Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија шампионската титула

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија шампионската титула, откако вечерва во Битола го совладаа Пелистер со 78-67 и ја добија финалната серија во плејофот со максимални 3-0 во победи.

За МЗТ Скопје Аеродром ова е петта шампионска титула во серија, а вкупно 11 во клупската историја. Двете последни титули кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ги освојуваа токму во финалето против Пелистер и двапати го кренаа шампионскиот пехар во салата во Битола.

Баковиќ и Гилон беа најефикасни вечерва во составот на тимот од Аеродром со по 15 поени, додека Костовски и Мијовиќ го предводеа битолскиот состав со по 19 кошеви.

Наградата најкорисен играч во финалната серија му припадна на капитенот на МЗТ Скопје Аеродром, Дамјан Стојановски, кому ова му беше вкупно петто МВП признание во финалниот плејоф

ОН: Во 2023 година за 72 проценти зголемен бројот на цивилни жртви во конфликтите ширум светот

 Бројот на цивилни жртви во вооружените конфликти ширум светот минатата година се зголеми за 72 отсто, изјави денеска Високиот комесар за човекови права на ОН, Волкер Турк.

Тој посочи дека алармантно е зголемен бројот на убиени жени и деца во споредба со 2022 година.

Според податоците на ОН двојно е зголемен процентот на убиени жени во 2023 година, додека бројот на деца жртви е трипати поголем. /МИА

Собранието гo избра составот на Буџетскиот совет на Собранието

 Собранието на денешната петта седница ги избра составите на Буџетскиот совет на Собранието и на Советот на Собранискиот канал.

За претседател на Буџетскиот совет на Собранието на Република Северна Македонија е избран Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието, а за заменик-претседател Сања Лукаревска, претседател на Комисијата за финансирање и буџет. Членови на Буџетскиот совет се избраа пратениците - Бојан Стојаноски, Ели Панова, Игор Здравковски, Лидија Петковска, Халил Снопче, Фатмир Битиќи, Ељми Азири, Илир Хасани и Борислав Крмов.

За претседател на Советот на Собранискиот канал е избран Јован Митревски, актуелен потпретседател на Собранието. За членови на Советот на Собранискиот канал се избраа пратениците - Ели Панова, Марија Митева, Благица Ласовска, Санарда Имери-Стафаи, Аднан Азизи, Бобан Карапејовски, Горан Мисовски, Даниела Николова, Дијана Тоска и Илир Демири. За заменици-членови на Советот на Собранискиот канал се избраа пратениците - Љупчо Пренџов, Тони Јаревски, Драгана Арсова, Имрлије Салиу-Фетаи, Садик Сулејмани, Даниела Белимова, Митко Белимова, Митко Трајчулески, Бисера Костадиновска Стојчевска, Рина Ајдари и Сали Мурати.

Во рамки на денешната пленарна седница беше потврдена оставката на Сеат Личина поднесена на 23 април 2024 година од функцијата член на Регулаторната комисија за домување. Исто така, на оваа седница беше констатиран престанок на мандатот на Валентина Димовска од функцијата на Државниот совет за превенција на детско претстапништво заради исполнување на условите за старосна пензија.

Ијан Меккелен паднал од театарска сцена и се повредил

Сер Ијан Меккелен, последниве десетлетија познат по улогите во „Господарот на прстените“ и „Икс-мен“, паднал од сцена за време на театарска претстава во Лондон.

Британскиот глумец наводно се сопнал од реквизитите и потоа почнал да вика од болка, пишува „Дејли мејл“.

„Помогнете ми, моите раце...“ - повторувал Меккелен (85) во театарот „Ноел Кауард“, каде што глумел во „Кралски игри“ (Player Kings). Лекарите од публиката му пришле на помош, а набрзо пристигнала и брзата помош којашто го пренела глумецот в болница. Публиката беше изведена надвор од театарот со известување дека претставата е откажана. Од театарот потоа соопштија дека Меккелен се чувствува добро и се очекува брзо закрепнување, но додадоа дека, „за да му се даде време за одмор“, следната претстава што требаше да се одржи - е откажана.

- Сите беа преплашени кога тоа се случи, поради неговата возраст се плашевме дека тоа може да биде смртоносно за него, изјави еден посетител.

Инаку, претставата „Кралски игри“, со приказна сместена во Англија во раниот 15. век, игра во истиот театар до јули, а потоа треба да гостува низ театрите ширум Велика Британија. /МИА

притисни ентер