од Кавадарци, како и Ќ.П.(25) и Д.К.(25), двајцата од Неготино, затоа што пред угостителски објект во Кавадарци го нарушиле јавниот ред и мир. Додека полициските службеници преземале службени дејствија, малолетник од Неготино ги попречувал, по што малолетникот бил лишен од слобода и приведен во полициска станица.

- Се преземаат мерки за целосно расчистување на настаните, додадоа од Секторот за внатрешни работи.

Оттаму информираа исто така дека во 04.00 часот во ОВР - Кавадарци, 20-годишна девојка од Кавадаречко пријавила дека во близина на спортска сала „Јасмин“ во градот, по расправија со нејзиниот поранешен партнер К.К.(19) од неготинско село, настанала физичка пресметка. Од страна на К.К. истиот настан бил пријавен и во ОВР - Неготино. По документирање на настанот, ќе бил поднесен соодветен поднесок.

- Вчера, пак, во 14.30 часот, полициски службеници од ОВР - Кавадарци го лишиле од слобода М.Т.(31) од кавадаречко село, затоа што во семејниот дом физички ја нападнал неговата 52-годишна мајка. М.Т. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител, соопштија од СВР - Велес.

По документирање на настанот, против него ќе била поднесена соодветна пријава.

По обилните дождови во дел од општините има проблем со водата за пиење

Обилните дождови кои паднаа во делови на Македонија изминатите денови, направија посериозни проблеми со водата за пиење.

Па така, водата во Гостивар не е безбедна за секојдневна употреба, покажале најновите физичко-хемиски и микробиолошки анализи.

В.д. градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани за Канал 5 истакна дека направиле две испитувања, кои покажале различни резултати и дека присуството на манган во водата не е толку големо. Иако, според него водата не претрпела големо загадување, советува – граѓаните да бидат претпазливи и да почекаат до утрешниот ден, кога ќе добијат најнови резултати за состојбата на водата.

Сличен проблем имаат и струмичани, кои неколку дена немаат водата за пиење. Според АХВ, присуството на манган во водата е високо и по земените мостри, утврдено било дека целиот систем бил контаминиран.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов смета дека главниот проблем е техничката вода која ја купуваат од АД „Водостопанство“

-Имено, ЈПКД„Комуналец“ – Струмица спроведе истражување за примарната и секундарната водоводна мрежа, заедно со филтер станицата со сите процеси за прочистување на водата и согласно добиените резултати нема детектирано никаков проблем. Повторно укажувам дека проблем е техничката вода којашто ја купуваме од брана „Турија“, односно од АД „Водостопанство“.-Костадин Костадинов, градоначалник на О. Струмица

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) му наложиле на ЈКП „Комуналец” од Струмица да спроведе нови мерки, односно механичко чистење и хлорирање.

притисни ентер