Кожувчанка горд поддржувач на Кошаркарската Федерација на Македонија

Кожувчанка договори соработка со Кошаркарската Федерација на Македонија.

Со оваа соработка што денеска и официјално ја објавуваме, Кожувчанка станува горд поддржувач на Кошаркарската Федерација на Македонија

Кожувчанка со новото партнерство обезбедува значајна поддршка за КФСМ за да поттикне нови успеси и значајни заеднички победи на сите македонски национални тимови под капата на кошаркарската федерација.

-Веруваме дека македонската кошарка има потенцијал, сила и моќ во себе за да поттикне покрај спортски успех и националната гордост на нашата држава.

Тоа да бидат успеси на многу деца, кои што ќе се определат за овој спорт, со одговорност и дисциплина, на нови генерации кошаркари и кошаркарки, на сите нас кои што заеднички ќе изградиме уште подобри услови за спортот во земјава. Ние и нашите партнери од федерацијата сме сигурни и убедени дека во иднина нашите кошаркари и кошаркарки ќе дадат се од себе за да ја вивнат и вратат македонската кошарка во нови височини и одново да покажеме дека припаѓаме меѓу најдобрите во Европа.

Посакуваме успех, нови победи и со голем оптимизам гледаме на оваа соработка, но најважно за нас е дека повторно ја потврдуваме нашата вредност, одговорност и квалитетот кој што го имаме и го градиме речиси 30 години како компанија – истакна генералниот менаџер на Кожувчанка, Јанинка Чупаркоска.

- Нашата федерација добива партнер во докажан пријател на спортот и партнер кој низ годините наназад активно е вклучен во развојот како на спортот така и во многу други и голем број на организации, активности и настани, се со цел да се промовираат и прослават успехот, вредностите и напредокот. Веруваме дека овој спонзорски договор ќе донесе успех и среќа за сите нас – истакнапретседателот на КФСМ, Перо Антиќ.

Општествената одговорност како еден од императивите на работењето на Кожувчанка и Кошаркарската Федерација на Северна Македонија има за цел да ја потврди посветеноста на двете институции и оваа соработка во создавањето на една убава приказна со мотив и желба за нови победи.

Околу 100 единици крв обезбедени од царински службеници за Денот на Царината

Донирање крв значи спасување нечиј живот. Ние во Царинската управа секојдневно се бориме за безбеден живот како дел од нашите заложби за заштита на општеството и безбедноста на граѓаните. 

Околу 100 единици крв беа донирани од страна на царинските службеници во рамки на овогодинешната крводарителска акција којашто Царинската управа секоја година по повод Денот на Царината - 14 април ја организира заедно со Црвен крст и Републичкиот завод за трансфузиологија. Крводарителската акција се спроведе во просториите на Царинската управа како и во центрите за трансфузиологија во Битола, Охрид, Струмица, Кавадарци, Штип и Велес.

„Донирање крв значи спасување нечиј живот. Ние во Царинската управа секојдневно се бориме за безбеден живот како дел од нашите заложби за заштита на општеството и безбедноста на граѓаните. Хуманоста и општествената одговорност се дел од приоритетите на Царината и моралните вредности на царинските службеници.

Во рамки на крводарителска акција организирана по повод Денот на Царината – 14 април, над 100 вработени во Царинската управа донираа крв. Традиционално царинските службеници повторно ја покажаа својата хуманост и грижа за здравјето на граѓаните “, велат од Царинската управа.

Царинска управа

Последен ден од изборната кампања пред парламентарните избори во Хрватска

Учесниците на изборите за хрватскиот Сабор официјално можат да ги претстават своите програми и кандидати денеска до полноќ, кога почнува дводневниот изборен молк, а два часа пред полноќ почнуваат изборите за Парламентот во странство, во Австралија.

Изборниот молк во Хрватска ќе трае до среда, 17 април, до 19 часот, односно до затворање на околу 6.500 избирачки места, пренесува Хина.

На почетокот на изборниот молк, 17-дневната официјална кампања ќе заврши пред изборите, кои наместо в недела, овојпат се одржуваат в среда, а на кои се кандидираше претседателот на Републиката Зоран Милановиќ oд листата на СДП, како кандидат за премиер. Негов главен ривал е актуелниот премиер Андреја Пленковиќ од владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ).

Аналитичарите очекуваат дека ХДЗ ќе победи на изборите, но и дека партијата нема да може сама да формира влада, додека ако СДП се обиде да формира влада, ќе и бидат потребни партнери од десницата.

Социјалните, економските и надворешнополитичките прашања беа на маргините за време на кампањата, иако ХДЗ на Пленковиќ долго време беше предмет на критики поради бројните корупциски скандали и злоупотребата на фондовите на Европската Унија. Иако Пленковиќ негираше вмешаност на партијата во скандалите и изјави дека платите во Хрватска пораснале за 8,6 отсто во однос на 2023 година, а земјата забележала економски раст од 2,8 отсто, многу повисок од просекот во ЕУ, довербата на гласачите сепак опаѓа.

Последните анкети покажуваат дека ХДЗ, проевропска десничарска партија која ја водеше земјата независно или во коалиција 26 од скоро 33 години откако Хрватска прогласи независност, може да смета на 60 места во 151-члениот парламент - шест помалку од претходно.

СДП може да смета на три пратеници повеќе отколку што има сега - 44 наместо 41, покажуваат анкетите.

Самиот Милановиќ предизвика вознемиреност, главно на меѓународната политичка сцена, противејќи се на зголемувањето на помошта за Украина, за разлика од повеќето членки на ЕУ, а понекогаш настапуваше и со отворени проруски ставови, наведува Би-Би-Си.

Предизборната игра се вртеше околу имињата на претседателот на републиката и премиерот, чиј конфликт веќе неколку години е во центарот на хрватската политика.

Кога Милановиќ на 15 март објави дека „дојде време да се оседлаат коњите“, објавувајќи ја својата кандидатура за премиер на изборите на 17 април, предизвика вистински земјотрес на хрватската политичка сцена.

Уставниот суд набрзо му забрани на Милановиќ директно учество на изборите и премиерска кандидатура се додека не поднесе оставка од претседателската функција, што до ден денес не го сторил.

Милановиќ најави катарза и „запирање на хрватската трагедија“, а од СДП главно ја обвинуваа ХДЗ за корупција.

Премиерот Пленковиќ претходно го нарече Милановиќ „скриен лидер на опозицијата“. Сето ова што се случува е обид за мини пуч, злоупотреба на институциите“, рече тогаш Пленковиќ.

Право на глас на 17 април ќе имаат 3.733.283 хрватски граѓани, што е за 127.000 или три отсто помалку од претходните парламентарни избори во 2020 година.

Тие се поделени во вкупно 12 изборни единици: 10 се распоредени на територијата на сите окрузи во Хрватска, 11-та е гласот на дијаспората, а 12-та е составена од гласачи на националните малцинства.

Во секоја од првите 10 изборни единици, во парламентот се избираат по 14 пратеници, додека три мандати избираат дијаспората и Хрватите кои живеат во Босна и Херцеговина, а осум доаѓаат од редовите на партиите на Србите и другите малцинства.

Во 11 изборни единици пријавени се вкупно 165 листи, а од малцинските листи има уште 17 кандидати.

Се избираат 151 пратеник, па за мнозинство во хрватскиот Сабор потребно е да се добијат 76 мандати.

Прелиминарните резултати ќе бидат познати веќе во текот на изборната ноќ.

Макрон: Франција ќе направи се за да се избегне ескалација на конфликтот Израел - Иран

Франција ќе направи се што е во нејзина моќ за да се избегне ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.

Франција ќе направи се што е во нејзина моќ за да се избегне понатамошна ескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран на Блискиот Исток, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

Тој го повика Израел да се воздржи од каков било одговор.

„Загрижени сме поради можна ескалација“, изјави Макрон за француски медиуми.

Иран истрела стотици беспилотни летала и балистички проектили врз Израел во текот на ноќта во саботата како одговор на наводниот израелски напад врз иранскиот конзулат во Сирија на 1 април.

„Ќе направиме се што можеме за да избегнеме ситуација што ќе се разгори, ќе ескалира“, рече Макрон, повикувајќи го Израел да се обиде да го изолира Иран наместо да ја ескалира ситуацијата.

притисни ентер